Таман сме околу средината на ова дно од година и тоа е супер време да ја стокмам мојата карантинска музичка плејлиста со овогодинешни изданија. Додека повеќето забавни индустрии се моментално во коматозна состојба, музиката воопшто не ни престана да свири, а и најмалку смее. 2020 година до сега донесе извонредни музички парчиња од сите страни на светот и за среќа имав време да асално преслушам добар дел од тоа што иницијално ми ги нашили ушите.
Во оваа прилика ќе ги одвојам изданијата што најмногу ме задржаа и инспирираа да чкртнам нешто за нив. Листата подолу не е по никаков редослед, ниту пак сум се одлучил за вториот омилениет албум од 2020 до сега. На прво место уште ми е Music to be Murdered By и знаејќи колку сум пристрасен, веројатно така и ќе остане. Во случај да не се читнеме пак на темава до крај на годинава, ги преслушав и новите изданија на The Weeknd, Dom & Roland, Pop Smoke, Metrik, Shabaka and the Ancestors, Denzel Curry, Mac Miller, Freddie Gibbs & The Alchemist, Joyner Lucas, InMost, Future, G-Eazy, Childish Gambino, Bohren & Der Club of Gorе.. не знам што друго? Има и од овие неколку јаки што за жал не ги собра во листата подоле сега, ама нека излезе уште нешто, па здравје може ќе стојат заедно со тоа.
Emancipator - Mountain of Memory
Кариерата на Emancipator ја следам речиси исто толку долго како онаа на Bonobo. Интересно беше да се посматра како Даг Еплинг постепено дивергираше од раните Bonobo влијанија за денес да е комплетно автономна сонична моќ. Не дека некогаш Emancipator беше во нечија сенка, ама често можеше да ги сретнеш во ист контекст бидејќи и двајцата музичари гравитираат околу сличен жанровски спектар. Но, изминативе години Emancipator фати еден правец кој многу повеќе ми пасува од последните изданија на неговиот постар колега.
Mountain of Memory е поглавје снимено во изолирано студио среде длабока шума во Орегон. Не знам што е со тие шуми таму, ама на таква локација е создаден и брилијатниот The Impossible Kid на Aesop Rock. Шумата избила нова енергија од Emancipator на овој албум, да создаде свет што е див, интимен и растеретен од секави допирни точки со нашата бетонска реалност. Mountain of Memory е речиси спиритуално прибежиште за аудиофили и за секој што трага по некаков музички спокој.
The Four Owls - Nocturnal Instinct
The Four Owls и целата таа High Focus екипа ми се врвот на сировиот британски подземен рап. Си владеат цел неграјмерски оддел таму и никој не успева да им се доближи. Nocturnal Instinct го чекав некои четири-пет години. Бувовите маваат дрско како и последниот пат на Natural Order, не ни очекував послаб технички перформанс. Но, во периодот измеѓу овој и претходниот нивен албум, скоро кај секој член посебно имаше некаква еволуција на звукот и
стилот, па се понадевав дека ќе донесат дел од тоа и тука.
Tom Misch ft. Yussef Dayes - What Kinda Music
Албумот е еден од оние за кои ми требаше време да му ја најдам точната
намена. Ако ти треба саундтрек за лабави ноќни возења во полу-празен
град, ова е тоа. A, кога убаво ќе ти легне, ќе почнеш да се фокусираш исклучиво на перкусијата и на тоа како Дејс владее со тапаните. Тоa значи дека е време да ти отсвири цел Black Focus.
Muffler - Thousand Planets
Мислев ќе отиде летово без добар драм ен бејс. Во последно време ретко налетувам на издание што континуирано ќе ми свири и ќе ме убеди да му се навратам месеци покасно. Не знам дали жанрот е проаѓа низ некоја тапа фаза или малку јас сум се одвоил, ама со оглед на тоа што уште често ми свират некои постари изданија - веројатно ќе е првото. Muffler е еден од оние неколку ликови што го имаат совладано ликвидфанк звукот до перфекција и упорно удржуваат некаков златен стандард. Уште во првите минути ми беше јасно дека ова тој албум што ќе го преставува жанрот во мојата плејлиста со музики од 2020.
Thousand Planets е компактно парче од само триесетина минути, ама е доволно згуснат за времетраењето да му е занемарливо. Секоја трака е зрело формирана, препознатлива и соодветно позиционирана во звучниот колаж и нема ништо вишок што би фаќало простор. Албумот пршти со емоции, свежа енергија и создава еден чудно пријатен носталгичен амбиент каде слободно можеш да си тагуваш што оваа година концептот на изгрејсонце после журка е укинат.
Tycho - Simulcast
Неспорно е дека Скот Хансен e исклучително талентиран музичар, креативен и посветен. Секој Tycho албум сведочи за тоа колку може да си иновативен во жанр каде ако малку се опуштиш и клизнеш може да завршиш како музика за лифт или позадински звуци за мали огласи на локална телевизија. Хансен низ годиниве успеа да се дотурка и до некоја пост-рок територија, внимателно комбинираќи ги електронските амбиентални апстракции со поогрански звук. Да речеме дека функционираше до оној момент кога лани на Weather шлапна и вокали. Албумот доби и Греми номинација, а јас после неколку неуспешни обиди да го заслушам го исклучив засекогаш.
Simulcast е некој вид продолжение на Weather, меѓутоа без вокалите што ја гушат карактеристичната опуштена, сонлива атмосфера и го прават Tycho да звучи како средношколски The XX кавер-бенд. Ваквата музика сакам да ми раскажува без вокали, а Tycho секогаш бил мајстор за тоа. Simulcast е точката каде што го судира звукот од Weather, па и Epoch, со постарите изданија. Резултатот е сосема слушлив, баш поради тоа што таа колизија на повеќе тонални пејзажи доаѓа некако природно и без да звучи дека Хансен направил чекор наназад за да задоволи некаква си публика.
Bishop Nehru - Nehruvia: My Disregarded Thoughts
Не сакам да кажам дека Bishop Nehru е име за кое светот допрва ќе слушне. Неколку пати така пророкував за Dillon Cooper, K.A.A.N, Chris Webby и неколку други млади рапери и промашив. Некои ги снема од секаков радар, други се посраа, некои уште не можат да најдат издавач... Мислам дека само Denzel Curry има некаков значителен успех денес од тие на кои некогаш сум се кладел. За Bishop Nehru нема мнгоу да паламудам. Ќе кажам само дека не знам многу тинејџери што за многу кратко време оствариле соработки со Примо, Madlib и MF Doom, или па отварале за Wu-Tang на европска турнеја.
Nehruvia: My My Disregarded Thoughts е сертификатот на кој пишува дека овој млад дечко е роден да го прави ова. Има вештина да спои неколку хип-хоп школи и притоа да цврсто да си го одржи сопствениот идентитет и печат, што е можеби ретка дарба. Не звучи како да е оптеретен е тековните трендови во индустријата, а пак без проблем може да навигира низ нив. Хиперпродуктивен е, а пак грото од тоа што ќе го чуеш е со исклучително висок квалитет. Не дека е некое мерило, ама ако допрел вака и до лажни рапери како мене, можеби треба да му дадеш шанса.
No comments:
Post a Comment