April 13, 2022

Не се одвоив од Severance

Кој вика дека немало нови добри серии? Особено серии напукани со заебани мистерии, тензии, интриги, пресврти и параноја? Јас викав. Цел месец март додека прегледував Lost дрндав за тоа како нема ништо ново забавно, а истовремено недела за недела се прикажувала можеби најдобрата серија за 2022. Не знам како успеав да ја пропуштам и да ја дознаам дури минатиов викенд, баш откако заврши. Од една страна, деновиве не се одвоив од тие девет епизоди и тоа беше супер, меѓутоа од друга некако знам дека подобро ќе ме извозеше доколку чекав и си ја трескав главата до следната епизода.

Severance има презабавен концепт. Серијата се врти околу Лумон, една крајно сомнителна корпорација чии вработени хируршки си ги имаат раздвоено сеќавањата помеѓу нивниот приватен и професионален живот. Додека се на работа немаат никакви сеќавања за животот надвор од таму, ниту сопственото име не си го памтат. Чим заврши работното време, излегуваат од канцеларија и не се сеќаваат што правеле таму и што воопшто работат. Дури ни колегите не си ги препознаваат. 

Вработените во Лумон имаат само осумчасовна дупка од работниот ден кога ќе дојде 17:01 или некоја минута повеќе. На сите ни се случило некогаш, ама не до волку. Конташ каде оди серијата со метафората за капиталистичкиот кошмар? Не знам колку идејата може да има искрен бунтовен ефект додека се прикажува на AppleTV+, мислам еве дај му ја серијава на некој што склопува ајфони во фабрика да видиме што ќе каже, ама е доволно привлечна за нас попривилегираните белци да ја коментираме од удобноста на нашите топли домови.

Централен лик во Severance е Марк С. Внатре е посветен и послушен работник што штрака нешто на компјутер, некакви бројки што ни ние не знаеме што се. Никогаш немал сомнеж во тоа што го работи, битно е менаџерите да се среќни. А, кога се тие среќни им дозволуваат и на вработените да послушаат и музика малку. Една песна неделно, ама по сопствен избор. Марк надвор од Лумон не знае ништо за компанијата и живее прилично тажен живот. Причината поради која што ја прифатил процедурата е што жали за трагичната смрт на неговата сопруга. Тие осум часа на работа му помагаат буквално да заборави на тоа.

Еден ден во неработниот живот на Марк се појавува негов поранешен колега, за кој Марк нормално не знае надвор од работа, што некако успеал да ја поправи процедурата на одвојување и да ги врати сите сеќавања. Сеќавања кои нормално сведочат за вистинските хорори во Лумон, нешто што и ние како публика го дознаваме како што тече серијата. И, тоа не онакви хорори од секојдневието кога менаџментот се труди да те убеди дека "сите на работа сте како една голема фамилија" или ви се заблагодарува со бесплатна пица еднаш месечно за почитта кон "вредностите на компанијата", туку нешто многу поголемо и пострашно. Нема да навлегувам низ спојлери, ќе мора да си видиш.

Интересно е како серијата знае симпатично да ги хиперболизира тие мали компаниски штосови за да ги држиш вработените помалку несреќни. Пример, кога им даваш пенкалца и ранци со компаниски логоа да се идентификуваат со нивната работна персона и да имаат пусто чувство на припадност. Ништо поубаво од создавање компаниски култ, нели. ИТ секторот добро знае за ова. Такви финти од книги за менаџирање има еден куп во Severance, меѓутоа многу поголеми работи се во фокус. Ова е само некој поспореден лајтмотив што само ја збогатува целата слика.

Severance има предобра кинематографија и дизајн на сетовите со кои одлично погодува една исклучително дистописка нота. Палетата на бои е ладна и стерилна, за ефективно да ја долови работната средина која се стреми да ги деперсонифицира вработените. Некогаш изгледа како лош сон од кој Вес Андерсон се разбудил препотен. Ретро-футуристичката технологија и естетика е феноменално вклопена, да не си во можност ни времето ни местото да го одредиш на овие непријатности. Општата конфузија е целосно присутна, а ова како визуелен фактор дополнително помага за сето ова да изгледа комплетно отцепено од секаква реалност.

Серијата е и преполна со мистерии. Глупо е да споредувам со Lost, ама свежо ја гледав, па ќе морам. Исто како и во Lost, гледаме два паралелни животи на ликовите, има мистериозни бројки, има кози наместо поларни мечки, има присуство на голема злобна компанија за која не знаеме многу, како и пресврти што нема да ги очекуваш иако ако прегледаш пак ќе приметиш дека серијата ти оставила трошки за да ги одгатнеш. 

Дури и надвор од серијата има начини да се забавуваш, ете се појавило некакво си писмо што открива детали и создава нови прашања. Не е формулата на Lost, меѓутоа неизбежна ми е споредбата баш поради некои сличности. Не се стреми намерно да е "новата" Lost секако, ама некако си наоѓа уникатен начин да создаде сличен амбиент. Финалето на сезоната е едно од најдобрите што сум ги видел во последниве години.

Препорака, најсериозно. Има и одлична, квалитетна актерска банда. Адам Скот, Кристофер Вокен, Џон Тортуро, Патриша Аркет - сите се тука и феноменално функционираат во овој сетинг. Не знаев која е Брит Лауер до серијава, ама крајно сум изненаден од нејзиниот актерски распон. Дефинитивно пријатно изненадување. Имај на ум дека сите од овие актери имаат практично два ликови и супер се снаоѓаат со нив. Еве, ако нешто значи, Бен Стилер е режисер на шест од овие девет епизоди и тоа е уште една причина да бидеш запрепастен.

Severance е скоро завршена, па за следната сезона ќе треба да почекаме барем година. Доволно време за да се изгледа барем уште еднаш. Ме интересира како публиката ќе се занимава со серијата до втората сезона и колку продуцентите ќе помогнат кон тоа со материјал измеѓу. Потенцијалот на серијата е стварно огромен, можностите за приказната се неограничени и искрено се надевам дека за разлика од Lost знае кај тера и дека ќе дочекаме уште позабегани сезони.

No comments: