April 22, 2020

Последниот воз за Battle for Azeroth

Каков е тој карантин ако не загазам во мојата најомилена игра World of Warcraft, која низ годиниве повремено ме има втурнувано во самоизолација и без пандемија? Деновиве после долго успешно избегнување почнав да ја играм актуелната експанзија, озогласената Battle for Azeroth. Тоа што претходно ми беше познато за Battle of Azeroth никако не ме мотивираше да ја играм, а лошите рецензии и муабети наоколу беа доволни за одлуката да ја прескокнам. Ама, ете ти. Пред некој ден ја собрав на некој смешен попуст и еве сум сега на Kazzak со нов свеж Орк.

Летото пред да излезе World of Warcraft Classic се "загревав" со Legion на пиратски сервер. Месеци покасно веќе ми беше јасно дека модерната WoW ми одговара многу повеќе од истите стари бавни квестови сто пати преиграни, ама пак некако не се осмелував да ја допрам Battle for Azeroth. Секогаш кога ќе ме зачешаше за оваа WoW, налетував на некоја глупост со која Blizzard го кршат фолклорот низ Азерот и се вртев кон други игри. 


На крајот од било која WoW експанзија е секогаш најопуштено. Целосно е завршена, што значи нема да има ништо ново до (пред) следната Shadowlands која би требало да излезе покасно годинава. Многу од играчите веќе ја спржиле содржината, па таа што е групната се проаѓа полесно и без непотребно замарање. Со оглед на тоа колку не сум љубител на некои ствари во Battle for Azeroth, среќен сум што нема да сум долго заглавен тука. Овие впечатоци се секако ептен рани, не сум ни отприлика заигран асално, ама интересно ми е што ова е првата WoW експанзија која не ме пречекува значително восхитен. Дури и онаа испокршената, избагирана Warlords of Draenor ми беше позабавна во својата прва недела.

Напорните сингл-плеер сценарија повторно се тука и ме "внесуваа" можеби цел саат во самата експанзија. Не сакам кога вакво MMORPG ме ограничува во инстанцирани квестови и зони кои не можеш да ги прескокнеш. Особено не WoW каде што сум се навикнал на отворен свет. Сите понови WoW експанзии го прават ова и никогаш не сум бил особено забавуван, ама барем траело пократко и било поподносливо. Овде ми се смачи додека да стигнам во новата хордашка главна база. Никогаш она едноставно собирање на десет свински чмара не ми фалело толку многу како при глупиве инстанцирани сценарија.


А, таму во главната база што да видам. Не знам како сум пропуштил да дознаам дека од шест нови иницијални територии во Battle for Azeroth, само три ти се достапни по фракција. Другата половина функционира поинаку. Можеш и таму да се прошеташ, ама како "другиот дел" од приказната. Па така, со мојот Орк бев приморан да се акам низ досадното кралство на Троловите. Никогаш не сум бил фан на Троловите како раса. Нивниот фолклор напумпан со различни јужноамерикански и карибиски митолошки влијанија ми е поднослив во мали дози, а не како овде како главна тема. Сериозно, некогаш мислам дека сум залутан во Crash Bandicoot игра и тоа никако не е добро. Вака ли се осеќаат тие што не ја сакаа Mists of Pandaria?

Кога си во околната Зулдазар џунгла е океј. Има интересни квестови таму, не е толку лошо, ми се свиѓаше целата приказна со Растакан, ама секогаш кога ќе стапнам во она Дазар'алор се мислам да сменам фракција, гном да играм. Конечно после години кенкање, Алијанса си добија експанзија која е наклонета кон нивната фракција, ете барем естетски. Од тоа што можев да видам, нивните зони се далеку поубави и попријатни. Многу ми е мака за палењето на Телдрасил и сериозно го мислам ова, имам убави спомени од таму како Најт Елф, ама поголема катастрофа за самата игра се локации како Дазар'алор. Пред ова најлошото место во WoW ми беше онаа зонана под вода во Cataclysm.


Назмир е за нијанса подобра место, ама па таму налетав на долги квестови со благо антропоморфни желки кои никако не ми се вклопија во мрачниот амбиент на целата територија. Имам уште за довршување тука, си ги штедам квестовите за да ми е интересно, амаа ми е најпривлечна од сите три достапни зони за вакво "традиционално" левелирање. Таа пустинската зона со малите глупи животинчиња што се и раса што можеш да ја отклучиш за играње, ги пројдов онака брзо за што поскоро да одјебам од таму. Не разбирам што е фазонов со фурињава озбилно, може Blizzard сега агресивно таргетираат настрани средовечни аниме ентузијасти или нешто.

Истрчав неколку данџни и дел од првиот рејд. Повеќето беа забавни. Meѓутоа, дека експанзијава покрај троловите наклонета е и кон гноми и гоблини, имав прилика да се најдам и во такви територии на кои исто така да не сум голем љубител. Оние инстанцирани групни содржини што се очигледно од приказните на Алијанса квестовите се многу подобри. Мрачни затвори и сомнителни пирати ми се далеку поинтересни од инженерските достигнувања на две споредни раси кои отсекогаш само повремено успевале да се вклопат во големата слика. Не знам, ко Blizzard да собрале сè што не ми се свиѓа во World of Warcraft и да ми го понудиле како експанзија. Отприлика така се осеќам од ова маткањево Battle for Azeroth.


За среќа, нема да видам многу од работите поради кои играчите плукаа по оваа експанзија. Многу од проблемите со самиот гејмплеј и ендгејм би требало да се веќе решени, па освен со некои одлуки околу насоката на приказната и дизајнот на новите територии, немам други забелешки. Секоја експанзија носи ситни промени за општиот квалитет на играта, па мило ми е што сега секогаш имам простор во торбиците и за новите механизми околу професиите што пред години ги упропастија во Warlords of Draenor.

Темпото за левелирање и прогресирање во играта исто ми е супер. На овие години и со ограничено време за MMORPG дури и во пандемијава, таман е. За неколку денови успеав да се опремам за прв рејд. Онаков, LFR нубовски, ама сепак. Баш и за играчи како мене е ова, што немаат нерви и аспирации за сериозно рејдање. Ниедна претходна експанзија не била волку дарежлива.


Жалам што после The Burning Crusade некако ги запоставија Блад Елфовите. Сите Хорда раси добија дополнителен третман, освен нив. Знам дека е лична преференца, ама во секоја експанзија има остров или нешто со Тролови. Немој да ми кажеш дека кај публиката се толку популарни? Нема шанси. Shadowlands се фокусира на друго, така што ни следната експанзија не е баш некоја прилика за поголема Син'дорај приказна.

Не очекувам многу да ми се промени мислењето за Battle for Azeroth понатаму. Ова ми е најслабата експанзија до сега. За среќа знам да си најдам забава во WoW. Сакам да ја довршам приказната и во териториите на Алијанса каде што "војната" ме праќа со Орков, со надеж дека ќе наидам на било каков сериозен конфликт помеѓу Хорда и Алијанса. Во трите главни зони приказната е претежно фокусирана на локални ситуации кои немаат некоја поврзаност со војната меѓу фракциите. А, два запалени градови, досадно сингл-плеер сценарио и синематик не ми значат многу. Освен тоа, иако играм на PvP сервер, пак треба рачно да уклучам опција за да се тепам со непријателски играчи во отворен свет. Кога сите станаа волку нежни?

Сакам да се вратам и во териториите од Legion, да ги комплетирам стварите што ги имав комплетирано на пиратскиот сервер. Може и некој demon hunter да излевелирам. И, покрај тоа што можеби некаде по пат ќе ја баталам содржината од Battle for Azeroth, имам доста незавршени работи од старите експанзии, па ете. Азерот е огромно место и денес нуди многу повеќе од она што е во Classic. Многу ми се игра WoW во и мислам дека ќе ми беше криво ако пропуштев да спукам пак во карантинов. Сигурно ќе пишам нешто повеќе за Battle for Azeroth во следниов период, а до тогаш елај си на мојот тазе Twitch канал каде што често цепам и WoW стримови.

No comments: