На овогодинешниот Blizzcon чекав само една работа - точниот датум за Warcraft III: Reforged. Знам дека најавата за Diablo IV беше неизбежна после ланската катаклизма со Diablo Immortal, како и најавата за нова досадна World of Warcraft експанзија, ама 2019 е при крај, а јас се надевав дека ќе играм Reforged до декември. Тоа "наскоро" лесно може да се претвори во класичното "ќе ја одложиме малку за да ја дотераме дополнително за вас, играчите". Што од една страна е можеби малку чудно зашто не беше вчера најавена играта, ама од друга и разбирливо со оглед на тоа дека одамна оваа компанија е далеку од нејзините златни денови.
А, кога сме кај далеку од златните денови, ајде да помуабетиме за новата World of Warcraft експанзија, Shadowlands. Некако се надевав дека после лошиот одзив на Battle for Azeroth, која патем успешно ја прерипав, Blizzard ќе сконтаат што функционира за играчите, а што не, па ќе понудат нешто посвежо и инспирирано. Но, очигледно уште не. Shadowlands, иронично сместена во задгробниот живот на Warcraft фолклорот, ми изгледа дека е експанзијата што конечно ќе фрли една убава лопата земја врз играта. Веќе мириса малку чудно од Battle For Azeroth навака.
Ова што во моментов е познато за Shadowlands воопшто не ми изгледа привлечно. Само пет нови територии, без нови класи и раси за играње, туку само дополнителни визуелни штимања за постоечките, осум данџни, рејд секако и една нова глупост што треба да го оправда отсуството на идеи за асален ендгејм. Torghast, Tower of the Damned е нов данџн во кој ќе можеш да влезеш сам или со група и секое претрчување ќе ти е различно затоа што нивоата внатре ќе се генерираат процедурално. Сега не само естетски, туку експанзијата и духовно ќе може да потсеќа на Diablo и сличните игри каде што постојат вакви бескрајни инстанци.
Наместо играта да се фокусира на MMORPG аспектот и да научи лекција од Classic додека не е касно, дополнително се изолира во поакционен RPG жанр. Види ги денес двете World of Wacraft игри. Во едната уште се чекаат редици за да влезеш на сервер, а другата е празно шарено корејско ММО кое е несигурно кон сопствената публика. На крајот на краиштата, не ти ни требаат нови класи и раси. Ниту нови зони за да направиш добра игра или експанзија. World of Warcraft има огромен, огромен свет и површина која може да се искористи за нови свежи гејмплеј механики и ова веќе ми е скурчено да го зборам.
Старите зони дремат така замрзнати во време и можам да ценам дека и од фолклорен аспект е така. Пример, кога денес одиш во Пандарија, искусуваш друг момент во временскиот континуитет на играта и не би било логично од нигде никаде да почне да се случува некој динамичен настан како во RIFT (амин!) или Guild Wars 2, бидејќи тековната експанзија постои во друго време. Не можеш да фрлиш демонска инвазија во териториите од Warlords of Draenor и тоа да има смисла.
Меѓутоа и покрај таквите енкапсулирани зони, Азерот е доволно широк за да послужи како игралиште за порандомизирани настани кои би биле базирани на актуелната содржина. Еве, Shadowlands те праќа во задгробниот живот, од синематикот гледаш дека има некаков процеп до таму, па зошто такви "рифтови" да не се отворат и над Танарис и не знам, да дојде процедурално генерирана армија од другата страна и да треба играчи од сите левели да се организираат да ја победат. Со Torghast ја имаат и функционалноста спремно, само треба да ја имплентираат на неколку други места.
Знам дека со години кенкам за RIFT механики во World of Warcraft, ама тврдам дека тоа може асално да ја размрда играта и да ја тргне од досадниот шаблон на нова експанзија каде што сите случувања се сконцентрирани во едно мало ќоше. Ете, пример со Battle of Azeroth. Се случи ли "битката" надвор од тие четири-пет зони? Не. А, што прават Blizzard со старите територии сега? Епа, од Shadowlands ќе имаш некој воведен квест по кој ќе ти се понуди опција да се левелираш во експанзија по избор.
Левелите во Shadowlands ќе се компресирани и максимумот ќе биде 60, па така што до 50-ка квестај кај сакаш и после елај си во новите пет непривлечни зони. Ова со кратењето на левелите и не е така лошо, 130 левели за нови играчи изгледаат како преголем залак иако реално не се, ама сепак делуваат како влечкање. Мислам дека во моментов нема детали за како ќе биде решена нстанцираната содржина и како точно ќе скалира. Фино би било да можам да ги прескокнам веќе досадните данџни до Cataclysm додека стигнам до 50.
Со ова всушност гледаш колку е играта стара и дека можеби опциите за нејзиното вистинско ревитализирање се ограничени. Ама, сигурен сум дека нема уште долго да тера со ваков тип на експанзии чиј придонес е моментален и незначаен долгорочно. Ако веќе целата претходна содржина ја тргаш настрана, ја стеснуваш на 50 левели и ја нудиш опционално, тогаш таа содржина што е актуелна треба да е вистинска, голема надградба. Истото што сега ќе можам да го правам секаде, ќе го правам и во новата, ама поспоро? Веќе е досаден овој концепт во World of Warcraft и намалувањето на претплатниците од експанзија во експанзија го докажува тоа.
Првпат се осеќам волку рамнодушно за експанзија. Не ја играв Battle for Azeroth, ама следев што се случува со приказната и слично. Сите случувања таму ми ја направија Shadowlands дополнително непривлечна и од тој аспект. Не можам веќе да следам како ја форсираат Силванас во ваков негативец. Приказната е некако искомплицирана и на сите страни, а уште помалку би одел некаков задгробен живот кој во тематскиот контекст на Warcraft ми изгледа подалечно и од кунг-фу панди на скриен мистериозен остров.
Но, очигледно Blizzard се трудат и тие да се дел од актуелниов бизарен тренд со помрачни MMO експанзии. FFXIV ја објавија Shadowbringers (многу слична на Shadowlands), ArcheAge имаат нова содржина што се вика Shadows Revealed, па дури и Destiny 2 одат во слична насока со Shadowkeep. Нема шанси да е ова случајно. Сепак, колку треба да си стварно мотивиран за да останеш во ваква игра каде што основната содржина ќе ја спржиш за десетина денови? Затоа и се надевам дека баш Shadowlands e последната "голема" дестинација на оваа World of Warcraft. Сосема би било прикладно, дури и поетски, овие наши авантури да завршат тука додека го правиме првиот чекор во World of Warcraft II.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment