April 21, 2019

Залезот на MMORPG жанрот

Ми текнува на една статија во некое компјутерско списание од крајот на деведесеттите во која беше опишана некаква игра во која играчите заедно опстојуваат во огромен виртуелен свет и ги здружуваат силите против разни страшни закани. Концептот ми ги светна очите. До тој момент мојата претстава за мултиплеер беше седење на тепих пред телевизор со другарче и пукање Contra на Нинтендо. Не се сеќавам со која игра точно се занимаваше таа статија, веројатно со Ultima Online, ама затоа никогаш нема да го заборавам првиот момент кога конечно и јас стапнав во таков навидум неограничен свет на фантастични прилики.

Азерот ме зема и ме прифати многу брзо. Првата недела немав појма што правам. Бев запрепасен од тоа колку е широк светот и едвај чекав да го прошетам, да видам што има под секое дрво и камен. Трчав околу и мавав во секое суштество што ќе се најдеше на патот на мојата експедиција, се радував на секој играч што ќе го сретнам, а дури еднаш мислев и дека Братството Дефајас во Елвин се играчи од противничката фракција кои ете ми се намерачиле и упорно ме убиваат. Што ли им имав згрешено?  


Прејако чувство и восхит каде што мојот најголем сојузник беше непознавањето на тој свет и неговиот начин на функционирање. Додека да сконтам дека освен стап или меч имам магии и дека преку квестови можам да "наплатам" за десетте собрани чмарови од убиени свињи, мојот Ворлок веќе имаше мноштво незаборавни авантури позади него. Кој можеше да ми замери? Си играв по свој терк, зарем не е тоа целата идеја на MMORPG жанрот?

Со години бев вљубен во World of Warcraft и веројатно уште сум, само што сега се гледаме поретко. Не е тоа мојата игра одамна, ама засекогаш ќе биде симболот на моите безгрижни млади денови и средството со кое повремено безуспешно се обидувам да искусам нешто што повеќе не постои. Доаѓа пролет и јас си барам нов MMORPG наслов кој ќе ме "изгаси" на неколку саати, луксуз кој денес едвај може да си го дозволам. Некогаш дури се логирам и во RIFT, моето прибежиште за деновите кога бев накурчен на WoW, ама и тоа стана наслов кој денес повеќе има шанси да го дочека чичкото што ќе го отштека последниот сервер отколку нова група MMORPG ентузијасти.   

WildStar замина пред неколку месеци, заминаа и многу други, а сигурен сум дека дури и оние кои се базирани на големи франшизи ќе се приклучат за некоја година. Нема нови AAA наслови од жанрот кои наскоро доаѓаат, тие во најава се некои преамбициозни игри финансирани преку Кикстартер. WoW има рекордно најмалку играчи - се шпекулираат околу три милиони. Некогаш најпопуларниот и најексплоатиран жанр, сега е сведен на неколку активни игри. Подостарени како и нивната публика. Иронично, најголемиот MMORPG наслов кој се очекува за 2019 е World of Warcraft Classic. Toa би било сосема поетско затворање на кругот. 

Можеби MMORPG жанрот не е стварно мртов и само така мириса, ама сепак златната ера е завршена. Ги нема веќе ни "убијците" на WoW и компаниите кои сакаат залак од тој профит. Сега битката е фокусирана на battle royale жанрот. A, Blizzard веројатно се ранија сами кога решија да го подарат херојството на новата генерација и да направат секој играч во World of Warcraft да биде "најдобриот". Тогаш и ја одземаа потребата да се комуницира со други играчи во амбиент каде главниот штос треба да е социјализација и соработување.

Искрено, не сум ни сигурен што се случи прво. Дали разгалените деца дојдоа сами и игрите се адаптираа на нивните потреби или обновените механики на игрите создадоа таква шупачка генерација? Дали ние бевме разгалените во однос на тие што биле активни во MUD игри? Во секој случај, денес e многу поисплатливо да направиш една мапа и да фрлиш 100 деца да се пукаат меѓусебно. Сигурно поисплатливо отколку да создадеш широк свет кој може да вдоми многу повеќе играчи без инстантно да ги наградува и валидира туку да им овозможи самите да се потрудат.

Веројатно е природен процес, па ова се соодветните еволутивни деривати на некои MMORPG елементи. Mожеби тоа е главната идеја. Зошто да левелираме со недели за да играме PvP во ендгејм кога можеме да играме battle royale или да се групираме за PvE во игри како Warframe? И, онака повеќето квестови во традиционалните MMORPG-а се досадни и репетитивни. А, и цело време сме вмрежени, па не ни е дојдено до уште една дигитална интеракција со други луѓе и во игри. Можеби е полесно да се испукаме и испцуеме во League of Legends и Fortnite. Не знам, а може сум само стар и старомоден и не признавам целосно некои ствари.

Играм The Elder Scrolls Online oд пред недела дена. Не е Skyrim, не е ни WoW, ама во моментов ми задоволува дел од тој нагон за масивна мултиплеер онлајн фантастика. Знам дека никогаш ниедна ваква игра нема да ми го овозможи чувството на неупатен почетник, ама сакам барем за кратко да поглумам лудило. Да си играм по свој терк, зарем не е тоа целата идеја на MMORPG жанрот? 

Освен World of Warcraft Classic, има уште неколку наслови околу кои MMORPG заедницата се обидува да гравитира. Иако се сомневам во толку скора ренесанса, би бил среќен ако барем Pantheon се појави набргу. Секој ден се менуваат стварите кај некои други игри што се моментално во изработка, а за Pantheon имам малку надеж само поради Бред МекКвејд. Ако некој го разбира овој жанр, тоа е еден од најбитните луѓе зад EverQuest без која  немаше да има MMORPG-а како што ги знаеме денес, а веројатно ни World of Warcraft.

Види такоѓе: 

No comments: