Девеести меѓудругото, беа флипери и Нинџа Желки во секаков медиумски облик. Немаше флиперница на времето без онаа оригиналната Teenage Mutant Ninja Turtles игра. Доколку ја немаше таа, тогаш сигурно ја имаше Turtles in Time, а ако немало ниедна тогаш си одел на погрешно место на флипери. Таа првата на Konami ја имаше и за Нинтендо и за речиси сите тогашни системи што можеа да пуштат игра. Ја плескавме и по дома, ама ништо не можеше да ја долови графиката на аркадната верзија.
Толку сум приврзан со овие игри, како и за еден тон други ствари што ме правеле среќно дете, па воопшто не беше тешко да ми ја продадат новата Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge што излезе летово и изгледа скоро идентично како тие флиперските. Океј, уште не ми ја продадоа, ја чекам на некој попуст зошто не ми се даваат 25 евра за толку кратка игра и покрај тоа што одамна си ги заработувам "петденарките". Ја собрав преку алтернативни канали. Полневме пиратски флиперници со жетони и тогаш, ај сега.
Иако ја сакам речиси секоја итерација на Нинџа Желки, засекогаш ми се омилени оние од првата анимирана серија од 1987. Со тие растевме, собиравме албум со сликички, имавме по некоја играчка, па дури и едни тренерки што цело маало ги носеше. Секоја генеција си има свои Нинџа Желки и тоа ми е прејако. Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge е со тие моите Нинџа Желки од пред триесет и кусур години. Најлесно е да ми ја протнеш таа носталгија и среќен сум што овој пат доаѓа во пооригинално издание наместо како ремастер на некоја од старите игри.
Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge и покрај некои модерни елементи што на времето биле ограничени од тогашната технологија, изгледа и се осеќа како никогаш измеѓу да не постоеле современи игри. Многу од тоа се должи и на визуелниот стил секако, многу е поиздржлив од не знам, стилот на игри за оригиналниот ПлејСтејшн што е повеќе како еволутивен чекор отколку крајна форма на одредена технологија. Не верувам дека денес можеш да продадеш тазе 3D игра со пет полигони, без оглед на тоа колку носталгија евоцира. Затоа имаме саглам ремастер на раните Resident Evil игри наместо Лара Крофт со шпицести цицки.
Неверојатно колку добро и мазно е изведена Shredder's Revenge. Графиката, дизајнот на стазите, звукот и самиот гејмплеј. Имаш повеќе различни удари на располагање кои одлично парираат на непријателите кои се различни на секоја стаза. Пак е задржана "примитивноста" на оригиналните игри на Konami, ама има еден куп варијации што совршено природно се вклопени што едвај ќе приметиш дека играш игра објавена во 2022. Како таква, целосно си ја остварува намерата. Уште појака е со двајца. Бутате пица залежани и кршите прсти на контролери. Онлајн може и до шест играчи, ама не верувам дека е приближно интересно како залежани на бинбег со друштво.
Изненаден сум и колку знае да биде предизвикувачка играва. Пази, и старите игри се така дизајнирани. Да пикаш жетони од пет денари, да поиграш минута две пред да те утепаат, па да не јадеш тој ден на голем одмор за да имаш за уште два-три жетони. Тука имаш опција да искусиш нешто слично преку arcade mode, секако без делот со гладување, ама дури и кога ја играш обичната кампања каде што "животитe" не ти се лимитирани, Shredder's Revenge воопшто не те штеди. Единствена замерка ми е што е некако кратка, можеш да ја пројдеш цела за неколку саати, ама па и тие оригиналните не беа нешто подолги.
Алал за Tribute Games како успеале да го доловат духот на старите Konami игри. Дури ги собрале и оригиналните актери од анимираната серија за уште еднаш да го позајмат гласот на Желките. Не дека ќе го приметев тоа без да го прочитам, мене Димче Мешковски, Чоре, Дади и Колозов ми се Нинџа Желки, ама кул е што ги донеле така да се позезаат. Па, и за самата музика ќе налеташ на имиња како Мајк Патон, Гоустфејс Кила и Рејквон. Одлично е.
Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Reveng, колку и да е добра, не е игра што ќе ја играш секој ден. Мислам, ќе ја изиграш еднаш сам колку да си ја почешаш носталгијата и можеби нема да ја пуштиш никогаш пак, ама повеќе забава ќе ѝ ја исцедиш ако играш со друштво. Не знам ни дали има подобра Нинџа Желки игра од ова или модерната колекција со старите, така што веројатно ако ти се игра нешто од оваа франшиза, изборот е очигледен. А, додека сум на оваа TMNT тема, приметив дека за скоро шеснаесет години колку што е блогов онлајн, никогаш не сум пишал за оригиналните Нинџа Желки филмови или серија и тоа мора да биде поправено многу наскоро.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment