October 10, 2020

Двете сезони на The Boys

Ах, серии. Да си досркаме што остана годинава зашто во 2021 тешко да има било што ново. Не дека последниве години се претргнав од занимавање со серии, ама оваа изгледав неколку од поновиве со кои сум крајно задоволен. Можеби нема во брзо време да се окуражам тука да ја дискутирам брилијантната Dark без спојлери или емотивниот финиш на BoJack Horseman, ама ете решив дека The Boys нема да ми се слизне како лани без да ѝ ја искажам љубовта. Океј, реално првата сезона тогаш и не ме допре нешто премногу, ама вторава ме извозе толку добро што пак успеав да ја изгледам и првата. Многу подобра на второ гледање, ете ти.

The Boys го адаптира истоимениот стрип на Гарт Енис, жива легенда, автор на култниот Preacher, најдобриот The Punisher воопшто печатен во историјата на светот и еден тон други наслови што како и The Boys не ми стигнале на ред за читање. Можеби сега после серијата и не е така лоша идеја да се фати нешто од неговата пропуштена библиографија во рака. Во The Boys Енис создава свет каде што суперхероите се најголемите ѕвезди, со огромна приватна корпорација зад нив која се грижи за нивниот менаџмент, имиџ, односи со јавност, па и начинот на кој си вршат работата. 

Седумчлениот внимателно брендиран суперхеројски тим се главна атракција која е речиси постојано присутна во медиумите. Гостуваат во ток-шоуа, црвени теписи, билборди, имаат сопствени филмови, играчки, реклами... Паралелно со живеењето на овој "холивудски сон" прават и некакви херојски дела, но позади целиот гламур што ја заслепува јавноста се крие злоупотреба на моќ, корупција, местенки, повременото намерно и ненамерно убивање на недолжни граѓани и низа глупости кои не би требало да се својствени за таков суперхеројски архетип.

Во срцето на приказната е една мала група обични луѓе која живее со последиците од таквите немарни постапки на овие суперхеројски шупаци и бара одмазда. А, кога се паралелно ќе решиш да војуваш против натчовечки битија и моќна злобна корпорација, секое средство во твоја полза е добредојдено без оглед на неговата природа. Дечките се силно мотивирани и спремни на работи кои неретко се на слична морална линија со онаа на нивните суперхеројски непријатели, ама е невозможно да престанеш да навиваш за нив.

Серијата не се воздржува од ништо, а најмалку од експлицитно насилство и приликата на сатиричен начин да закачне и деконструира неколку холивудски, па и глобални трендови. Некогаш дури третира и актуелни светски случувања на сопствен шармантен начин, правејќи ги дел од универзумот во кој опстојува. Па така, не ги одминува ни суперхероите на Marvel и DC, кон чија доминација на стриповскиот пазар и самиот Гарт Енис последниве години изразува негативни чувства, ни движењата како #MeToo и исфорсираниот диверзитет во поп културата. 

Секако, некои почуствителни теми имаат повоздржан третман за како не би било погрешно протолкувано дека серијата завзема "погрешната" страна, ама еве втората сезона истражува некои концепти дури и поризично од што може да се очекува во 2020. Одлично успева да се балансира на линијата помеѓу критика и умилкување.

Иако можеби некогаш така знае да заличи, The Boys е далеку од комедија или пародија. Често знае гадно да замрачи, да те изненади, шокира и вознемири. Материјалот е таков, завзема и посериозни правци, не знам дали и изворниот е до овој степен, ама ова оди на места кои не сум ги сретнал претходно во ваков контекст ни кај автори како Марк Милар и Алан Мур. Без оглед на тоа што вклучува супермоќи, серијата е воглавно поприземјена од многу остварувања кои се занимаваат со "поалтернативни" интерпретации на суперхеројски концепти.

Карл Урбан е еден од најпотценетите актери на денешницата. Очигледно ако му легне ликот може максимално да ги исцрпи неговите општирни актерски капацитети, за чиј доказ е финалето на втората сезона. Дајте му го пак Dredd, аман, никогаш не сум видел актер да е толку ентузијаст за таква улога. Низ целите две сезони има неверојатна хемија помеѓу него и останатите актери, особено оние кои ги глумат ликовите на неговите непријатели. Ентони Стар е со исто врвен перформанс. Често се во клинч со Карл Урбан за чие присуство ќе ја украде цела сцена. Милина за гледање.

Остатокот од екипата иако не ми е познат од никаде е исто феноменален. Не знам кои се луѓево, ама се супер уиграни и постојано се надополнуваат. Младиов дечко Џек Квејд е одличен како Хјуи. Интересно е што тоа е лик од стрипот физички базиран на Сајмон Пег, па серијата оддава почит кон него со мала улога - го глуми татко му на Хјуи. Единствено Аја Кеш ја знаев сега во втора сезона од You're the Worst, серија што скроз сум заборавил дека постои, а сум гледал сезона-две.

The Boys ќе има и трета сезона кога ќе се стабилизира светот, барем така е планот зашто завршува со малку подотворен крај. Се надевам дека нема да поминат повеќе од две-три години до тогаш. Во време кога класичните суперхерои го напуштаат центарот на поп културата, The Boys прави логичен чекор кон ваков свеж и уникатен третман на жанрот. Сигурен сум дека има и други добри серии последниве години, ама оваа не е од тие што треба да се пропуштат.

Види такоѓе:

No comments: