May 22, 2016

Х-Mеn: Аpocalypse (2016)

Првата реакција на некој од последните трејлери за X-Men: Apocalypse ми беше некоја варијанта на "Зошто не сме сите паднати на земја со пена од уста на ова?". Изгледаше толку грандиозно и стегнато што за момент заборавив на една многу важна ствар. Никогаш не дозволувај надежта да дојде од трејлери, освен ако не се за Warcraft филм. За среќа, немав ни многу време да претам на под од возбуда и големи очекувања, и покрај тоа што Days of Future Past некои моменти ги погоди толку добро и немаше да биде чудно доколку влезев во кино така понаострен. 

Почетокот на X-Men: Apocalypse е стварно воодушевувачки. Преплетот на митологијата од вистинскиот свет со оној каде што мутантите го дишат истиот воздух е маестрален. Основата за "најголемиот" X-Men филм до сега е толку добро поставена што не знаеш на кој египетски бог попрво да му се заблагодариш. Дали е Брајан Сингер египетски бог можеби, кој после шестнаесет години од почетокот на оваа филмска франшиза нашол начин како да ѝ даде вечно место во кинематографската историја? Па, не баш.


Тој велелепен почеток на филмот трае долго. Всушност никогаш не ни завршува. X-Men Apocalypse е два саата почеток. После еден саат кога си ги избришав лигите од кратката дремка, уште почнуваше. Ен Саба Нур не беше почнат со уништување на светот кој од некоја непозната причина толку многу му пречеше, Ксавиер уште имаше фризура како Зијадин Села и Санса продолжи да биде Џин Греј. Сериозно, од Фамке Јансен спаднавме на Санса Старк сега? Разбирам дека е популарна и дека Брајан Сингер се грижи само машките да му се убави во филмовите, ама брату, не ме заебавај. Санса Старк Џин Греј? Некогаш убавината мора да биде надворешна, озбилно. 

Му реков на Наум да ме разбуди кога филмот ќе стане интересен. Се разбудив на сцена со Квиксилвер каде што пак времето е забавено како во Days of Future Past и практично се одвива истата ситуација само што трае многу подолго, безуспешно обидувајќи се да ја повтори магијата. Тука некаде станува јасно дека X-Men: Apocalypse има многу повеќе од една слепа улица каде што е изгубено темпото, динамиката и акцијата. 

Ликови со кои Брајан Сингер не успеал да ја прогресира приказната во моментот, се тргнати на страна и не прават ништо. Ги снемува или стојат во место. Кога ќе се појават, практично го прават истото што го правеле во сите претходни филмови со едвај нешто свежо и интересно за да не потсети дека ги гледаме во поинаква ситуација. Новите варијанти на некои што првпат се појавуваат во овој млад ресетиран универзум апсолутно не прават никаква разлика. Најткролер и Ејнџел се само неискористен потенцијал што тапка во место и ја чека "финалната битка". А, и самиот Апокалипс ги повторува истите реплики, иако ова му е првото филмско појавување. И, колку пати Професорот треба да го потсети Магнето дека има добро во него? Не беше доволно во филмов, па мораше и со флешбеци од претходните?

По една фина акциона сцена некаде во втората половина (единствената до таа точка на филмот), X-Men: Apocalypse го враќа истото неподносливо темпо каде што гради за самото финале. Тоа пак е од оние што најмногу ме нервираат. Нели престанаа да прават такви битки? Разрушен град, десетина костимирани скокаат и рипаат насекаде, камерата се движи премногу брзо за да можеш да се фокусираш на било што, CGI партали летаат насекаде и на крајот добрите победуваат. Ужас. Влегов во кино со коса. За споредба, на младиот Ксавиер му требаа три филма за да му падне.

Види такоѓе: 

No comments: