RIFT е една од оние игри што секогаш ќе имаат место во мојата листа на омилени гејмерски искуства. Бев таму во моментот кога првпат се отворија интердимензионалните Рифтови над Телара, ја сркав достапната содржина до речиси последен артефакт, платив годишна претплата и експанзија која бргу после тоа стана бесплатна како и самата игра, а откако напуштив поради Mists of Pandaria, се враќав повремено само за да бидам дел од најсложната заедница во било која игра што сум ја играл.
RIFT пред некој месец наполни шест години. Има турбулентна историја, се бореше со сериозна конкуренција, успеа да доживее многу светли моменти, но за жал никогаш не го достигна потенцијалот. Падна пред World of Warcraft како и сите претходно, без оглед на тоа што нудеше искуство слично на "златното доба" на гигантот на Blizzard. Не можеш толку лесно милиони играчи да ги избркаш од нивната комфорна зона, особено ако растеле заедно со еволуцијата на нивната матична игра. Но, тие од нас што ја прегрнаа иновацијата и свежиот воздух кој Trion го понуди со RIFT, се забавуваа.
Сите навивавме да успее. Денес играта е терминално болна. Во гилдот каде што сретнав еден куп прекрасни луѓе со кои не си ги знаевме ни вистинските имиња, едвај има пет што се активни. Комплетни странци кои некако залутале во легендарниот Harshmallows. Ако си помал левел, можеш да чекаш и со саати за dungeon група или warfront. Има алтернативни начини за групно левелирање, меѓутоа овој дел моментално изгледа тотално заринкан. Можеби шашавата Nighmare Tide експанзија беше еден од причинителите за ова, или едноставно застерениот жанр живее добро само во Азерот.
Викендов Trion ја подари новата експанзија на сите што се логираа. Не само што не оствари доволно профит кога се појави негде лани есента, туку компанијата влезе во спор со друга компанија која ги имала правата на името Starfall Prophecy. Спор кој Trion го криеше од јавноста додека не протекоа некои судски документи и причината за експанзијата сега да се вика Prophecy of Ahnket. Колку и да сум благодарен што ми заштедија триесетина евра, ова изгледа како очајнички потег на компанија која е свесна дека нема уште долго да може да ја одржува играта во живот. Верувам дека серверите ќе бидат онлајн барем уште некоја година, меѓутоа никој веќе не очекува нова содржина толку често.
Стапнав на новиот континент, односно комета која лебди над Телара, за да ги видам новите зони. Изненаден сум од огромниот труд кој е вложен во дизајнот на зоните, навистина ќе биде штета ако не пркне популацијата. Има играчи, но ова е најмалиот број што сум го видел во овие шест години. Можеш да најдеш група за секоја активност што е после 65 левел, луѓето се фини и се грижат да ја одржат играта во живот, но ми недостасува онаа гужва на која бев навикнат.
Го завршив главниот квест во новата шума, Scatherran Forest, не сум нешто особено задоволен од приказна за спасување еднорози, зајчиња и џиновски верверици, ама се забавував со динамичната содржина. Приказната пак не успеав да ја фатам, ниту зошто сум на ебана комета, ни како се нашла тука, ама од тоа што визуелно ми беше понудено сконтав дека целата е составена од димензиите од каде потекнуваат Рифтовите. Што е сосема океј, зошто секоја зона нуди различна темата. Ова го претпоставувам секако, не успеав да ги разгледам сите од проста причина што бараат поголем левел.
Затоа и планирам да поиграм, барем додека не ги прошетам сите зони. Левелирањето е споро, што е секако добро, ама ќе го ценев повеќе доколку главните квестови не беа толку досадни. Се надевам дека во следните зони потрошиле и пари на пишување приказна, а не само на дизајн. За механиката на спелови, уште тераат некој хибриден модел базиран на Diablo III и раната World of Warcraft, во експанзијата појачан со некои ајтеми соодветни со приказната. Не го разгледав системот во целост, ама ми изгледа како природен прогрес.
И, ова погоре можеби и не е доволно за да извлечеш конечен заклучок дали играта воопшто вреди да се игра сега, па да бидам прецизен. Да. Секако дека да. Има доволно содржина што можеш да ја пржиш сам, има Instant Adventures што ги обединуваат играчите од сите левели, па доколку се осетиш осамено за данџн, можеш со дел од тие луѓе да склопиш група. Левелите на играчи скалираат до било кој левел рачно, а заедницата за среќа е уште пријателска, па со два-три реда муабет ќе ги убедиш да ти прават друштво за што и да ти се прави. До 65-ти левел, односно додека не дојде редот за новата експанзија, има доволно содржина да те држи окупиран со недели, ако не и месеци.
No comments:
Post a Comment