Во последно време успешно ја избегнувам оваа чума од продолженија, римејци и рибути што е малку иронично зошто откако ќе го објавам овој пост за мојот омилен филм од 2017 што е исто така продолжение, ќе ја гледам новата епизода на новото Prison Break. Но, да речеме дека спијам помирно навечер со фактот дека нема да платам карта за вториот Guardians of the Galaxy или Alien: Covenant. Веројатно нема ни да ги гледам откако ќе ми станат нелегално достапни. Да не задремував пред да навлезам во долга дискусија зошто, сигурно ќе понудев неколку аргументи во моја полза, ама и онака на никој не може да му е помалку гајле. Меѓутоа со новиот John Wick ситуацијата е нешто поинаква, така што можеш сега да си земеш столица.
Продолжението на John Wick не ги користи елементите од првиот дел кои тимот за истражување на пазарот ги подвлекол како највпечатливи за публиката како основа, ниту пак се обидува во целост да го емулира. Нема бебе Грут и не е римејк на сам себе. Барем не толку за да биде безобразно очигледно. Сè уште се чувствува свеж пристап на не толку оргиналната формула или можеби тоа што не сум толку бескрајно накурчен кон тоа што го претставува филмот ми создава некое такво расположение.
Последниот пат кога го видовме поранешниот озогласен платеник Џон Вик, ја спроведуваше неговата насилна одмазда кон тие што му го убија кучето и му ја украдоа колата, притоа пркосејќи на неговата страсно посакувана пензија. Ги испотепа сите на различни креативни начини со кул музика во позадина, но филмот не откри што точно се случи со стариот Форд Мустанг. John Wick: Chapter 2 отвора баш со одговор на тоа прашање кој доаѓа во форма на испукани куршуми во телата на преживеаните руски мафијаши. Ќе си помислиш дека конечно после ова заминува во пензија со новото куче и болката кон изгубената жена, но не. Успешни филмови имаат продолженија кои не му дозволуваат на Џон да земе воздух.
Но, што можеш да му направиш на човек кој веќе нема што да изгуби, ги убил во одмазда тие што му згрешиле и едноставно повеќе не го гледа убивањето на луѓе за пари како лукративен бизнис? Запали му ја куќата до темел. Нека не му остане ниту една слика од мртвата сопруга, ниту еден физички спомен. Ќе се врати ти се наебе на сè што имаш пред да успееш да му го изустиш прекарот. Овој пат Џон си има работа со италијанци кои се дел од организацијата на која тој припаѓал додека му течел стажот како платеник. Првиот дел тој свет го изгради како врвно организирана мрежа со сопствени кодекси на однесување и делување, посебни валути и "продажни места" за нивно трошење, па продолжението се повикува на еден таков елемент.
Имено, двајца колеги може да си дадат крвна гаранција дека доколку едниот побара услуга, другиот не може и не смее да ја одбие. Правила си се правила. Да ги немаше ќе живееме со животните, зарем не? Но, Џон одбива една таква услуга зошто прилично е сериозен во намерата да живее помирен живот и таа одлука повторно ќе му ги извалка рацете. Дали веќе го кажав ова погоре, ама со други зборови? Баш како што филмот ја раскажува приказната од првиот, ама со други зборови? Хм, можеби сепак треба да заќутам и да го изгледам Alien: Covenant деновиве.
Сепак, John Wick: Chapter 2 успева да фасцинира. Толку е интензивен што немаш време да размислуваш за репетитивноста на формулата. Визуелно е исто така импресивен, Чед Стахелски се потрудил да има конзистентност во стилот. Сакав да верувам дека правецот на филмот ќе оди во некоја насока поблиска до Kill Bill 2 и покрај тоа што првиот дел за запечтаи приказната на некој начин, но сум задоволен со ова што е. До сега од репертоарот за 2017 не успеав да изгледам ништо подобро. Оргиналниот аспект доаѓа од продлабочување на подземниот свет во кој оперираат платените убијци од колегиумот на Џон Вик и повторно е суптилно за природно да се вклопи во овој нашиот. Дури и кога обични граѓани игнорираат разменување тупаници и куршуми на костумирани раскрварени луѓе на јавен простор.
Дали ќе биде спојлер ако кажам дека во филмот го има и Лоренс Фишбурн? Сериозно, не го памтам трејлерот, можеби го имаше и таму, ама неговата појавување кај мене предизвика нечовечки крици од возбуда. Верувам дека е присутен тука само за да застане до Кијану Ривс, но за жал или за среќа, Стахелски се воздржал од The Matrix референци. Ги чекав, цело време ги чекав. Не е некој филм што се доживува себе толку сериозно за да не може да помине некоја суптилна фора, но ете, не го направија тоа.
Без разлика на тоа како завршува филмот, Џон Вик нема долго да е во пензија. Веќе е најавен трет дел, а верувам додека не се претвори серијалов во нешто како Taken, ќе го цепаат со многу, многу продолженија. А, зошто веќе имаат и опширен свет изградено околу Џон Вик, ништо чудно седмиот дел во 2024 да има нов главен лик. Не го направија веќе тоа со Борн? Ете, гледаш како можело.
No comments:
Post a Comment