April 16, 2022

Лабаво со Lost Ark

Не мислев дека ќе ја дочекам Lost Ark за западен пазар. Барем некако си замислував дека ќе има европски сервери кога ќе сум во длабока старост и ќе им раскажувам на внуците како дедо им Бојан се напалил на ова корејско MMORPG уште во 2015 и ете конечно пристигнало. Само што Бојан не може сега да ја игра зошто има карпал тунел синдром од други глупи игри. Lost Ark конечно лансираше во фебруари 2022, баш во деновите кога ми се појавија две црвени линии на ковид тест.

Среќа што Амазон се полуспособна компанија, па и воопшто да можев да седам на биро таа недела пак немаше да успеам да влезам во играта. Како и првата недела со New World серверите беа преполни и се чекаа редици со денови. Ќе си помислиш дека Амазон научиле нешто од тоа што им се случи пред речиси пола година, но не. Другата среќна околост е што се само издавач на Lost Ark за западен пазар, па кога беше возможно да се игра играта конечно - перформансот беше беспрекорен. Без глупи багови, без проблеми со конекција на серверите, туку баш онака исполирано и задоволително.
 

Lost Ark си тера така мазно од самиот почеток. Изминативе месеци бројката од милион и кусур играчи е значително опадната, меѓутоа играта е сосема витална, па нема да имаш никаков проблем за консумирање на било каква групна содржина. Со оглед на тоа и самиот MMORPG жанр колку има ослабено на популарност, комотно може да се заклучи дека Lost Ark е една од најактивните вакви игри моментално. И, забавна е. Не е тоа што мислев дека ќе биде, барем што се однесува на самиот гејмплеј и дизајн, ама ете ми гори по некој саат неделно и тоа е доволно за овој тип на забава.

Играта има изометрична камера и веројатно првиот впечаток е дека е некаков Diablo или Path of Exile клон. За среќа, воопшто не е таква. Самиот дизајн повеќе влече кон потрадиционални MMORPG наслови само со интензивен корејски тон. Квестовите се слично дизајнирани како во World of Warcraft, со тоа тука се уште порудиментирани и упростени. Се завршуваат многу побрзо, а некои воопшто не ни мораш да ги правиш бидејќи ти е доволна само главната мисија од одредена територија за да одиш во следната.

 
Општо, гејмплејот е супер. Класите се разновидни, имаш огромен избор што ќе ти пасува на стилот и воглавно забавата доаѓа од таму. Е, за жал, приказната не е толку интересна. Не дека е непостоечка, можеш сигурно да најдеш нешто привлечно, ама како и кај секоj друг корејски MMORPG наслов, презентацијата е некако несмасна и хаотична, па во повеќе прилики некако се решавав да ја прескокнам. Отприлика можеш да видиш што се случува во светот на Lost Ark, ама мене не ми беше доволно забавно за да навлезам подлабоко.

Не ја заиграв којзнае колку интензивно, ама успеав некако да се излевелирам до 50 кога што и всушност "почнува" целата игра, односно ти се отвара групната содржина која е многу повеќе од "убиј X свињи" и "кликни G на Х предмети". Приметив дека ова одби многу луѓе, дури и јас на моменти запнував со прогресот. Играта е така смислена да првите 50 левели се повеќе како долг туторијал за тоа што следува. Тогаш ги учиш главните механики на играта, одиш од територија во територија, собираш работи што уште не знаеш за што ќе ти се, а повремено ќе здрвиш и некој поедноставен данџн. 
 

Знае да биде малку досадно, бидејќи прогресот е строго линеарен. Не само приказната, туку самите територии се физички лимитирани. Светот не е отворен, иако има еден тон места на кои ќе прошеташ. Што е навистина штета. Дизајнот на зоните е еден од најдобрите што сум ги видел до сега во вакви игри, а пак си ограничен со невидливи ѕидови или видливи дрвореди на неколку патчиња. Затоа ми е многу полесно да ја споредам со она Neverwinter MMORPG отколку со било што друго. Lost Ark е секако многу позабавна од тоа, ама пак тоа ограничување на слободата на движење успеа да ме исфрустрира во неколку наврати.

Жалосно е тоа што играта те тера да издржиш пред да се претвори во нешто што ќе ти е забавно секој ден. На 50-ти левел се отвора таа групна содржина што и ја прави играта толку популарна. Имаш chaos dungeons, guardian raids, abyssal dungeons, the cube, boss rush, tower и не знам уште што друго. Групна инстанцирана содржина која е многу, многу повеќе од тоа што ќе го правиш претходно. Тука веќе не можеш да играш без мозок, бидејќи повеќето од овие работи што ти стануваат достапни бараат од тебе солидно да ја познаваш класата што ја играш, да знаеш точно што кога да искористиш и секако добро да се координираш со другите играчи. Пред ова Lost Ark е речиси сингл-плеер игра. 


Тука ти почнува вистинскиот грајнд, собирање опрема и подобрување на истата. Можеш да се акаш и по разни острови со бродовите, да си го уредуваш имотот, да цепаш различни дневни квестови (Una's Tasks), да комплетираш зони... Многу работи има. Некогаш ќе се логирам и не знам што попрво да направам. Светот иако не е физички поврзан, Lost Ark не го баталува комплетно, туку имаш пак некоја причина да се враќаш назад во зоните со помал левел за некаква активност. Некои се стварно толку визуелно добри што едвај ќе чекаш да ги видиш пак.

Во моментов сум на T2 содржина и едвај чекам да видам како е понатаму. Само лабаво. Играта ти ја ограничува дневната групна содржина, па не можеш преку ноќ да прогресираш повеќе од некој што има многу помалку време од тебе. Не бев сигурен за овој дизајн, ама со оглед на тоа колку многу работи можеш да завршиш во еден ден, изгледа баш онака фер. Можеш алтови да левелираш во меѓувреме. Има стварно многу различни класи што ќе сакаш да ги пробаш. Имај на ум дека оваа верзија што ја имаме сега е назад од таа корејската што тера со години, па во иднина доаѓаат уште позабавни работи за правење.
 

Забавно е. Не ми е тоа домаќинското MMORPG што некогаш се надевав дека ќе го имам после World of Warcraft, ама е одличен неделен фикс. Искрено, низ годиниве си замислував дека Lost Ark ќе биде изометричен World of Warcraft клон со отворен свет и сум малку разочаран што не е така. Играта има предобра естетика што би функционирала уште подобро доколку ја имаш слободата на движење како во потрадиционалните игри од жанрот, а е некако суво искористена. Најмногу ми сметаше ова кога сфатив дека не можеш да грајндаш мобови за левелирање, па речиси сите непријатели во отворениот свет ти се важни само доколку имаш квест поврзан со нив. 

Разбирам дека самиот концепт е таков, ама левелирањето е некогаш напорно и досадно поради тоа. Освен тие еднолични квестови, немаш некоја друга алтернатива за до 50-ти левел, а стискање заби за до таму не е секогаш најзабавната активност. Не е ни некој сериозен предизвик, туку буквално со исклучен мозок штракаш и се надеваш дека ќе следи нешто поинтересно. Затоа и ми е тешко да ја препорачам на луѓе што се навикнати на западни MMORPG наслови што имаат барем побогата приказна. Не е ни како Black Desert Online, TERA, AION или Elyon. Нешто сосема друго е. Сепак, ако успее да те закачи нема шанси потрошеното време да ти биде залудно.
 

Знам дека нема да ме држи долгорочно, ама ќе се моткам тука колку да видам што друго има да ми понуди. Не ни имам друга ваква игра за играње што ми е моментално интересна, освен Guild Wars 2. Има уште многу од содржината што уште ја немам видено, па ете грајндам упорно по некој саат неделно за да ми се отвори. Гардијан рејдовите се одлични, па ако сакаш да тепаш џиновски босови со интересни механики, можеш да извадиш квалитетна забава. Наградите што ги добиваш се секогаш важни, па се надевам дека и западниве наслови ќе успеат да украдат нешто. Популарно е и функционира, а баш на некои игри како World of Warcraft би им дошло како фино освежување.

На крајот, Lost Ark е комплетно бесплатна. Чини вкупно нула пари да ја пробаш. Иако има продавница каде што за вистински пари можеш да купиш некои тракатанци што малку ќе ти го забрзаат прогресот, не ти брца онака интрузивно во џеб за да си подобар од другите. Има и козметички ајтеми, па можеш да си купиш разни смешни капи и костимчиња. Ја пукаме неколку луѓе собрани на Crapwerk дискордот, па доколку ти треба друштво за играње или информации за било што од играта - супер местенце е. Јас ги замарам секојдневно со глупи прашања што лесно можам да ги изгуглам и до сега никој не ме испичкарал.

No comments: