November 18, 2020

Филм на неделата: Greenland (2020)

Филмови со глобални природни катастрофи и неприлики ми се посебен кинематографски фетиш. Сакам и кога сличен катаклизмичен настан е предизвикан од џиновски чудовишта или вонземска инвазија, ама оние 'поприземјените' ми се на посебна полица. Armageddon, Deep Impact, The Day After Tomorrow, 2012 и сличните такви. Обожавам како извонредно знаат да ја искриват логиката и науката, да направат скутерчиња побрзи од цунами или да проработат телефонски говорници под вода или да сокријат џиновски астероиди од било каква детекција до денови пред удар. Па, имаш научници што предупредуваат, ама никој не им верува, па еден единствен херој кој е спасот за целото човештво... 

Никогаш не престанува да биде забавно уништувањето на светот преку разни креативни начини и методи чија логика и веројатност се можеби на исто ниво со изненаден напад од Десептикони. За Greenland не ни имав слушнато пред да го гледам, ниту знаев што е, ама според интрото погоре можеш да насетиш дека се работи за баш таков филм што го соочува човештвото со истребување. Па, и да и не баш. Greenland иако по жанровска определба е 'disaster film', не игра комплетно според правилата како тие неколку што ги спомнав погоре. 


Не ни има неразбран научник или кризен центар кој служи за експозиција и презентирање низ што сè ќе проаѓа човештвото и главниот лик кој на крај ќе му овозможи нова надеж. Многу покомпатен е од она на кое ме навикнал жанрот. Во главниот фокус е само една фамилија. Фамилија која не се обидува да спаси ништо освен себе, откако преку лотарија се избрани да се засолнат во гренландски бункер додека врз светот врнат огромни парчиња од комета која наводно требала да нè одмине. Не гледаме дали некој воопшто се обидува да се справи со ситуацијата, ги гледаме само последиците и преживувањето. Можни се спојлери подолу, ама треба апла да немаш гледано ваков филм за да се испојлаш.
 
И, како што е секогаш случај со ваквите филмови - ништо не оди според планот, па ни сигурната прилика на Жерард Батлер да ја засолни Морена Бакарин и нивното синче во бункерот каде што со други есенцијални избраници во "новото нормално" ќе се грижат за опстанок и расплод на преживеаното човештво. Изненаден сум колку добро Greenland успева да се додржи да не потоне во клишеата кои може да ги има жанрот. Не дека не е зацапан, во некои моменти е само со главата на површина, ама воглавно се труди да си биде своја ствар. Баш фино и освежувачки. На моменти дури и несвојствено успева да е емотивен и драматичен, без да предизвика чујна смеа во просторијата. 

Многу е важно во ваквите филмови да биде задржан моментумот откако ќе ти биде сервирана опасноста од случувањата. Треба постојано да се случува нешто што ќе го одржува нивото на тензија и ќе го негува мотивот за преживување на главните ликови и за среќа Greenland одлично го разбира ова. Некогаш можеби и непотребно ги ескалира ситуациите за да го одржи тактот, ама воглавно е функционално, па оди во прилог на целата приказна. Но, со оглед на тоа што ликовите не ги дефинира доволно јасно на почеток, има простор да си жонглира со нив  и нивните карактеристики како ќе му текне по пат.
 
Другпат пак знаеш што Greenland сака да постигне и каже, само што не го кажува толку добро, ама затоа што ми беше презабавен решив да прогледам низ прсти при ваквите забушантски моменти. Не можеш премногу да бараш од ваквите филмови сепак, дури и кога ќе се обидуваат да се продадат како посериозни. Сепак, крајот му е предвидливо оптимистички, па можеби тоа би го издвоил како највпечатлива маана. Ме наведе неколку пати да си мислам дека ќе изненади, ама не, прописно си истера. Безнадежно цело време, и оп - сега почнуваме да јадеме конзерви со години додека го креваме општеството од пепел.
 
Ако знаеш да уживаш во жанрот, Greenland е супер филмче. Не е до толку глупав како што ваквите филмови можат да бидат, ниту пак толку голем, епски и напумпан со спектакуларни ефекти и американски патриотизам. Но, таман функционира како двочасовно средство за десензибилизација од актуелнава глобална, а и локална ситуацијa. Можеби сега е време конечно да го изгледам и Geostorm, филм од истиот жанр и исто со Жерард Батлер.
 

No comments: