May 10, 2023

Два пати го гледав Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves

Претпоставував дека после три очајни Dungeons & Dragons филмови низ овие дваесетина години следниот ќе добие малку попристоен третман. Со толкав буџет и такви поскапи актерски имиња на список, беше очигледно дека целите на Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves се поамбициозни. Затоа и ми беше најпривлечен од сите овогодинешни блокбастери. Да се разбереме, не е The Lord of the Rings. Ни продукциски, ни тонално, ни било како. Меѓутоа, го гледав два пати во рок од една недела, па ќе заклучам дека си ја исполнува намерата да биде два саати чиста забава сместена во Forgotten Realms светот.
 
Мило ми е што се решиле на ваков лежерен пристап за Honor Among Thieves. Секако можеш да го скрпиш и ова како сериозна епска фантастика, меѓутоа со оглед на природата на изворниот материјал одлично функционира и вака позафркантски. Не е пародија во никој случај, само онака умерено и пријателски се зеза со некои клишеа и како таков е супер. На крајот е само филм, а не саботна D&D сесија кај баба ти во доградба.

Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves наоѓа начин за соодветно да го долови амбиентот на role-playing играта. Архетипските ликови често се однесуваат како друштво обични играчи кои се преправаат дека се дел од некаков магичен свет, што природно се рефлектира преку дијалозите и импровизациите, а "коинциденциите" кои ги вадат од некои критични ситуации се речиси еквивалентни на добро фрлена d20 коцка. На било кое друго место ова би личело на расклатена неумешна нарација, ама во Dungeons & Dragons филм е сосема адекватно. Дури и хуморот супер лепи во овој контекст.

Режисерите и сценаристите се истите што го имаат пишувано Spider-Man: Homecoming, па очигледно го разбираат ритамот на модерниве блокбастери, барем оние елементи што што ги прават добрите марвелски филмови функционални. Иако Honor Among Thieves не е баш истата формула, има некои моменти што можеби се препознаваат како сродни. Замисли, ова го кажувам како комплимент во 2023, ама озбилно постоеше едно време пред Avengers: Endgame кога таков филм носеше во себе некакви квалитети.

Забавна авантура е. Ги има сите зандани, змејови, магични артефакти, лоши волшебници и сè она што можеш да го посакаш од една ваква "кампања". Тоа што добар дел од филмот е сниман на вистински локации е уште еден фактор што го прави да биде и визуелно привлечен и да изгледа природно. Не е онаков пластичен и евтин како претходните Dungeons & Dragons филмови. Нормално, не ги заобиколува стандардните експлозивни CGI повраќаници, меѓутоа е доволно воздржан за да не ти го одвлекува вниманието со нив. 

Можеби единствена ситна замерка ми е изборот на актери. Крис Пајн и Мишел Родригез се одлични и очигледно и тие се забавуваат со материјалот, ама често не успевав да ги одвојам од ликовите што ги толкуваат. Повеќе ќе ценев некои непознати актери за истите ликови, ама изгледа продуцентите мислеле дека Крис Пајн и Мишел Родригез имаат некаква поголема пазарна вредност. Крис Пајн има доволно харизма за да го износи филмот со главна улога, ама на крајот пак некако го гледаш Крис Пајн, а не бардот Едгин. Среќа што Honor Among Thieves знае како да ги заигра ликовите меѓусебно, па затоа и замерката ми е онака тривијална.

Ме радува тоа што жанрот доби еден ваков свеж примерок што не настојува да е следниот The Lord of the Rings или Game of Thrones, туку си има сопствен стил и темпо. А, не ни има многу ствари за гледање од овој жанр за жал, особено не вакви блокбастери што си ја разбираат функцијата. Види што е моментално достапно за гледање од "големите" филмови и ќе те фати срам. Се надевам дека Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves ќе биде доволно успешен за франшизата да добие уште една шанса со нов филм. Не мора директно продолжение, комотно може да се извози друга приказна со други ликови.

Ова докажува дека уште е возможно да направиш забавен филм што нема да те малтретира со глупости додека си фрлаш чипс во фаца. Дури и кога визијата е веројатно повеќе студиска отколку режисерска. А, докажа и дека можеш да склопиш солидна фокусирана адаптација на постоечка интелектуална сопственост која поеднакво ќе биде ефективна за тие што се претходно запознаени со материјалот и тие што можеби за првпат се среќаваат со истиот. Камо среќа ова второво малку да го разбереше и оној Warcraft филмот од 2016.

No comments: