July 25, 2017

Мајмуните преземаа

По шашавиот Dawn of the Planet of the Apes имав сериозно ниски очекувања за War for the Planet of the Apes. Трејлерот што го вртеа последниве неколку идења во кино не ме убеди баш дека ќе гледам нешто подобро, но со оглед на тоа што уште мислам дека Rise of the Planet of the Apes е најдобриот рибут во последниве години, љубопитноста што ја имав за War никогаш спласна со интензитетот. Неколку денови пред проекцијата ги изгледав претходните чисто за да си ја освежам приказната. За жал, пак не успеав да ја увидам големината на Dawn за која толку многу слушам периодов, меѓутоа сега како дел од трилогија функционира нешто подобро од првиот пат. 

Ако Rise се занимаваше со човечкиот фактор на овој апокалиптичен настан каде што интелигентни мајмуни ја преземаат планетата, а Dawn се обиде да понуди некаков баланс не бирајќи страна, приказната во War е речиси целосно раскажана од перспектива на мајмуните, сега веќе видно еволуирани и супериорни во однос на луѓето. Не дека претходно не беа, но овој пат е кристално јасно кој е новиот доминантен род на планетата и чие име се изговара со треперлив глас. Група луѓе, сега обединети во нешто што повеќе личи на милитантна секта отколку нов општествен поредок, се обидуваат да ги ловат и истребат, како би го обезбедиле сопствениот опстанок.


War според насловот и трејлерите, можеби сугерира акционен спектакл, но всушност се работи за драма која преку ликовите си игра со провокативни теми и идеи. Да, секако дека има голем епски судир помеѓу луѓето и мајмуните, меѓутоа нешто сосема друго е во фокусот. Филмот внимателно го истражува конфликтот помеѓу родовите произлезен од нивната различност и неприфаќање на другиот, моралните територии, мотивите кои ги движат и основниот инстинкт за преживување. Двете завојувани страни имаат издржана вистина во која веруваат, па во моментот кога ќе одлучиш да застанеш со една од групите War ќе ти ја тргне линијата која ги дели и ќе те збуни. Дали сме секогаш толку различни од она против кое се бориме?

Но, War оди и до таму да се потпре и на дел од понеславната човечка историја, само за да ја зајакне тематиката и да го истакне она што е едноставно погрешно, без разлика на мотивот. А, ликовите се толку добро изградени што Мет Ривс воопшто нема проблем да ги користи на сите можни начини за да го придвижува наративот. Тонот на филмот колку и да е сериозен, има и еден фантастичен лик кој е можеби најдоброто средство искористено за комичен ефект во последно време во сличниве блокбастери. Мајмуните можеби ја преземаа планетата и бокс-офисот, но тој лик ќе ти го преземе и ладното мртво срце. Нема да испаднам лош мајмун и да испојлам. 

Режијата на Мет Ривс е феноменална. Секој кадар е полн и значаен, без разлика дали се работи за битка со мајмуни на коњи и автоматски пушки или сцена со мајмун што ѕирка од дупка. Баш се трудев да бидам максимално фокусиран на она што умее да го работи со камерата, зошто ова типот што го презема The Batman од алкохолизираниот Бен Афлек, па да знам што отприлика можам да очекувам. Ривс е гениј. Од режирање компјутерски генерирани шимпанза до инкорпорирање на соодветна музика. Да станеме за аплауз.

Со сето она што е War, слободно може да заклучам дека ова една од најквалитетните трилогии во последниве десет години, заедно со Бетмените на Нолан. Франшизата е вистински освежена и зајакната, а роварењето по носталгијата на фановите на оргиналот од 1968 е толку умерено што е едноставно премногу симпатично кога се случува. Една кратка сцена со коњи на плажа може да е поефективна од CGI Леа, зар не Rogue One? Од она што го сфатив, сите овие три филмови се и во посебен континуитет, но очигледно ако продолжат да се прават и понатаму ќе кулминираат со класичен римејк на првиот. Предивидувам дека ќе се вика само Planet of the Apes, со што веројатно би започнала и нова трилогија. А, во овој момент, War for the Planet of the Apes ми е омилениот филм за 2017. Не ме убивај John Wick: Chapter 2.

No comments: