Заврши The Boys. Не се ни брзав да ја седнам последнава петта сезона, ама ја пуштив во недостиг на други серии што можам да ги следам полузаспан. Дури и чекав епизода за епизода секоја недела. Со The Boys се разидов некаде во трета сезона. Тука некаде почна да вергла во место со приказната, а даде приоритет на занимавање со дневна политика и шокирање на публиката со евтини штосови. Само гњавиш со коментари кои со тек на време ќе изгубат контекст. Цела четврта сезона значително се наслони на ова. Малку поодмерено пакување немаше да штети, ама изгледа толку се можело. Шармот од првите две сезони одамна испарил, а и смешките поретко функционираат од тогаш.
Се осети промената кај многу од ликовите, најизразено можеби кај Хомлендер. Комплетно е сведен на карикатура во петтава сезона, со малку траги од тоа што го правеше таков застрашувачки антагонист. Сега сакаа само да му се потсмеваме и да го сожалуваме, a такви му се и постапките воглавно. Многу е глупо што и The Boys паднаа во истата дупка сосе повеќето ствари од актуелната мејнстрим забава. Заморно е одамна, неоригинално, сите веќе го направија и очигледно вакво ограничување одзема од просторот за креативност. Не мора сите да бидете политичка сатира, дечки.
Никогаш не ги видовме последиците од неговото "станување господ" кое беше во главен фокус сезонава и како тоа се одразува врз Америка и светот. Немаше ни ситна реакција онака од народ, на Vought Rising ли отишол буџетот за статисти и сетови? Цела сезона во две соби снимена. Баш гледав дека маркетингот ветувал комплетна ескалација, има и постер со него како лебди над уништени градови, ама ни од тоа ништо не се случи. Гранка не се заниша. Хомлендер се фокусираше исклучиво на маркетинг и самопромоција наместо да рокне нешто. Мислев ќе завршат на некоја таква спектакуларна нота. Толку беше пасивна сезонава што на моменти тешко беше да се поверува дека е последна. Епизоди како таа со Сет Роген, Вил Форте и екипата многу повеќе би пасувале во сезона што не е последна.
Хјуи нема никаков прогрес од втора сезона навака, уште е истиот лик. Во ниедна наративна нишка веќе не е потребен, ама бидејќи и самата приказна често се врти круг, некогаш и нема да го приметиш неговиот статус кво. Последниве две сезони можеа да тераат без Хјуи и немаше да приметиме. На исто ниво е со Блек Ноар, само со повеќе време на екран. Скоро сѐ што направи сезонава можеше да го износи било кој друг лик и да има подеднаков ефект. Ама што да очекуваш од сценаристи кои после две сезони пумпање на Сејџ во главниот наратив, не знаеа ни саглам да ја отпишат, а не па да ја направат корисна во кулминацијата.
Исто и Рајан. Му измислија син на Хомлендер кој има слични моќи и не е баш наклонет кон татко му, тоа беше и еден од раните пресврти во серијата. Ќе си речеш дека би имал некоја позначајна улога во финалната пресметка, ама сезоната и него го подзаборави. Имаше огромен потенцијал, а испадна само уште едно средство преку кое сценаристите сакаа да нагласат колку е Хомлендер лош. Наместо да потрошат време на ликовите што ги влечкаа сезони наназад и не добија соодветна разврска, упорно се појавуваа некои нови. Кои беа жити сѐ тие двајцата газовите што си ги душкаа? И тие да не беа од спинофот? Ако веќе користиш ликови од друга серија, потруди се бар малку да ги запознаеш со публиката што нема гледано тоа. Или уште подобар предлог, воопшто не одземај од времето на главните ликови со некои вакви.
Фајркрекер и Еј-Трејн се редок пример за аркови што некако океј се заокружија. Кај Еј-Трејн можеби не доволно за да се оправда сѐ што направи низ серијата, ама патот до неговото искупување беше солидно напишан и темпиран. Дури и да не му го купиш херојството, неспорно е дека е спакувано многу подобро во споредба со другото што се понуди сезонава. Интересно беше да се види и како ја расклопија Фајркрекер како личност пред да ја добие заслужената мизерна смрт. Откако го шитна попот, јасно беше дека ова е единствениот фер исход за неа. Вакви моменти ја прават серијата добра. Штета што со многу ликови некако ја истенчи врската помеѓу нив и публиката, бар јас така некако се осеќам.
Верувам дека не е лесно да завршиш серија, особено ваква популарна која има широка публика и очекувањата би биле најразлични. Тешко е да им угодиш на сите, секогаш ќе има такви на кои едноставно нема да им се свиѓа и тоа е тоа. Меѓутоа, овде веќе не станува збор за наративно како се затвори, туку колку падот на квалитет се одрази врз целиот впечаток. Нема да се сложам ни со тоа дека е од брзање. Негрижата кон основните елементи кои ја направија толку привлечна е тоа што придонесе за ваков килав резултат. Бев крајно задоволен со тоа како Бучер конечно му ја отвори главата на Хомлендер со хебла, ама дур да дојде до таму беше подосадно отколку што заслужи да биде. Дури и актериве некако безживотно ја истераа сезонава. Чест на исклучоците ко Карл Урбан и Ентони Стар.
Тапа што вака се разделуваме со The Boys, ама очигледно Амазон нема целосно да се отарасат од нивниот свет. Приквелот Vought Rising пристигнува уште догодина. Gen V ќе прескокнам. Чим не ме завлече до сега, веројатно нема ни во иднина, ама на ова може ќе му дадам шанса некогаш. 1950-ти сетингот ми делува интересно, плус со ликови како Солџер Бој чиј потенцијал The Boys можеби и не го искористи во целост. Џенсен Аклс е феноменален во улогата, па баш ме интересира дали може уште нешто да извлече од ликот. Само после ваква сезона и финале на The Boys, некако е тешко да се има големи очекувања.