July 11, 2016

Пола сезона Outcast

Ги изгледав тие пет епизоди што до сега се излезени од првата сезона на Outcast и имам проблем со формирање на јасен став. Првата епизода е феноменална. Со оглед на тоа што Киркмен го имал концептот за серијата уште пред да биде објавен стрипот, не ни очекував нешто поинакво. Почетокот го доловува амбиентот на стрипот и перфектно пулсира во истиот тон. Приказната е иста, дијалозите се поклопуваат, па дури и самата фотографија се обидува да ги долови боите на Елизабет Брајтвајзер, барем онолку колку што дозволува медиумот. 

Темпото на серијата го следи она од стриповите, не се ни надевав дека ќе гледам нешто што постајно ќе ме држи на работ од креветот. Меѓутоа на моменти сите ланци кои ја движат Outcast често знаат да завршат заплеткани и да ти притреба свештеник и крстена вода за да ти ја извади досадата што те опседнала. Дали дека ми е позната приказната по чија паралела серијата се движи толку фино, не знам, ама кога почнувам да проверувам уште колку има до крај на епизодата, јасно ми е дека нешто не е во ред. Прво е забавно да препознаваш каде се поклопува со тоа што си го читал, после ќе си подремеш малку додека заврши. 


И, не. Ова не е истиот проблем што го имам со The Walking Dead серијата. Во изворниот материјал видов премногу работи што ме направија различен човек, а серијата ги разводенува до степен да ми биде нула интересно. Барем така беше во првата сезона, понатаму не се ни потрудив да видам што се случува. Со Outcast е поинаква ситуацијата. Секако дека се движи некаде, се движи заедно со стрипот. Но, да го немав читано и да не знаев што да очекувам, тоа немаше да го дознаам од серијата. Очигледно е дека има некаква голема мистерија, ни ништо не ми помага да го јавнам бранот и да бидам заинтересиран. Премногу е бледо за ти остави некаква трага.
 
Кастингот е океј. Патрик Фјугит е одличен избор за Кајл Барнс и има супер динамика со Филип Гленистер кој го глуми свештеникот Андерсон. Добри се двајца. Дури и врската што ја имаат, серијата некогаш уште поубаво ја изразува од стриповите. Но, остатокот од главните ликови никако не може да ме убеди дека е на вистинското место. Брент Спајнер треба да биде негативецот кој ги влече конците во позадина. Брутален и безмилосен можеби, но воздржан пред околината. Кога го гледам тука, сè што гледам е остарен Дата како едвај се крпи со улога која тотално не му прилега. Дејвид Денман е исто сомнителен избор. Марк Холтер го доживувам како заебано џандарско ѓубре, а Денман засега со ништо не го постигнува тоа.

Можеби ќе се оправи понатаму. Ќе ме убеди дека не си го потрошив залудно времето. Има уште пет епизоди до крај, полека доаѓа до таму каде што е стигнат стрипот, па би било интересно да се види тој ветен пресврт во приказната и на двете места. А, доколку серијата сепак некако го најавува и тоа, очигледно е. Има една... хм, разлика... помеѓу некои детали кои се поинаку претставени во серијата кои можеби наговестуваат некоја друга насока. Ќе видиме.

No comments: