January 4, 2016

Првата сезона на Аsh vs Еvil Dеаd

Какво забавно возење беа овие 10 епизоди од првата сезона на Ash vs Evil Dead. Иако серијата во ниту еден момент не ја напушти територијата од која започна, ниту пак се осмели да отстапи од сопствените правила, изведбата беше толку кул што си завршил задоволен од квалитетно телевизиско парче за кое можеби воопшто не си ни помислувал дека ти е потребно. Цели кон една единствена публика која треба да одлучи дали ќе и се допадне или не. Не е семејна драма, па енергијата за умилкување треба да биде фокусирана кон едно место. Според оценките што ги гледам, Сем Рејми и Брус Кембел може да си направат јако "да пукне" и да земат малку воздух пред да почнат со работа на следната сезона.


Мислев дека Ash vs Evil Dead ќе третира некој повозрасен Еш, далеку од неговите славни денови на разнезување демонски глави низ повеќе квадратни метри се поминати, но со уште малку гориво за моторната пила. Не, ликот одбива да остари и да биде така третиран, освен во наврати кога неговата возраст прави место да пројде хуморот. Баш таа суптилност цврсто ја држи серијата онаму каде што се обидува да опстои, на место полно со демонска крв, црева, исчадени пушки и по некоја цицка. Развојот на ликот на Еш е во заден план, а покрај толку дедајти кои му се закануваат на светот, човекот едвај има време за било што друго освен за храна и репетирање. Тоа е главната движечка сила на серијата, и нема логика да очекуваш нешто различно од крвава акција. 

Кели и Пабло добиваат различен третман покрај Еш, зошто се сепак нови ликови кои треба публиката да ги запознае. Бев скептичен на почетокот, но после само неколку епизоди успеваат да ти се пикнат по кожа, за да навиваш и да се грижиш за нив. Често пати се и контактот со реалноста која Еш некогаш ја трампа за златните осумдесети. Очекував многу повеќе од Руби, ликот на Луси Лолес, чија мистериозност почна уште на самиот почеток. Секоја епизода се надевав дека е дел од некоја поголема приказна за на крајот да ме остави со едно "мех", но ако погледнеш назад, текот на серијата постојано осцилираше, без некоја јасна слика во позадина. За среќа, балансот помеѓу акцијата и овие "маани" успеа да извади солидна сезона, дури и во моментите кога си бил жеден за многу повеќе од добиеното.

Врвот на сезоната беше колибата од филмовите каде што е започнат целиот заеб со Некрономикон, па откако серијата со таа посета прикладно си ги испочитува сопствените корени, понуди и крајно мрачно финале со кое им изгради и споменик. Самиот крај можеби не си ја оствари намерата баш најуспешно, но останувам и за втората сезона. Рејми и Кембел се забавуваат со серијата, а ми се чини дека ќе го истуркаат Ел Хефе низ барем уште добра една сезона пред формулата да стане досадна.

No comments: