May 20, 2020

Последниот танц на Чикаго Булс

Мајкл Џордан беше најпопуларното нешто на планетава кога бев дете. Не само како кошаркар, туку општо како појава. Неповторлив и неизбежен културолошки феномен, до ден денес немам видено ништо слично на тоа негово присуство. Сите знаевме за Чикаго Булс и Џордан, опседнати бевме со нивниот успех, насекаде беа. На постери, сликички, маици, дресови, капи, тетратки... Мислам дека не поминуваше ден без да сретнеш нешто поврзано со нив. Секој беше некако изложен, дури и тие што не гледаа НБА. Кога се појави Space Jam, уште толку ни збудалеа маалата и големите одмори.

Пресреќен сум за приликата да ја посведочам таа историја и магија што никогаш целосно не ме напушти, и покрај тоа што не бев доволно голем за да останам буден до крај на утакмица во живо на тогашната А1. Новиот документарец The Last Dance низ десет епизоди фино ме прошета низ некои познати и непознати моменти од владеењето на Чикаго Булс династијата предводена од Мајкл Џордан. Дел од стварите тука се одамна подвлечени во НБА учебниците, други се сосема нова перспектива на историски настани, а сигурно ќе сретнеш некои и за првпат.


Добар дел од The Last Dance е склопен од материјал снимен за време на легендарниот "последен танц" на Чикаго Булс, сезоната 1997-1998, на која е и целиот документарец претежно фокусиран. Тимот постојано бил следен од екипа камермани со цел документирање на тој дел од историјата, меѓутоа за објавување на тие снимки последниот амин морале да го добијат од Мајкл Џордан лично. Конечно после 23 години тој ексклузивен материјал е достапен, стокмен заедно со еден куп други архивски снимки и интервјуа направени во изминативе година-две. 

The Last Dance е спектакуларен, сензационален, силно мотивирачки, емотивен и секако тотално пристрасен, ама па и поинаков не може да биде - зборува за најдобриот што фатил баскет во рака и тим кој од нула станува домининантна машина на паркетот и надвор од него. Ти нуди можност одблиску да видиш како функционирал човек како Џордан, неговата упорност, посветеност, жртви и страст за ништо помалку од победа и успех. Пот и крв те обликуваат во таква величина, не е само сиров талент, а The Last Dance не се воздржува да ти го истрие тоа во фаца.

Прејако е да видиш како ја црпел снагата и мотивот кога се чинело безизлезно, како често туѓиот сомнеж го претворал во чиста енергија која текстонски удира појако назад. Во многу наврати The Last Dance ја потенцира неговата егоистична, арогантна природа, ама веројатно ако сакаш да си на апсолутниот врв во сопствениот домен ќе немаш проблем да изгазиш и по тие што ти се најблиску во радиус. Сепак, колку и да бил строг кон неговите во тимот, целта му била да ги мотивира и да го избие нивниот победнички менталитет на површина. Има една многу занимлива ситуација со Стив Кер која ми беше непозната и ептен фино е понудена од неколку перспективи.

Документарецот оди низ различни години од историјата на Чикаго Булс, склопувајќи ги сите делчиња кои водат кон последната сезона. Нуди поглед во раните денови на нивните најголеми ѕвезди, подемите, падовите, ривалството со Пистонс, па дури и сезоната кога пензиониран Мајкл Џордан оди да игра кошарка со Душко Долгоушко бејзбол, оставајќи ги Булс во рацете на Скоти Пипен, а шампионскиот трофеј на Хјустон Рокетс.

Несомнено Мајкл Џордан не би бил тоа што е без луѓето околу. Не само соиграчите од Булс, особено Пипен, туку и оние како Фил Џексон, па дури и Џери Крауз. Иако The Last Dance е воглавно шоу на Џордан, многу од приказните би биле попразни без зборовите на некои луѓето кои биле дел од целата Булс организација. Ги има речиси сите клучни ликови кои ја обликувале Булс династијата, дури и некои од ривалите кои никогаш не дошле до прстен поради Џордан. Има занимливи приказни со Пипен од кои дел не знаев, има пар пикантерии за мајмунлаците на Родман, па дури и за младите бурни денови на Фил Џексон.

Најголемата замерка ми е што недоволно внимание е посветено на Харпер, Лонгли и Кукоч. Кукоч раскажува исклучително забавна приказна за неговото доаѓање во НБА и пречекот на Олимпијадата од неговите колеги Пипен и Џордан, а сигурен сум дека има уште многу такви од луѓе кои немаа прилика да ги раскажат за сметка на времето потрошено од факинг Кармен Електра. Сериозно, Кармен Електра ја има повеќе во документарец за Булс од Булс играчи што гинеле таму по плејофи. Дури и самиот Стив Кери пред некој ден кажа дека му е незгодно поради тоа. Презадоволен сум и со ова во The Last Dance, како и да е. Само што толку се добри овие десет епизоди, упорно те тераат да бараш уште. Што и да имаше или да немаше, пак ќе беше малку некако.

Не дека некогаш ми требало доказ за позицијата на Џордан како апсолутен НБА бог, ама The Last Dance е толку моќно сведоштво што сигурен сум дека може и најголемите неверници да ги замисли. Не сум НБА експерт во никој случај, низ годиниве следам кога и како можам и да - видов нови легенди, имиња кои станаа следното лице на лигата, играчи што се запишаа како едни од најголемите во историјата и такви кои можеби допрва ќе стојат рамо до рамо со нив, ама немаше ништо толку глобално и сеприсутно како Мајкл Џордан. Барем на мене никој не ми влијаеше толку, освен можеби Вејд.

Во време кога моменталната НБА сезона е во карантин и неизвесно е дали воопшто ќе се врати годинава за да гледаме финале Лејкерс - Бакс, The Last Dance е најдоброто што можеше да улета на темата. Не мора да си страстен љубител на НБА или општо спорт за да ти биде интересен. Веројатно не мора ни да си фан на Мајкл Џордан. Доволен предуслов е само да ти е познато кој е, а не верувам и денес постои таков кој не знае за него.

No comments: