Додека постепено забораваме како изгледаа кино салите, DC деновиве распука со најави кои ветуваат возбудлив помин во некојa евентуална пост-пандемиска реалност. Меѓу купот вести изминатава недела се појави и првиот трејлер за The Batman, кој се надевам дека ќе имаме прилика да го дочекаме лабаво натопорени во кино со кофа пуканки. Филмот е далеку од готов, снимањето е прекинато и би требало да продолжи следниот месец, ама материјалот во трејлерот е очигледно сосема доволен за да го долови општиот амбиент и изгледот на новиот Бетмен.
Мет Ривс, режисерот на The Batman, иако има квантитативно скромна кариера, филмовите на кои е потпишан воглавно се успешни. Некои прераснаа во франшизи, а War for the Planet of the Apes ми беше еден од омилените во 2017, па имам каква-таква доверба дека е доволно кадарен за пристојно да го 'рестартира' Бетмен. Можеби дополнителна сигурност влева и тоа што Мет Ривс во новиов филм наводно се стреми да го потенцира детективскиот аспект на Бетмен и да го вклопи во некакво neo-noir опкружување. Нема подобро место од Готам за таква приказна.
Трејлерот не открива премногу, ама може да се насетат некои моменти што се поклопуваат со оваа визија. Последниот Бетмен
што го видовме на големо платно беше малку постриповски обликуван и
покрај обидите на Зек Снајдер да го прицврсти во реалност. Бетмен на Мет
Ривс изгледа многу поблизок до оној на Нолан.
Не само што Роберт Петинсон глуми помлада верзија на Брус Вејн кој е во
втората година од бетменувањето, туку и предизвиците со кои изгледа
дека ќе биде соочен не доаѓаат од страни светови и димензии. Веројатно не можеш
да имаш детективски Бетмен што шамара магични парадемони.
Интересен е пристапот за Ридлер, највозбуден сум за него тука. Години наназад се надевав дека ќе го видам како негативец во нов Бетмен филм. Во филм што повеќе личи како да е навален кон реалниот свет, ваков Ридлер би можел супер да се вклопи. Не му треба
зелен спандекс со прашалничиња за да биде психопатот кој што е, задоволен сум како
The Batman ја создава таа дистанца со покласичната стриповска естетика на ликот и намерно или не, позајмува модни методи карактеристични за
Daredevil серијата каде што повеќето ликови не беа преоптеретени за тоа како се облекуваат. Сигурен сум дека во некоја точка од филмот ќе го видиме како 'целосен' Ридлер, ама ваков како сега делува позаканувачки од било кога и покрај тоа што малку потсеќа на
Хаш.
Покрај Ридлер,
The Batman најавува и неколку други негативци како Кетвоман и Пингвин (не го познав Колин Фарел), ама препоставувам дека нивната улога е помала и веројатно примарната цел е да најави потенцијални продолженија. Три негативци би можеле лесно да го дефокусираат целиот наратив, па се надевам дека нема да е толку гужва во крајниот продукт. Има некои гласини и за мистериозните
Court of Owls како негативци во некое следно продожение, па некако повеќе навивам за тоа. Таман да се врзе и тоа со тазе најавената игра
Gotham Knights.
Кога првпат го најавија Петинсон како Бетмен и Брус Вејн, имаше една шака публика што за него знаат само од Twilight, па се надевам дека трејлеров малку ќе им ги успокои неупатените душички. Петинсон денес е докажана актерска величина, далеку од сенката на тинејџерските вампирски романси. Гледај го ланскиот The Lighthouse и ќе ти стане јасно дека има огромен капацитет за да износи помлад Бетмен и Брус Вејн. Ако Мет Ривс стварно сака да го воспостави тој баланс меѓу акција, детективски трилер и приказна за млад истрауматизиран дечко што се труди да се вклопи во Готам облечен како џиновски лилјак, ова е актерот што изгледа соодветно. Одлично доловува мотивиран Брус Вејн, ако може да се суди по тие неколку секунди во трејлерот.
Ми се свиѓа и новиот бет-костим. Изгледа рачно прикрпен, со попримитивна технологија, баш како што би носел млад Бетмен. Многу погруб од оној во
Batman Begins. Дури и новиот Бетмобил е таков, скрпен доволно за да биде ефикасна алатка. Само не сум најголем фан на симболот што го носи на гради кој е направен од пиштолот со кој се убиени неговите родители. Не знам колку ова е инспирирано од
приказна на Кевин Смит, ама пак има некоја слична детска наивност во обидот за дополнителен симболизам. Знам дека е само детал што можеби нема ни да се гледа, ама упорно го боцка моето модно око.
Вистински чуден кастинг ми е Гордон. Знам дека филмската индустрија неприкинато форсира диверзитет и
Џефри Рајт е феноменален актер, меѓутоа изгледа како подобар избор за Лушс Фокс отколку за Гордон. Сигурен сум дека одлично ќе се снајде во улогата, ама причината за кастингот е повеќе исполнување на политички инспирирана квота отколку соодветен талент. Па, уште кога ќе ја превземе комесарската функција од бел корумпиран маж на крај на филмот, расизмот во светот инстантно ќе биде искоренет..
Се радувам за
The Batman. Сакам да гледам нов Бетмен и да си фрлам пуканки во фаца во кино. Штета што Бен Афлек никогаш не дочека самостоен филм. Возбудата околу трејлерот ме потсети на добрите стари денови пред 2020 кога ваквата мејнстрим забава ја земавме здраво за готово. Се надевам дека светот нема да стане уште полош, па интересот за поп култура да се претвори во подзаборавен луксуз.
The Batman е најавен за октомври 2021, а во меѓувреме конечно ќе излезе четиричасовната верзија на
Justice League народски позната како
"The Snyder Cut". Не верувам дека ќе успее да го поправи тоа лајно од филм, ама да сме здрави и живи, па ќе видиме.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment