March 26, 2017

Збогум Вулверин

Колку години опстојува X-Men филмската франшиза, седумнаесет? Веројатно во некаков облик ќе тера уште повеќе. Но, што е првото на кое ти текнува кога ќе помислиш на овие филмови, освен осцилациите во нивниот квалитет? Ќе претпоставам дека е Хју Џекмен како Вулверин. Дури и кога ќе помислам на Вулверин, прво ми се појавува жолтиот костим од стриповите, па потоа Хју Џекмен со бура во уста и бела "бијем жену" маица. Некогаш ми текнува и на  лошите компјутерско-генерирани канџи од X-Men Origins: Wolverine, но за тоа другпат. Поминати се доволно години за ликот да го асоцираш со актерот што веќе муабетите за тоа дали кастингот бил добар или не, полека ја загубија поентата.

Хју Џекмен беше најдобар во тоа што го правеше, но како и сè останато, и ова си го истера својот рок на траење. После четириесет или колку и да се веќе филмови, Вулверин го заокружи патувањето во овогодинешниот едноставно насловен, Logan. Можеби не беше секогаш централниот дел од нив, меѓутоа го крадеше громот дури и со појавување од неколку секунди. И, како за крај на една ера, ликот кој беше предводник на еден нов суперхеројски филмски бран, доби достојно испраќање, многу подобро отколку што можев да замислам и посакам. Секоја чест. Аплаузот е заслужен.


Ништо не можеше да ме спреми за Logan, дури бев скептичен и повеќе од вообичаено што знам да бидам. Каков реално можеш да бидеш после два шашави Вулверин филмови што стануваат полоши со секое гледање? Од првиот Вулверин ми остана само лошата сцена со Дедпул борбата, додека од The Wolverine имам сеќавања кои едвај би можеле да се склопат во трејлер. Но, Logan е различен. Не само поради R рејтингот (фала Deadpool филму за ова) кој допушта конечно да се разлетаат крв и црева кога Вулверин ќе набоде некој, туку и успешното дистанцирање од начинот на кој досега се правеа овие филмови.

Концентриран на три-четири ликови, Logan e повеќе приземјена драма наспроти спектакуларна акција. Темпото овозможува наративот да ја прегрне оваа форма и да се создаде веројатно најнесуперхеројскиот филм од сите суперхеројски филмови. Понекогаш повеќе личи како да го дели универзумот со најчовечките моменти од Little Miss Sunshine, отколку со X-Men: Apocalypse. И, тоа одлично функционира до степен да единствената замерка ми е тоа што Логан никогаш не запали пура во филмов.

Дејствието е сместено во 2029 кога мутантите се на раб на истребување. Ксавиер со годините го губи разумот и контролата врз сопствените моќи, а Логан полека станува жртва на адамантиумско труење. Освен тоа што е уморен од тоа што го правел поголемиот дел од животот, неговиот регенеративен фактор го нема истиот интензитет и решен е да ја прифати сопствената смртност. Но, се појавува мало девојче мутант со моќи слични на неговите, чиј опстанок зависи од него. Нема да навлегувам во спојлери, ама мислам дека е очигледна насоката во која се движи филмот. 

Веројатно е единствен филм од овој тип покрај трилогијата на Нолан, кој ме качил да ме повози на емоционален ролеркостер. Не ми е јасно само зошто им требаше волку време за да создадат нешто вакво. Возможно е секаде, но очигледно сметаа дека полесно се продаваат костимирани суперхерои кои се борат со армии безлични компјутерски-генерирани непријателски ботови. Logan навлегува во суштината на ликовите, нивните причини и мотиви и најпосле нуди некаква човечка и емотивна перспектива за припаѓањето и важноста на семејството, нешто што речиси целиот живот овие ликови не успеале да го искусат поради тоа животот ги турнал кон друг избор. Нешто што секогаш беше дел од X-Men филмската франшиза, но третирано малку ...поинаку.

После ова збогување, се надевам дека X-Men филмовите ќе си најдат друг лик што ќе им го осветлува патот. Секој обид да се врати Вулверин или па Хју Џекмен скраја да е, би било вршење гнасна нужда врз сè што е Logan. А, секоја научена лекција од овој филм може да биде чекор напред кон отстапување од бајатиот суперхеројски шаблон. Можеби е време и Marvel Studios да почнат да се коцкаат вака, зошто нивната комфорна зона е одамна досадна.

No comments: