Знаев дека во некоја фаза од пандемисково заточеништво ќе дојде ред и Saw серијалот да биде прегледан одново. Освен првиот што често ми е дел од хорор маратоните, последен пат друг Saw филм гледав пред десетина години. Оној Jigsaw од 2017 го имав заборавено дека постои до деновиве кога седнав пак да ги изгледам сите. Saw е можеби единствениот хорор серијал што сум имал прилика заинтересирано да го следам од самиот почеток и вака од оваа перспектива ми е исклучително драго за таа шанса. Обично хорор серијалите што високо ми котираат на листата на омилени започнале и ги имале златните денови уште пред да се родам или сум ги пречекувал на некое второ-трето продолжение.
Со Saw приказната е друга. Кецот и првите неколку продолженија ги опфатија моите тинејџерски години кога веќе тој апетит за хорор филмови го задоволував со разни култни серијали од жанрот што ми го обликуваа вкусот. Беше сериозно јако доживување секоја година да чекаш нов Saw филм. Не беа сите добри, ама нов Saw веќе беше утврден како годишна традиција на многумина од таа генерација. Од 2004 до 2010 се знаеше. Доаѓа октомври и излегува ново продолжение, ама дека го нема во кино кај нас, гледаш крш кино-снимка или ќе се стрпиш за асална околу новогодишните празници. Пред секој нов обавезно ги прегледуваш претходните во целодневен маратон. Милина.
Кецот Saw oд 2004 ми еден од омилените хорор филмови воопшто. Ми го спржи мозокот кога излезе. Не дека е особено тешко да фасцинираш 16 годишно дете кое веќе се труе со Џон Карпентер, Friday the 13th, Scream и Re-Animator, но сепак. Непосредно пред Saw, мејнстрим хоророт веќе почнаа да го доминираат филмови како The Ring и Final Destination, нешто што на некој начин ќе пробува да гура и низ цела таа декада, меѓутоа ништо не успеа да ме задржи толку цврсто како стапиците на Џон Крејмер.
Пред да продолжам понатаму со ситни спојлери, што е отприлика приказната во првиот Saw? Двајца несреќници се будат заврзани со ланци на цевка за едната нога во прилично валкан запуштен тоалет со леш измеѓу нив, без сеќавање како се нашле таму, а и без одговор зошто. Наоѓаат диктафон и касети каде што мистериозен глас им соопштува дека се дел од игра чии правила мора да ги следат доколку сакаат да се извлечат. До нив имаат и пили кои се чинат како непријатна алтернатива за ослободување. Времето за играње почнува да тече.
Тогаш тие идеи во Saw ми беа понудени како свежо пакување. Приказната беше приземјена во реалност, атмосферата исклучително тензична и клаустрофобична, сосема совршена за премисата да се развие ефикасно, а неочекуваниот шокантен пресврт на крај еве и денес можам да го вбројам во најдрагите филмски искуства. Saw кецот немаше задршки и компромиси и одлично го спроведе концептот, покрај ситните маани кои веројатно се должат на скромното режисерско искуство на Џејмс Ван и финансиските лимитации. Без оглед на тоа, Saw доживеа инстантен планетарен успех, особено финансиски. Со буџет од само еден милион долари, направи повеќе од сто милиони, па продолжение беше неизбежно.
Saw II излезе следната година и немаше проблем да го јавне бранот од првиот филм и да постигне сличен успех. Тогаш, а и секој нареден пат пред нов Saw филм, малку повеќе уживав во двојката отколку денес, ама успеав да се забавувам. Вториот Saw малку го разнишува интимниот амбиент на првиот филм и ги урива ограничувањата на ќенефот и мистеријата за Џон Крејмер познат како Џигсо, меѓутоа успева да надохнади со создавање на фолклор кој подоцна станува многу важен откако целово ова се претвора во мултимедијална франшиза. Всушност, и самиот крај на првиот филм те кани во нешто повеќе. Изборот е секако твој.
Следејќи го примерот на двојката, Saw III (2006) директно продолжува да ја гради врз истата приказна. Кога ги гледаш по ред се баш фина целина, како однапред смислена мини-серија, иако сигурен сум дека и тројката, а и сите други понатаму, импровизира со правецот. Но, резултатот е супер ако си веќе закачен. Во Saw III серијалот сè уште води грижа за ликовите да ти се блиски и да си инволвиран во нивната ситуација, затоа и функционира. Прави и еден многу смел коцкарски потег на крај, поради кој уште тогаш бев загрижен за иднината на серијалот, меѓутоа некако успеаа да го истркалаат уште малку пред да заринка.
Saw IV (2007) се соочува со тежок предизвик - да служи како Saw филм без главниот антагонист врз чии постулати се издигнуваат сите случувања. Среќа сум го забележал првиот впечаток од ова продолжение уште тогаш и гледам дека сум бил пријатно изненаден од тоа како успеал да се снајде, меѓутоа од денешна перспектива не би можел да се сложам во целост со тогашниот јас. Филмот не е лош, ама воведува некои фори кои подоцна често ќе се користат за ретроактивно пополнување на наративни дупки од претходните филмови. Таа слобода е супер доколку вешто се маневрира со новите никулци од приказната, барем додека не почне полека да се руши врз себе.
Шокантното финале на Saw III е секако ефективно, но само еднаш можеш ефикасно да се извлечеш после тоа. Во Saw V (2008) веќе видно се осеќа таа истоштеност од серијалот и очигледното неразбирање на слоевите на концептот кој го воспостави првиот дел. Стапиците почнуваат да ја губат допирната точка со логика и физика, многу од споредните ликови се само присутни за тој елемент од Saw да може да се истера и зачудувачки, Saw V изгледа најевтино од сите претходни, иако има најголем буџет до тогаш. Saw VI (2009) сега ми изгледаше за нијанса подобар од неговиот претходник, но повторно го има истите проблеми.
Иако секогаш приказната поврзана со Џигсо држи некое задоволително ниво, најголемата замерка ми е што ниеднаш пак серијалот не успеа да го смали опсегот на случувањата и да ја има компактноста на првиот дел. Како да мораа секој следен филм да го прават поголем, побучен и пренатрупан со стапици и небитни ликови. Првиот филм не беше успешен поради бруталноста на стапиците и насилниот тон, туку имаше и ликови чија судбина ти е битна, без оглед на тоа како се нашле таму каде што се. Многу од следните филмови често ја промашуваат формулата или се фокусирани на некои поинаку протолкувани аспекти.
Во Saw: The Final Chapter (2010), познат и како Saw 3D, најевидентно е баш тоа. Филмот нуди многу интересна појдовна идеја и успешно го претвора во мета еден мотивационен говорник кој печали на лагите дека преживеал Џигсо стапица. Има моменти што го прават филмот многу помоќен и посуштински од претходните кои често верглаат во место, меѓутоа и тука не успева целосно да ја спроведе идејата. Воведувањето на уште еден ученик на Џигсо кој ја продолжува неговата мисија само дополнително го заплеткува филмот, иако целото тоа има подобра намера. Веројатно останува да си одлучиш како ќе го прифатиш тоа. Не дека не е функционално и во полза на целата голема приказна. Мене ми беше веќе виден штос кој пристигнува барем два филма подоцна. Освен тоа, не е ни тешко да го превидиш.
Тука серијалот направи пауза од седум години. Исцедија што можеа и решија малку да стивнат. Но, јасно беше дека не е готово и дека таква франшиза нема туку така да згасне. Кога го најавија новото продолжение Jigsaw (2017) немав никаков интерес да го гледам, дури го имав и заборавено, а деновиве кога го пуштив не ни знаев што да очекувам. Иако има интересна актерска екипа и солидна продукција, филмот пак страда од истите работи како и последните неколку. Нелинарниот наратив е веќе предвидлив, има премногу површни ликови и отцепени приказни кои не добиваат соодветна разврска, стапици кои се косат со логика и лошо искористен актер како Калум Кит Рени. Човеков краде сцени кај и да се појави.
Ќе речеш имале седум години да научат некоја нова фора и наводно стотина различни сценарија на располагање. Jigsaw почнува зачудувачки добро, личи освежено, приказната е убедлива, но набргу запаѓа во сопствените стапици и ги крши правилата на играта кои сам ги налага. Разбирам дека не им се ризикува со Saw филм кој ќе е целосно ослободен од Џон Крејмер, ама смешно веќе по којзнае кој пат пресвртот да е некој негов пулен. Не сум некој фан на Хофман, ама барем неговата врска со Крејмер некако ја скрпија како целина. А, можеби и функционираше зошто беше ново.
Во The Final Chapter пресвртот со Гордон има некаква смисла и работи во корист на приказната која се развива шест филмови претходно. Ова во Jigsaw е онака истресено од ракав и нема никаков значаен придонес кон било која наративна нишка. Штета што уште се присутни последиците од оној потег на Saw III, ама очигледно не планирале серијалот да тера толку долго, не знам. Jigsaw е дефинитивно најлошиот од сите осум и сигурен сум дека ќе го прескокнам при следното прегледување.
Оваа година требаше да излезе новото продолжение, Spiral, ама е одложено за догодина поради пандемијата. Spiral, со Крис Рок и Семјуел Л. Џексон е можеби она што требаше да му се случи многу порано на серијалот. Ако може да му се верува на трејлерот и она што студиото го тврди, филмот изгледа како комплетно свеж обид, тонално поразличен и се надевам инвентивен. Време е дејството да е покомпресирано и помалку ликови да се во фокус, за да може убаво да се оформи и да е повеќе од само комплицирани стапици и некои небитни заробени во нив.
Saw најдобро функционира кога си емотивно инвестиран во она што се случува. Верувам дека има луѓе што го следат серијалот само поради креативноста на стапиците и тоа е сосема океј, меѓутоа ако нема нешто што ќе го врзе асално целиот материјал, тогаш не е ништо повеќе од високобуџетна torture porn компилација. Сакам да верувам дека Spiral стварно е тој прогресивен чекор што ќе успее прописно да ја рестартира франшизата. Дајте нешто ново, приказната на Џигсо е одамна заокружена.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment