April 24, 2020

Филм на неделата: The Gentlemen (2019)

Не можев да се сетам кој е последен филм на Гај Ричи што сум го гледал. После ми текна дека The Man From U.N.C.L.E. е негов, ама некако впечатоците од тој филм заедно со тоа чив е, ми избледеле изминативе години. Општата асоцијација со Гај Ричи се Snatch и Lock, Stock and Two Smoking Barrels, можеби зашто стварно не успеа пак да направи нешто толку маркантно. Тоа се филмовите кои го имаат дефинирано како режисер и сигурен сум дека на многумина само на тие два филмови им текнува кога ќе се спомне Гај Ричи. Барем од прва.

Со уште тазе импресиии од The Gentlemen, ќе си земам за право да кажам дека со овој филм веројатно таа иницијална слика за Гај Ричи отпочнува процес за проширување. Ова "најгајричиест" Гај Ричи филм во последниве години. Не дека некогаш сериозно му заринка кариерата, ама во грото од неговите последни остварувања упорно недостасуваше некое цврсто ткиво што одредени карактеристични елементи ќе ги сврзе во потрајна целина. Затоа и само еднаш во животот ќе го гледаш Sherlock Holmes и брзо ќе го заборавиш.


Но, The Gentlemen е одлично стегнатa, густa и слоевитa крими драма, силно инфузирана со брилијантен хумор. Спој што ретко го среќавам без попатно спрепнување на клишеа и лесно предвидливи ситуации. Филмот не прави никакви паузи, си шиба забрзано и не те чека да му го фатиш темпото. Постојано гради и гради нешто додека си игра со едно фино клопче од наративи кои на крајот соодветно ќе ти го наградат трпението и вниманието. Гај Ричи има план за сите точки што ти ги презентира на почетокот, а на кои можеби и ќе заборавиш до моментот кога силно ќе ги судри.

Приказната во основа го следи ликот на Метју МекКонахи, Мајкл Пирсон и неговиот обид својата канабис империја да ја продаде на криминалец нешто "почист" од него, за тој да може заслужено да се пензионира. Меѓутоа, таква милионска нелегална бизнис зделка не проаѓа така едноставно, а особено кога е централно позиционирана во филм на Гај Ричи. Нема да навлегувам повеќе во дејството на филмот, бидејќи неговата непостојана природа е невозможно да се долови без спојлери, па така што и во оваа прилика ќе мора да си се потпреме на довербата. 

Најголемото изненадување во цел The Gentlemen ми е како добро функционира една актерска екипа на имиња што ми биле неспоиви со вакви сценарија. Не очекував дека ќе го видам Хју Грант во вакво издание, секогаш го доживував како како машка Мег Рајан и еве го тука ме убедува во спротивното со тоа колку е компетентен за филмов. Мислам, не е дека Гај Ричи не располагал со уникатни неконвенционални ликови кои биле доминантна енергија негов филм, меѓутоа товарот за тие да излезат од хартијата претежно бил на актерите. Хју Грант е феноменален! 

Добар дел од сцените на Хју Грант му се со Чарли Ханам и онака гледаш како прштат актерски вештини на секој фрејм. Никогаш не сум гледал Sons of Anarchy, така што Чарли Хант ми е познат само од Pacific Rim, ама таму не можеш да му го видиш сировиот талент од целата роботска бука. Сериозно, секогаш ли го можел ова? Блеска во The Gentlemen, штета што не приметувам дека има друг добар филм кој му овозможува слична прилика. Се надевам дека после ова ќе му се отворат поприкладни прилики да се покаже. Филмов успева дури и капацитетите на Колин Фарел да ги исцрпи, актер за кој до сега мислев дека само Phone Booth му е гледлив.

Сигурен сум дека историјата ќе го зацементира овој статус што The Gentlemen сега го ужива од критичарите и публиката. Очигледно е дека Гај Ричи максимално се забавувал и вложувал во ова што го гледаме во овој максимално енергичен резултат. Филмот е превозбудливо искуство и верувам дека е од оние филмови што стануваат подобри со секое наредно гледање. Додека си трепнал можеби си испуштил нешто што ќе го најдеш следниот пат. А, до тогаш таман може да се спукаат Snatch и Lock, Stock and Two Smoking Barrels пак.

Види такоѓе:

No comments: