July 6, 2014

Околу Batman: Arkham Origins

Како и претходните Arkham игри, и Origins ја играв последен. Откако сите нели, ја изиграа и продолжија со животот. Исто така, откако деталите ја следната излегоа на површина. Origins ја начекав на летниот попуст на Steam пред една недела. Оној безобразен попуст што го имаат на неколку месеци. што те остава со дваесетина игри (од кои нема да изиграш ни три), празна сметка и ѓеврече за ручек. Океј, лажам за последново. Пун сум кеш, можам да ве купам сите сосе Steam акаунтите. Единствен проблем ми е преполниот хард-диск, ама ќе го регулирам тоа во најскоро време.

Пред неколку години Arkham Asylym направи р'шум. Играта заработи многу, лапна неколку битни награди и остави милиони играчи со намокрен веш. Првата Бетмен игра што успеа да блесне толку многу и да е брилијантна од секој аспект. Заразен гејмплеј, приказна, графика, гласови, сценарио. Пол Дини беше задолжен за приказната, а Кевин Конрој и Марк Хамил за гласовите на Бетмен и Џокер. Следуваше Arkham City, која го наследи квалитетот и го појача со просторот за играње, носејќи го Бетмен на локации каде што претходно немаше стапнато. Генерално, се потпираше на старите функционални и успешни финти од претходникот, со некои нови додатоци во гејмплејот колку да ни укаже дека се работи за нова игра. Како таква, беше совршена исто како кецот.


Arhkam Origins е третото продолжение кое беше објавено лани. Самото тоа што е приквел, некако како да сака да каже дека идеите полека пресушиле, ама па зошто да не се влечеме на старото куче со старите трикови кое е профитабилно? Уште во раната фаза на развој на Origins, Warner Bros. ја откачува компанијата зад Asylym и City, превземајќи ја играта во нивно студио. Од некои причини, претпоставувам правни и финансиски, Origins е лишена од три битни имиња; Кевин Конрој, Марк Хамил и Пол Дини. Гласовите ги позајмуваат нивни копии, додека Дини е заменет со тројца сценаристи кои работат со благослов од Џеф Џонс. Замената на Кевин Конрој е сосема океј, успеа дури и да ме прелаже на почетокот. Евтината варијанта на Марк Хамил се труди, барем до моментот додека не се насмее. Тогаш конташ за какви битни детали го тупам јас овде.

Како што читав, играта имала катастрофален рилис. Багови, крешувања... се чекало недели за тоа да биде средено. Не е дека ни сега нема багови, меѓутоа тие неколку на кои налетав се решија со обичен рестарт на играта. Претходно било многу, многу полошо. Среќа, ја начекав во момент каде што е исполирана доволно добро за такви проблеми да се ептен ретки. 

Океј, по што се разликува Origins од претходните? За почеток, достапен е огромен дел од Готам, каде што дискретно е замаскирана линеарноста, давајќи впечаток дека си во некаков отворен свет каде што можеш да си бидеш Бетмен. До некаде е така. Ако ништо друго, може крвнички да претепам дваесетина криминалци одеднаш, благодарние на скенерот на полициска фреквенција кој ме инфомира за девијатни појави во мојата непосредна близина. Честа појава, ама до сега ми нема здосадено. Приказната се случува баш на Божиќ, каде што Блек Маск распишува награда за главата на Бетмен. Ангажирани се неколку платеници, генерално помалку познати ликови од стриповите, и секако, корумпирани полицајци од Готамската полиција. Бетмен, односно ти дебел, треба да откриеш зошто. Паралелно со тоа, те брка целата полиција пошто си новата маскирана будала во градот. 


Механиката е идентична од претходните игри, камерата, борбите, нарацијата и линеарноста. Затоа што функционира одлично, нема да застанам до групата што се жали за репетитивноста и немањето идеи. Не е дека нема подобрувања, меѓутоа се однесуваат на некои нови потези, непријатели и геџети, за кои ако не прочитав дека се нови, никогаш немаше да приметам. Еј, да. И, Бетмен е прилично технолошки напреден за некој што скоро почнал да се облекува како џиновски лилјак. Не делува баш приквелски сето тоа, ама ете, ќе прогледаме. 

Единствената работа што малку предизвика оток во мојата машка област, се тепачките со босовите. Театралната режија и бескрајното повторувања на исти потези, низ кои играта ме води за рака, стануваат досадни после триесетина секунди. Јасно е дека ќе го победиме босот, играта ви е крајно лесна, нема потреба од додавање време за да имам впечаток дека правам нешто којзнае колку големо. Дајте ми да си бидам Бетмен, да си скенирам докази, да размлатам криминалци и џандари и да ги играм другиве игри што ги купив. Нема потреба од толку досадни босови. Origins има и мултиплеер што најверојатно ни со стап нема да го допрам пак. Или сум крајно глуп и без фокус, па не го сконтав.

Во меѓувреме, најавен е четвртиот наслов, Arkham Knight. Претпоставувам дека ќе тераат со игриве додека имаат нешто за комбинирање со Arkham во насловот, па макар и дејствието да биде сместено во Метрополис.

No comments: