August 7, 2019

Ретроспектива на Batman Forever

Што знае дете што е добар или лош Бетмен филм во 1995? Имаш некои наивни критериуми за оценување на филмови. Си собираш албум со самолепливи сликички Batman Forever, со другите копиљаци од маало играш некој бордгејм со ваши измислени правила, покасно ја пукаш и онаа чудната игра за ПлејСтејшн кец... Такво мултимедијално искуство нема шанси да имаш денес. Не е битно дали бил Мајкл Китон или Вал Килмер, Бетмен е, филмовите и онака воглавно ги разликуваш по негативците. После тоа малку растеш, ти се гради и обликува вкусот, па стигнуваш до фаза во расудувањето каде што Batman Forever е "срање невидено" и единствени добри Бетмен филмови на светот што ги признаваш се само оние на Тим Бартон.

Откако покасно ги прифатив Бетмените на Нолан, ми се случија дополнителни осцилации на перспективата кон оние на Џоел Шумахер. Со Бетмен врамен во свет поблизок до реалниот некако е уште полесно да го отпишеш тој пластичниот неонски циркуз на Шумахер. И, тоа не беше само Нолан, туку општо последниот суперхеројски бран влечеше цврста линија помеѓу себе и неговите прекурсори од деведесеттите. Па, додека жанрот ги утврдуваше новите стандарди, Batman Forever и Batman & Robin беа влечкани и покажувани неоколу како лош пример, често пати и од авторот на овој муабет кој како да имаше заборавено каков интегрален дел се од неговите рани филмофилски чекори.


Можеби е до начинот на кој некогаш сум ги искусувал овие Бетмени на Шумахер, ама секое наредно прегледување ми е различно доживување. Впечатоците не ми се толку фиксни како филмовите што ги гледам денес и не е само поради тоа што детскиот мозок ми функционирал поразлично. Достапноста на старите Бетмени беше подруга. Ќе те однесат во кино еднаш да го гледаш, ама после ќе си го чекаш во видеотека или на телевизија. До тогаш, контактот со филмот ти е ограничен. Ќе најдеш некои статиички по списанија, постерчиња или ете конкретно со Batman Forever, неколку други алтернативни аналогни тракатанци. На следното гледање желбата ти е толку набилдана што си импресиониран со стопати поголем интензитет од претходниот пат.

Низ годиниве сфатив дека уште имам остатоци од оваа врска со филмовите на Шумахер. Да, сега ми се достапни на клик, ама ги пуштам со сите овие ствари од минатото што ми тлеат негде позади во мозок. Затоа и ми е интересно да видам што ми спремил филмот следното гледање. Batman Forever го немав гледано одамна, некои четири години кога го гледав и Batman & Robin последен пат. Тогаш впечатокот некако го фокусирав повеќе на вториов и како е позициониран во однос на тогашната жанровска атмосфера, па Batman Forever успеа да куртули од ваков пишан третман.

Всушност, и не се премногу различни, со тоа што Batman & Robin скоро и да ги елиминира најдлабоките траги што Бартон ги има оставено на франшизата, а Шумахер поцврсто гази во сопствените кои ги создава во Batman Forever. А, продукцијата е бизарна исто како и многу елементи од самиот филм. Од почетокот кога студиото решава да го разбие мракот на Бартон за да го направи филмот подостапен до деца, до крајниот резултат што е преполн со разни уредувачки грешки, неправилен ритам и брадавици на костимите за кои се побунил дури и самиот Боб Кејн. Не е ни чудно што си умре човекот кратко после Batman & Robin кога истите тие брадавици беа најизразени, Џоел.

Со Бартон напушта и Мајкл Китон, па на негово место доаѓа Вал Килмер. Не е толку впечатлив Брус Вејн како Китон, ама ни отприлика не штрчи како Џорџ Клуни. Добро се справува со многу аспекти од улогата и претежно те убедува дека е Бетмен. Може е премногу спокоен во однос на целата бучава која ја создава филмот со преексцентричните негативци и брзото темпо, ама тоа се должи на некои други одлуки. Бил замислен како многу помрачен филм кој намеравал подлабоко да ја истражи психата и дуалноста на Брус Вејн, ама на крајот е таков каков што е, со неколку исечени сцени кои се остаток од иницијалната идеја. Па, затоа Вал Килмер често пати изгледа како жив глумец залутан во цртан филм, а Никол Кидман нема никаков психијатриски придонес туку неколку секси црни фустанчиња.

Batman Forever има двајца негативци чии манеризми се повеќе прикладни за Џокер, но вистинската инспирација што не ја цениме доволно е некаде во старата серија со Адам Вест и стриповите од една поодмината ера. Денес нема да најдеш суперхеројски филм каде што негативецот има тајно скривалиште уредено во тон со неговиот моден имиџ. Нема ни да најдеш суперхеројски филм каде што таков негативец има банда што исто фура слична тематска гардероба. Само со таква наивна логика битангите што би се тепале од твоја можеш така да ги дотераш. Нема ништо појако од брендираните предмети на Ридлер кои се појавуваат по потреба од сцена во сцена.

Во овој контекст, има една сцена во филмот каде што Робин првпат му се приклучува на Бетмен како партнер и тргнуваат кон Ту-Фејс и Ридлер со бет-чамец и бет-авион. Иако Ту-Фејс и Ридлер немаат никаков начин да дознаат дека Бетмен доаѓа со засилување, Бетмен и Робин се пречекани со бомби кои се активираат со хардверски панел за "Подморница". Тоа ако не е ситуација директно од цртан филм, не знам што е. Разбирам дека после двата поозбилни филмови на Тим Бартон е тешко да го свариш ова ако си бил возрасен во 1995, ама без разлика, заслужува секаква почит бидејќи е едноставно генијално. Човек што го става ова во филм не е некој што не знае што прави. Твое е дали ќе го прифатиш. Мене ми е мило што научив комплетно да го сакам Batman Forever.

Дури и ако сè во филмот уште ти изгледа како пропаст, не можеш истото да го кажеш и за музичката подлога на Елиот Голдентал. Темата на Дени Елфман засекогаш ќе биде ненадминлива класика, ама Голдентал внимателно и прецизно гради врз нејзината основа. Ако Шумахер ровари по сè што воспоставил Бартон, тогаш овој би бил комплетната спротивност. Прво мислев дека е до звучниот микс и како доминантно е поставена музиката во Batman Forever, ама по внимателно преслушување на саундтрекот сконтав дека е самостојно феноменален, а во некои аспекти и помоќен од оној на Дени Елфман.

Е, сега види. Секако можеме до утре да ги чешламе и аспектите што го прават филмот "срање невидено". Наглите коси кадри, неонската естетика, истиот Џим Кери од сите негови филмови тој период, физиката и функционалностите на играчките на Бетмен, сексуалните испади на Џејс Меридијан кои се речиси престап, отсуството на логика кога Бетмен е уценет да го прифати Робин кој е патем возрасен маж посвоен од Брус Вејн, отсуството на логика во играчките на Ридлер, отсуството на полиција или воопшто било каква корисна моќ во Готам освен будали преправени во џиновски лилјак, секако дека можеме.

Има многу такви моменти и добар дел од нив се стандардната аргументацијата против филмот. Само што после сите овие години не осеќам потреба јас да го правам тоа. Ова е од едно друго време кое не можеш и не би требало да го оценуваш по денешни стандарди. Не подлегнува на шаблони и не се органичува со креативноста. Не крши никакви правила бидејќи воопшто не ни се труди да воспостави било какви. Целта му е да биде чиста, проста забава и да профитира воглавно од тоа, најбитно без натопорување некаква политичка агенда - нешто што денес упорно го труе она што е останато од жанрот, за жал.

Види такоѓе:

No comments: