June 10, 2018

Street Fighter и проклетството на филмските адаптации на видео игри

Раните "лоши" филмски адаптации на видео игри од почетокот и средината на деведесеттите имаат создадено концепт на клетва кој е присутен и денес. Секој филм инспириран од игра се третира како дел од тоа "проклетство" што е веќе заморно да слушаш како следниот конечно ќе го скрши. Филмот излегува, не успева да ја задоволи публиката и мнозинството е согласно дека клетвата е уште во ефект. Со ваква глупост, очекувањата за филмовите од овој жанр се од почетокот подесени. Се очекува да бидат "лоши", па една грешка на филмот е доволна за да биде пречекан од вооружена толпа за линчување, без разлика дали се работи за различна визија на режисерот и публиката или едноставно невешто пренесување на идеите од еден медиум во друг. 

Super Mario Bros. (1993) е филмот што ја има создадено репутацијата на жанрот, a подоцна следуваат Street Fighter (1994), Double Dragon (1994) и Mortal Kombat (1995) кои во никој случај не придонеле таа да се подобри. Претпоставувам дека тогаш на студијата не им било грижа за квалитетот на содржината туку повеќе се надевале дека препознатливоста на брендот ќе биде сама по себе доволна за успех. Луѓето што работеле на нив никогаш претходно не адаптирале игри, ниту пак знаеле за каква публика ги прават. Често си земале голема креативна слобода, а некогаш и самите студија инсистирале на трупање ствари кои мислеле дека ќе ја задоволат гејмерската клиентела. Иако повеќето од овие рани филмови остварувале огромен профит, критичарите често ги сместуваат на листите на најлоши на сите времиња.


Street Fighter II играта беше огромна работа и кај нас кога бев дете. Немаше флиперница без некоја од нејзините неколку официјални верзии. Ван Дам исто беше многу популарен, па кога не дремеш во флиперница кај што те чадат осмоодделенци со цигари, го гледаш Street Fighter филмот со него дома на телевизија или пукаш некоја кинеска пиратска верзија од играта на Нинтендо. Да, се вртеа неколку дискети со Street Fighter игри кои изгледаа различно од секоја друга. Како мал секако дека уживав во филмот. Сите го гледавме имало денови кога само тоа била темата на муабет по флиперниците. Како што растев полека сфаќав колку е лош, додека во меѓувреме флиперниците умираа заедно со пиратската содржина на телевизија. Во тинејџерските денови  пробав да го гледам пак и не ми беше толку забавен, ама веројатно имав подобра занимација отколку носталгичарење за нешто што и не било толку одамна.

Деновиве го гледав пак после години и години. Далеку е од најлошиот филм на сите времиња. Опште земено, доволно е лош за да си ја заслужи репутацијата, ама истовремено е толку забавен што лесно можеш да му ги простиш сите проблеми. Толку појма немале што прават со филмов што ми е исклучително симпатично. Capcom како сопственици на Street Fighter се мешале во секој аспект од продукцијата, а најмногу во кастингот. Биле решени Ван Дам да е Гајл (мислам дека првпат го нарекувам ликот Гајл, секогаш го викавме Гиле), па идејата Белгиец да глуми американски патриот е смешна уште од сам старт. Освен тоа, на Вам Дам побитно му било да ја натопорува Кајли Миног додека шмрка бело отколку да се замара со филмот.

Пола буџет од филмот отишол на Вам Дам и Раул Хулија, кој патем е единствениот актер во филмот кој не месечари низ сцените, па Стивен ДеСуза потоа морал да ги исполнува ликовите со евтини полупрофесионалци. Capcom во обид да промовираат серија играчки слична на G.J. Joe, секоја недела инсистирале да се вметне уште еден нов. Затоа и повеќето што се појавуваат во филмот и имаат некаква реплика се ликови од играта. Дури и телевизиската екипа е составена од хавајски Хонда, Чан-Ли и Балрог. На ДеСуза му се посреќила оскудната приказна од играта, па практично можел слободно да ги тера глупостите на Capcom со ликовите.

Колку и да е шкартно сценариото, има еден момент кога можеш да видиш дека го пишувал истиот човек што е потпишан на Die Hard. Бајсон кога ѝ се враќа на Чан-Ли со (парафразирам) "Денот кога ти го запалив селото беше најбитниот ден во твојот живот. Мене ми беше вторник" е фора што зборува за тоа колку е способен ДеСуза доколку не му се мешаш во работата. Верувам дека и на него му било скурчено. Пола продукција веќе се распаѓала на крај, се снимало на различни локации во исто време, додека Џулија се борел со рак и умира месец дена по снимањето. Сите во некоја етапа се заканувале со отказ, додека студиото најмувало тип што требало да го држи Ван Дам настрана од брлавштини, ама и типот за брзо му се придружил на журкањето низ Тајланд.

Кога ќе ги видиш сите овие работи во продукцијата и како испаднал филмот на крај, нема шанси да не ти биде забавно. Capcom пробуваат да го објават филмот до Божиќ, а цела екипа се жали на храната во Тајланд. Општ хаос. Додај ја носталгијата тука и нема подобра адаптација на игра од ова. Бајсон има закачено портет од него инспириран од кловнот Пого на Џон Вејн Гејси психопатон, колку може да е позабеган филмов? Хаос. Ако сакаш да гледаш "вистинска" Street Fighter адаптација, тогаш веројатно побезбеден избор е она Assassin's Fist. Не сум го гледал уште, ама да речеме дека верувам на добрите зборови.

Што се однесува до "клетвата", глупост е да се лепи таа етикета на сите адаптации на игри. Таков е жанрот, веројатно никогаш нема на сите да можеш да им угодиш. Чудно е како секогаш толку голема група на луѓе е разочарана. Озбилно, што треба да се случи за да се прекине со тоа? Знам дека е забавен маркетинг за да си го продадеш и онака лошиот мрзливо направен филм, ама до кога ќе трае? Можеби самото адаптирање на игра во филм е покомплексно поради субјективното искуство, ама ако може да функционира и за стриповски адаптации кои се малку оддалечени од изворниот материјал како е возможно тука толку често да се потфрла? Кога станува подобро? Кој е крив за ова? Уве Бол? Сè некако ми е страв дека оваа стигма е тука да остане, па макар го добиле и Pacific Rim на жанрот.

Види такоѓе:

No comments: