April 29, 2019

Свршница

Единаесет години, дваесет и кусур долгометражни филмови. Сериите што се во истиот континуитет нема ни да ги бројам. Тоа е солидна бројка. Интересно ми е кога ќе го погледнам целово ова со перспективата што ми ја створи Avengers: Endgame. Не е дека не сум свесен за тоа дека последнава декада бевме соучесници во редефинирање на поп-култура. Само ете, начинот на кој таа се пакува и продава ми е исклучително фасцинантен, можеби затоа што не разбирам во целост што е тоа што им упали на Марвел, а не им успеа на другите.

Ми текнува еве на првиот Iron Man филм и периодот кога излезе. Го имам и "рецензирано" со две реченици, ама многу посимпатичен ми е серијалот муабетчиња со кои сум се "загревал" да го гледам. Ни на крај памет дека почнува ваков глобален културолошки феномен. Не можев да замислам дека ќе дочекам филмска адаптација на Civil War. Ни дека се создава франшиза што ќе израсне генерации, ни тоа дека возрасни луѓе ретроактивно ќе си додаваат суперхерои и стрипови како интерес во нивното минато, ко тоа хоби да симболизира којзнае каков социјален престиж. А, ни дека целото еден ден ќе успее ме презасити до гадење.


Епа, Марвел само што ја круниса оваа филмска етапа и ја заокружи сопствената ера на доминација со мејнстримот. После Avengers: Endgame нема ништо да биде исто - како во овој шаренолик фиктивен универзум, така и на реалниот пазар. Јас имав прилично турбулентно искуство со франшизата. Ја славев кога ми ги исполнуваше соновите за суперхеројска забава, ама и кренав раце кога осетив дека ме гуши. Магијата за мене престана да функционира со Age of Ultron и тогаш престанав активно да се следам што се случува. Тука некаде се сруши и тој емотивен мост што го имав со овие ликови. Веќе ми беше сеедно.

Ликови како Стрејнџ и новиот Спајдермен ми беа супер, тоа беа и единствените Марвел филмови што ги гледав во кино после Ultron, ама не ми се губеше време со додворувачката расна и невештата родова "освестена" пропаганда што следуваше после тоа. Доволно Star Trek и Star Wars ме спамираа со тоа. Ги пропуштив последните Ент-мен, Гардијанс, Тор, како и Infinity War. Некои од овие ми извртеа дома позадински, а Infinity War успеав скоро да го повторам зашто сепак сакав да сум таму за Endgame. Сакав да се испратам со оваа екипа со која иако се разотидовме последниве години, имавме супер незаборавни моменти во помладите, поедноставни денови.

Avengers: Endgame има сè за да приреди една достојна проштална журка. Спектакуларна каша од емоции, нескриена носталгија, многу заебанции, по некоја солза, фина музика, пиво за дебели стомаци, мечти за иднината... Сите се целосно внесени и сите се забавуваат. Актерите, публиката, режисерите, сценаристите и сите што вложиле во ова. Марвел добро го познава занатот, па ваквата завршница воопшто не ме изненади. Да беше било која друга франшиза можеби ќе се посомневав. Стварно три саати проаѓаат како да си пукнал со прсти.

Доколку некогаш си бил дел од оваа филмска авантура и успеала некако да те допре, макар и со само еден наслов - Endgame веројатно го има начинот да чепне таму. Како за сам крај, изиграни се сите карти и потрошени се сите средства. Толку ми е мило што ненамерно си направив услуга и останав изолиран од секакви трејлери, муабети, шпекулации, очекувања, предвидувања, спојлери и општо од сè поврзано со овој филм. Освен тоа дека крши срца и рекорди не знаев ништо друго, па оставив спонтано да ме воодушеви. Како што и се случи.

Не можеш да си рамнодушен кога стриповски страници оживуваат пред тебе како никогаш претходно. Неколку пати се потсетив зашто воопшто сакам ваков вид на фикција. Филмов е како некоја награда што ти следува ако си го прател ова. Не знам јас колку ја заслужив, ама сум некако благо окезен што ја добив. 

Не знам ни каква е иднината на франшизата што се однесува до приказната, ама не ми е ни битно. Мислам дека правецот ќе треба да е драстично променет за евентуално некогаш пак да се постигне ефектот што го создава Endgame. А, Endgame допрва ќе се зацврстува како споменик на еден збир филмски искуства што обедини генерации во кино и бескрајни дискусии. Ефекетот е поголем и од Logan и било кој нов Star Wars филм. Фала Марвел што можев и јас малку да се повозам.

No comments: