April 12, 2016

Batman: Hush на Џеф Лоуб и Џим Ли

Иако Hush денес важи за култна приказна и е речиси присутна во секоја листа за задолжително читање на Бетмен стрипови, има некоја публика што го третира како преценето претенциозно срање. Мене ми е еден од омилените Бетмен наслови баш поради работите кои ја прават неговата "контроверзност". Да, "мистеријата" низ сите 14 броеви е прелесна за погодување, колку и Лоуб да сака да си игра со тоа. Очигледно е кој е Хаш уште од самиот почеток, и сега прости ми за спојлерот, меѓутоа ако видиш некој лик што првпат се појавува во ваков стрип, истовремено со деби на нов негативец, треба да си глуп ко Лојс Лејн за да не ги приметиш шансите дека можеби се истата личност. Освен тоа, идентитетот на Хаш не е единствениот пресврт на крај.

Во Hush, Бетмен е соочен со еден куп душмани од неговото минато. Џокер, Ридлер, Клејфејс, Скеркроу, Ра'ш Ал Гул, Талија, Ајви... скоро сите од каталогот на најпознатите негативци. Очигледно е дека помеѓу нивните постапки има некаква поврзаност и набргу открива дека се само нечиј инструмент и се дел од поголема игра која треба да го уништи. Она што Лоуб го прави толку добро е начинот на кој ги уфрла сите елементи кои го прават Бетмен и околината во која e втемелено неговото постоење. Дури има и една битка со него и Супермен.


Секој негативец или член на Бет-фамилијата е прописно истретиран со краток суптилен вовед често изразен преку внатрешните монолози на Бетмен, што го прави овој наслов одличен за оние што првпат држат Бетмен стрип во рака. Не премногу за да се сопнеш на деталите, но доволно елементите кои ја градат приказната да имаат некоја фина поткрепа. Затоа претежно успева да биде поеднакво забавен за нови и за стари, пријателски расположени фанови. 

Хаш е занимлив негативец, колку и да му е мотивот недоволно издржан и ретроактивно уфрлен во историјата на Брус. Има еден незаборавен момент кога го доведува Бетмен на работ на разумот, па Темниот Витез сметајќи се себе за виновникот за создавањето на умоболни криминалци како одговор на неговото присуство, решава конечно да го убие Џокер. Во оваа точка од канонон на Бетмен, Џокер е одговорен за смртта на Џејсон Тод, вториот Робин, жената на Џим Гордон и инвалидизирањето на Барбара, но навремената реакција на Гордон го одвраќа Бетмен од гневната намера. 


Hush нуди многу работи одеднаш, но балансот е перфектен за приказната да биде кохерентна и да послужи како историска Бетмен читанка. Паралелно на целиот хаос кој го предизвикува Хаш влечејќи ги конците во позадина, Лоуб ја разработува романтичната врска помеѓу Бетмен и Кетвоман која тука ја доживува критичната точка. Нивната хемија е неверојатно добра и функционална. Бетмен е конечно... заљубен? Онаа познатата слика кога се бакнуваат на полна месечина? Епа, од тука е. Интересното е што во овој момент, Селина не го знае вистинскиот идентитет на Бетмен, па како што Брус ја стекнува нејзината доверба така ѝ ги открива тајните.

Има и некои елементи кои ми се малку надвор од преференците. Присуството на Хантрес е некако количински премногу. Доколку беше заменета со друг лик од Бет-фамилијата, сите тие моменти со неа ќе беа поефективни. Очигледно Лоуб кога решил да си игра со ликовите, ги извадил сите во кутијата. Фали Пингвин, не знам зошто, но претпоставувам со него се случува нешто сосема трето во тој тековен Бетмен од каде е искорнат Hush аркот. Од друга страна пак, можеби неговото појавување би било само вишок. Тие што се тука, имаат јасна поента. 

Џим Ли, Синклер и Вилијамс се брилијантни. Цртежите се динамични и детални, ликовите изгледаат како ова да е нивната конечна варијанта и сите жени се совршено нацртани. Ова ми е омиленото цртање на Бетмен. Долго се двоумев кој најдобро го потретира Бетмен во стрип и последново препрочитување на Hush ми потврди дека тоа е Џим Ли.

Види такоѓе: 

3 comments:

Андреј Спасовски said...

Тачно до збор - можда не е најдобрата прича, али е убедливо најдобриот цртеж икад. Џим Ли е звер зверова.

Naum Nikolovski said...

Најдобро портретирање на Бетмен - Tony S. Daniel па онда Jim Lee :)

Anonymous said...

i mojot glas odi za Dzim Li, taka ke glasam