Додека светот ја бара тајната на вечна среќа во шашавите сервери на Diablo III, една мала компанија од Нов Зеланд напорно работи на сопствениот коњ за трка. За сите оние кои чекаат (пиратски) емулатор за сервер или да падне Diablo III кутија од небо, тука е онлајн алтернативната, Path of Exile. Играта веќе некое време е во фаза на тестирање, односно затворена бета.
Пред некоја недела дојдов и јас до клуч за тоа бета задоволство, и конечно викендов убаво видов за што станува збор. Во суштина, Path of Exile е еден од многуте клонови на Diablo, кои периодов што доаѓа верувам дека ќе ги гледаме почесто. Барем така изгледа на прв поглед. Контролите се исти, механиката е веќе позната, скроловите за идентификација на опрема и оружја се тука, скролот за телепортација е тука, класите се слични... Но! Path of Exile храбро решава да експериментира со неколку работи. Наместо напитоци за health и mana кои само завземаат простор во тесната торба, постои одделен бар каде што може да се сместат пет шишенца. Шишенцата даваат HP и MP, и кога течноста во нив ќе се потроши се регенирираат. Значи, нема трошење на напитоци, трошење пари за напитоци и слично, туку потрага по поголемо шише. Многу попрактично отколку што звучи.
Другата интересна работа се магиите и способностите. Наместо изучување на истите, низ играта се собираат гемови кои се прикачуваат на оружјето и опремата и служат како магии. Гемовите се левелираат во зависност од тоа колку се користени, а може да се префрлат во секој момент на некое друго оружје. Талентите се претставени преку едно огромно дрво, кои играчот може да го пополнува со секој поен од добиен левел, во зависност од неговиот начин на играње. Квестовите се добиваат во малите градови и попатно низ зоните. Нема валута како злато, туку сè е сведено на размена помеѓу играчите и NPC-јата. Оваа опција моментално функционира одлично, па се надевам дека ќе остане и во крајната верзија.
Иако играта е сеуште во затворена бета, има огромен потенцијал. Убаво е дизајнирана, има многу играчи во секое време, речиси и да нема лаг и нуди апсолутно сè што му е потребно на играч на еден акционен RPG. Во моментов се достапни шест класи, Marauder, Ranger, Templar, Witch, Duelist и Shadow.
Path of Exile ги отвара серверите за јавното бета тестирање во Јуни. До тогаш, можете да се регистрирате за клуч за затворената бета или да почекате некој викенд за стрес-тест.
No comments:
Post a Comment