December 21, 2019

Хенри Кавил од Ривија

Како претпазливо ѝ влегов на The Witcher серијава, ко да ќе колам стрига со сребрен меч. А, како не би. Секој следен трејлер за ова ми ја ронеше и онака слабата доверба во Нетфликс серии, па првата епизода ја кликнав со онакви минимални очекувања. За среќа, серијата е многу, многу подобра отколку што рекламниот материјал успева да ја продаде, ама има и некои работи што не се толку функционални колку што можеби мислат дека се. Едно нешто да расчистиме уште на старт - Хенри Кавил е одличен како Гералт. Дури и се наштелувал да звучи како Даг Кокл, актерот кој го позајмува гласот на Герлат во игрите.

Најпозитивното изненадување за серијата ми е тоа што воглавно ги адаптира расказите од единствената The Witcher книга што сум ја читал, The Last Wish. Иако последен пат ја имам читано пред некои три години, ете некои од приказните биле толку впечатливи што останале до денес со мене за лесно да ги препознаам. Меѓутоа, серијата не е само збир од кратки раскази засебно адаптирани, туку со нив се труди да оформира целина која позајмува и други делови од фолклорот на The Witcher. Е, сега тие делови не се баш во линија со хронологијата на изворниот материјал, но нивната основа е искористена со цел неколку ликови да се допрат во една заедничка точка.


Првата епизода ме стави малку во дилема баш поради тоа. Адаптира една крајно интересна приказна која е многу важна за ликот на Гералт и општо митологијата која овој универзум ја содржи, но истовремено се обидува да отпочне и неколку други. Разбирам дека сезоната располага со само осум епизоди, ама повеќе ќе ценев доколку почетокот беше фокусиран исклучиво на Блавикен. Не дека епизодата не се справува добро со тој дел од резимето на Гералт, само мислам дека ефектот ќе беше многу поголем доколку целата приказна се воздржеше од расплинување на триста страни.

Сепак, серијата се осеќа и изгледа како The Witcher материјал и тоа ми е најважно. Мислев дека ќе биде малку порезервирана со користење на сопствениот фолклор и мило ми е што воопшто не испадна така. Гералт нема само една мисија која ја тегне низ цела сезона, туку неколку кои ефективно ги завршува, баш онака вичерски. Супер функционира дури и кога повремено си зема одредени слободи при интерпратација на оригиналните приказни. Барем јас не сум толку заколнат на изворниот материјал за да ми смета.
 
Исто ќе налеташ и на феноменална музика која се залага целото ова и да звучи како The Witcher. Еве, цел ден го вртам саундтрекот и знам дека ќе го изљуштам од слушање периодов. Не е Percival, ама е поеднакво ефективен кога треба да се поткрепи атмосферата.

Е сега, има еден проблем што е некако виснат врз целиот наратив. Приказните за некои од ликовите што серијата се труди да ги изгради не се случуваат паралелно, туку во друг временски период. На почетокот не си баш запознаен со овој "штос", а ни изненаден кога ќе сконташ. Килаво е склопено, на моменти дури и напорно за следење. Многу работи се случуваат одеднаш и ако им ја разместиш хронологијата ќе испаднат малку покомплицирани отколку што треба. Не знам која е точната цел на ова, ама не бев шокиран на начин на кој можеби серијата се надеваше дека ќе сум. Westworld на пример, многу поелгантно изведе ваков штос во единствената добра прва сезона.

Ова ми е можеби најголемата замерка за серијата, што некогаш непотребно жонглира со работи кои не дозволуваат да видиш дали има или нема една единствена кохерентна приказна во која ќе се слеат сите други. Верувам дека целото ова би изгледало далеку попристојно со соодветно уредување на сцените. Може ете, следниот пат кога ќе ја прегледуваш сезоната ќе знаеш на што да обрнеш повеќе внимание. Да, апсолутно вреди за второ гледање. 

Да кажам пак, Хенри Кавил е одличен избор за улогата. Како што сам тврди, фан е на игрите, ги читал и книгите, па дури и ова да е само дел од маркетингот за серијата, јас сум убеден дека го дава максимумот за Гералт и улогата ја игра со вистински ќеф. Не е тешко да ги приметиш резултатите и посветеноста, а и од каде е инспириран. Некогаш е толку сличен на Гералт од игрите што изгледа како да е баш лик од игра уфрлен во жива средина. Претежно е добро ова, особено ако сакаш да задоволиш и играчи и читатели, ама има една друга ствар што Кавил ја прави секаде каде што глуми и секогаш ме вади од фокус.

Примети го како вештачки се мршти. Прави некоја ствар со веѓите што личи како да е многу неприродна глума. Може едноставно е роден со тоа, не знам, ама знам дека истото ми беше иритантно и кога беше Супермен. Можеби и до мене е ова, не знам дали друг успева да го фати истово. Значи, знае да одглуми лик што е лут и бесен и да ти го продаде тоа, дали било Гералт или Супермен, ама секогаш кога ќе ги крене веѓите да се начуди на нешто, има некоја пластична гримаса. 

Остатокот од кастингот е исто добар, особено Данделион, или како што серијата се труди да го испочитува изворниот материјал - Јаскиер. Барем надоместува за секоја непростена секунда од комплетно промашениот кастинг за Трис. Ништо против актерката, меѓутоа кој и да ја режирал очигледно намерно решил да го уништи она што е специфично за Трис, барем според игрите. Разбирам дека уште сме 2019 и дека исфорсиран диверзитет е задолжителна состојка, затоа и серијата има повеќе црнци него The Wire, ама тврдам дека публиката има тотално различна претстава за Трис.

Јен од друга страна, ме изненади позитивно. Актерката солидно го доловува ликот и хемијата која ја делат со Гералт, суперхаризматична е, шармантна, дури и во сцените каде што глуми таква грбавка и ружна како женски Реми Малек. Сири е исто океј, иако на почетокот не можев да се одлучам за крајно мислење. Не знам што планира серијата со нејзе во следните сезони и колку оваа актерка ќе трае во улогата, ама ете, барем не превртував очи како за Трис.

Сѐ на сѐ, серијата испадна достојна адаптација што супер го носи тој магичен свет на ваков медиум. Ете му и шанса на Хенри Кавил да биде заборавен како Супермен заедно со лошите одлуки на Скот Снајдер. Потенцијалот на The Witcher е огромен и се надевам дека во следната сезона проблемите кои ги има оваа ќе бидат надминати. Очигледно е дека уште од сам старт продуцентите биле свесни дека ќе им биде дозволена уште една сезона, ама тоа е не е изговор за крш финти и сомнителни експериментирања при раскажување. Втората сезона би требало да се појави во 2021. До тогаш можеш да си се почастиш со неколкуте The Witcher книги за читање и секако трите игри.

Види такоѓе:

No comments: