Баш вчера изгледав една убава
видео ретроспектива на
Warcraft III. Играта поради која буквално трчавме после школо накај дома и утредента прераскажувавме кој што направил и до кај стигнал. Неверојатно искуство. Не ни имавме саглам интернет по дома во тоа време за да се испотепаме меѓусебно. Ја преигрувавме кампањата и плескавме ботови. Тоа онлајн распуцавање дојде нешто покасно. После неколку години се појави
World of Warcraft, па се испонавлековме и на тоа. Други заглавија и на оригиналната
DotA, мод за
Warcraft III од тој период.
Цело тоа Warcraft искуство беше така фино додека Близард не се трансформираа во Активижн Близард, па некако случајно или не, постепено љубовта за правење на квалитетни игри почна да спласнува. Види денес каде е оваа компанија што некогаш владееше со индустријата. Креативно пресушена, со секојдневни скандали за сексуално вознемирување, преправа и уништува стари култни наслови, ја препакува и продава истата игра по трет пат и мисли дека тие што останале да им ги даваат парите ќе играат човеколики гуштери догодина.
Нема ни да коментирам за минатонеделната најава за Diablo Immortal и смешниот PC порт. Ќе почекаме до јуни да видиме колку јадно ќе биде тоа. Ја гледав денешната најава за мобилната Warcraft игра. Единственото добро е како до последен момент успеаа да ја држат во тајност. Разбирам дека пазарот за мобилни игри е исклучително лукративен и јасно ми дека Активижн Близард сакаат и од таму да мацнат. Тоа ми е сосема разбирливо. Но, во исто време имам нула доверба и многу ниски очекувања од оваа компанија, па бев спремен за вакво фијаско. Не можев да не го гледам ивентот. Како два слупани возови е, не можеш да тргнеш поглед.
Дури и самите ивенти им се тажни и трагични како новиве игри. Јасно им е дека публиката веќе не им е наклонета како некогаш, па ризик е да собереш толпа народ на нешто како BlizzCon овие денови. Публиката денес има многу повеќе причини од Diablo Immortal за да ги исвирка и посрамоти. Сега игрите ги најавуваат онлајн со неколку девелопери несреќници што мора да се кикотат и глумат возбуда седнати на маса со претходно научено сценарио. Од онакви помпезни спектакуларни најави за експанзии до двајца окезени дебилци што едвај чекаат да си одат дома да си го обноват линкдинот.
Стварно ли е толку популарно тоа
Clash Royale што еве Активижн Близард после пет години вадат нивна верзија од истото? Од толку многу позабавни опции и прилика за иновација, со ова ли ќе им ги земаат парите на кинеските деца или кој и да ги игра овие игри? Еднаш веќе
закаснија со MOBA игра, не очекував дека втор пат истото ќе го направат. Искрено, ќе бев донекаде задоволен со pet battle игра што е синхронизирана со тој
Pokémon систем веќе присутен во
World of Warcraft од
Mists of Pandaria навака.
Ова не знам што е, не ме ни интересира. Изгледа како секоја втора мобилна игра што ми се појавила како реклама. Можеби само презентацијата беше ужасно лоша, а можеби сум само премногу возрасен за жанров и играње игри на мобилен уред што не се
Magic: The Gathering Arena. Се надевам дека
Warcraft Arclight Rumble ќе си ја најде сопствената публика. Верувам дека постои, ама јас не можам да се видам заседнат во веце како кликам врз минијатурен Трал и неговите армии.
Тажно ми е да ги гледам Близард во оваа состојба. Особено кога вчера пак се потсетив на
Warcraft III и колку добри игри правеа некогаш. Сум се крстел во нив, куќна слава ми е Илидан Стормрејџ. А, сега само низа разочарувања без надеж за опоравување. Еве, дури и
Dragonflight да е стварно добра, пак треба претпазливо да пристапиш и да се помолиш дека oвојпат луѓе со здрав разум и стремеж за квалитетна игра ги направиле правилните одлуки. Јеби га.
No comments:
Post a Comment