June 24, 2019

Brightburn e инстант класика

Понекогаш налетувам на некои идеи кои можам да ги ценам како многу поголеми и познајачни од нивната конечна интерпретација. Не мора да е најинвентивната идеја. Доколку успеам да ја препознаам намерата и мотивот кај него дело, со многу помалку труд може да ме направи поблаг кон видливите недостатоци. Овгодинешниот Brightburn, другарско-роднински хорор проект предводен од Џејмс Ган, е последниот таков пример. Реализацијата често пати гравитира околу просекот, меѓутоа многу ентузијастички се труди околу некои концепти и морам да дадам повисока оценка токму за тој труд.

Приказната за доаѓањето на Супермен на оваа планета не е нова и е општо позната, секако освен ако не си живеел во пештера или амазонско племе. Идејата за злобен Супермен исто така не е нова и има претрпено многу инкарнации, но воглавно повеќето од нив биле на медиум кој не е толку масовно консумиран како на пример, филмот. Точно е, Superman 3 се шлапка до глужд во тој концепт и Batman v Superman: Dawn of Justice исто делумно истражува една перспектива на последиците од такво надмоќно суштество како Супермен. 


Но, основниот стремеж на Супермен е многу поблагороден, па затоа тие идеи за негова тотална агресивна доминација врз човештвото се поадекватни за оние против кои се бори или кога се примарно содржани на стриповски страници. Освен ако некогаш не дочекаме Injustice филм секако, меѓутоа тоа е желба за некој друг ден. Не знам баш дали можеш така лесно да превртиш таков симбол наопаку и да го продадеш лесно на широка публика. Веројатно Зек Снајдер уште често мастурбира мислејќи на ова.

Brightburn како одделно дело и интелектуална сопственост, барем онолку колку да може да опстои без тужба, целосно се препушта на теоретизирањето за што би се случило доколку малиот Кларк Кент паднат во Смолвил би имал комплетно спротивни методи и мотиви. Приказната во Brightburn почнува речиси идентично, со бебе во капсула што паѓа од друга планета и го посвојува и одгледува брачен пар. Сменети се само имињата, па така Смолвил се вика Брајтбрн, а Кларк Кент е Брендон Брајер. 

Тука можеби и треба да предупредам за спојлери, ама мислам дека веќе е јасно како филмот го изопачува митот за Супермен во неговата антитеза. Брендон е социопатска машина за изживување и убивање. Не е баш комшиското дете за пример. Не дознаваме експлицитно зошто е таков, но суптилно си насочен да шпекулираш. На крајот не е ни толку битно, иако мислам дека можеби филмот има пропуштена шанса за семејна драма со емоционален рез и проверка на исправноста на домашното воспитување. Реално, овие двајца луѓе што го чуваа Брендон не беа баш добрите праведни Кентови. Барем јас имав таков впечаток, ама тоа сигурно повеќе се должи на невешто напишаните страници од сценариото.

Brightburn намерава да биде хорор и тука воопшто не прави задршки. Ни со амбиентот, ни со практичните ефекти за грозоморното насилие. Претежно функционира и е сосема за почит со оглед на тоа што идентитетот постојано го гради со туѓа материја, па дури и жанровски. Како и секој хорор, особено овие глупавите од кои овде позајмувле, Brightburn прави слични грешки сопнувајќи се на клишеа, ама се толку симпатични што само дополнително го зајакнуваат "Б" квалитетот на целото доживувње.

Секогаш ми биле забавни и фасцинантни паралелните патеки на Супермен и различните можности на капацитетот на неговата моќ и тоа е нешто што најчесто го добивам од стрипови, а Brightburn сега еден таков фазон ми го спакува во филм. Не можам да останам имун на целата Супермен иконографија истумбана наопаку. Некои работи не знам како воопшто ја спасиле продукцијава од тужба, ама претпоставувам дека не можеш да лупнеш авторски права на црвени наметки, летање и пукање вруќ сноп од очите.

Јак штос е тоа што Брендон носи маска. Не за да го заштити идентитетот, туку како нешто што можeби треба да ја симболизира неговата одвоеност од човечкиот род или па едноставно да ја најави неговата непријателска природа. Уште еден кул анти-Кларк Кент момент нели, кој пак не си го крие лицето за луѓето полесно да се иденфитикуваат со него и да стекнат доверба.

Факт е дека Brightburn претежно има повеќе стил отколку супстанца и ми се допаѓа како гордо се носи и справува со тоа. Лесно можеш да ја видиш желбата за создавање на опширен свет и љубовта кон филмот. Дури и самата актерска екипа изгледа како максимално да ужива во сето ова. Целата приказна и општо сѐ што се случува може да се сумира со две-три реченици вклучувајќи ја и онаа каде што ја краде Супермен идејата, ама има еден куп финеси кои изгледаат соодветно импровизирани. Баш поради овие ствари сум сигурен дека филмот веќе успеa да си обезбеди култно место под површината на мејнстримот.

Уште е рано, ама со оглед на тоа што филмот за еден месец со минимален маркетинг веќе успеа да го триплира својот скромен буџет од десетина милиони долари, можеби Brightburn ќе дочека наследник. Потенцијалот овозможува многу повеќе, а и самиот филм не крие дека има некои размислувања за експанзија. Со задоволство би гледал уште.

Види такоѓе:

No comments: