Мразам кога мора да почнам пост со просеравање за кино, ама мислам дека вчера си научив добра лекција. Милениум, веќе не е кино. Дури и со бесплатни карти, не верувам дека ќе стапнам таму пак. Веќе не се ни трудат. Салата е загушлива и со седум луѓе, оштетен е делот каде што оди преводот (кој иако не го ни читам, ваквата состојба пречи и штрчи), платното делува изгужвано и 3Д наочарите буквално се распаѓаат. Криво ми е кога ќе мора да гледам добар филм во такви услови. Верувам ова е последниот пат.
X-Men: Days of Future Past, да си кажам уште одма, е најдобриот X-Men филм после X2. Ако ова е последниот филм во кариерата на Брајан Сингер, заминува со култно дело и покрај тоа што можеби светот ќе го памти по лошо. За филмов, седнал и го извлекол најдоброто до сега. X-Men филмската франшиза не е нова, универзумот е веќе етаблиран, па овој правец некако ми е логичен, особено по First Class кој лично ми се допадна. Не сум запознаен толку добро со изворниот материјал на First Class, меѓутоа целата приказна, ликовите и актерите ми го прават филмот максимално забавен. За Days of Future Past, седнав и си го прочитав стрипот пред гледање, тие два броја.
Иако филмот главната идеја ја влече од стрипот, со ликовите кои стојат на располагање од претходните филмови, просторот за играње околу истата е многу поголем. Овој пат, "иднината им е оставена на младите" (форава ме разболе), кои веќе се докажаа во претходниот, меѓутоа светлото е насочено кон Вулверин кој тука конечно потполно прави смисла. Дури повеќе и од The Wolverine. Целата екипа одлично функционира заедно, нема болно форсирање на ликови, балансот е постигнат секаде. Посебно ме изненади појавувањето на Квиксилвер и сцената која е крајно храбра за да биде дел од филмов, ама е одлично изрежирана и не можеш да не ја сакаш. "Старците" веќе си ја знаат работата, а Сингер донел и некои фаци кои тотално не очекував дека ќе ги видам. Башка, го има Питер Динклиџ и сјае секоја секунда додека е во кадар.
Приказната со патување низ времето ме купи уште на самиот почеток. Никогаш не одбивам таква фикција, без оглед во кој формат е. Фрли X-Men тука, и ете ти добитна комбинација. Малку е? Фрли блатантни Terminator референци, чисто за хумор, пак ќе работи. Иако на многу, многу места дејствието е полно со дупки и нелогичности, некако целата слика ми е премногу симпатична за да би се фатил за ситници. Некои можеби и не се, ама ајде, ќе пројдеме. Филмот не се сфаќа себе толку сериозно како Man of Steel, така што фудбалско игралиште комотно може да биде фрлено околу Белата Куќа без никаква војска да реагира додека се слушне *snikt*. Океј сум со тоа.
Уште една работа што фино ме изненади е умерената акција на крајот. Кога по сите можни клишеа во вакви филмови, треба да биде 30 минути CGI експлозии насекаде. Трејлерот изгледаше како цел филм да е таков, меѓутоа не е толку пренапумпано. Не се сеќавам дека задремав или пцуев, така што ова комотно може да го понудам како валиден аргумент.
Бонус сцената на крај, за која финиот чичко од Милениум го запали светлото (и онака темно се гледа низ 3Д наочарите), беше феноменална. Доколку следното остварување го земе Days of Future Past како репер, верувам дека ќе гледаме уште еден добар X-Men.
No comments:
Post a Comment