February 8, 2015

John Wick (2014)

Џон Вик е поранешен платен убиец за руска мафија, кој по смртта на жена му завршува со мало кученце која таа договорила да го добие кога веќе ќе ја нема. Единственото нешто што Џон Вик го има е баш тоа кученце што група гомнари ќе му го убијат и ќе му ја украдат колата. Баш таа багра кретени, ја предводи синот на поранешниот работодавец на Џон. Што прави брутален платеник на кој му се плашат сите како да е Бетмен откако ќе му земеш сè што има? Тргнува да се одмазди со арсенал оружје и источни боречки вештини.


John Wick е многу повеќе од стандардната одмазничка аркадна акција. На неколку години се појавува по некој ваков филм што ги превртува клишеата наопаку со стилската изведба, издигнувајќи се класи над сите дебилни акции со поранешни WWE ѕвезди, остарени акциони херои и Стивен Сегал. Ова е тоа што своевремено го направија Shoot 'Em Up и првиот Taken. Можеби првата позначајна улога на Кијану Ривс од The Matrix навака, барем прва каде што неговиот предизвикан актерски капацитет си го наоѓа вистинското место. За ладнокрвен лик како Џон Вик, тој единствен дрвен израз на лицето на Кијану е совршен. Дури и кучето глуми подобро од него на моменти, но тоа не значи дека помалку го сакаме. 

Покрај одличната кореографија на сцените каде што Џон Вик ги презентира неговите газокршачки умешности, има и gun fu моменти со кои Дејвид Лиич и Чед Стахелски ја поздравуваат хонгконгшката кинематографија. Ако си помислил дека ги имаш видено сите начини за убивање на човек со пиштол во Shoot 'Em Up, почекај додека Џон Вик репетира. Еј, дури мислам дека и не репетираше воопшто, туку секогаш имаше неколку резервни пиштоли некаде.

Една од најимпресивните ствари во John Wick е тоа што успева да изгради цел свет околу платените убијци од подземјето. Од места за престој каде си поштеден од прашања, само опоменат за бука и со 24 часовна медицинска поддршка, до "резервирање вечера за дванаесет". Ептен фини детали кои го збогатуваат сетингот во кој е сместена приказната и прават простор за смешни забелешки.

John Wick веќе добива некаков култен статус, без оглед на тоа што неподготвената публика за ваков тип филмови го отпишува како евтин и лош. А, не е ништо од тоа. Пред некој ден најавија и продолжение, како дел од поголема франшиза. Да, јасно е дека филм од ваков жанр тешко добива мејнстрим внимание, ама исто така е предизвик и да направиш достоен следбеник. Додека не се обидуваат да го надминат секој можен аспект од првиот дел, со непотребни претерувања, јас сум океј. Не дека има некоја реална поента за развој, но барем не е лимитиран како Taken во однос на материјалот.

Види такоѓе:

No comments: