Испровоциран од Doctor Sleep решив малку да се прошетам низ филмографијата на режисерот Мајк Фланаган. Иако како име ми беше релативно непознат до скоро, приметив дека ги знам повеќето од неговите филмови и некои намерно сум одлучил да ги заобиколам. Дел од нив ми изгледале како генеричен хорор и не ме занимало баш кој е режисерот на филм како Ouija: Origin of Evil, на пример. Му го гледав и Hush, што во суштина е слешер хорор кој ентузијастички се стреми да ја освежи жанровската формула, меѓутоа не успева да иновира подалеку од основата со што во повеќе прилики ми го кршеше вниманието.
Во 2017 Фланаган го снима Gerald's Game, кој како и Doctor Sleep е уште една адаптација на книга од Стивен Кинг што ја немам читано. Се сеќавам на добрите критики за филмот кога се појави и сега откако конечно го гледав, жалам што ми требало толку време да му дадам шанса. Gerald's Game раскажува за еден постар пар кој заминува во изолирана викендичка среде никаде со намера да си го освежат бракот. За беља, минути откако господинот ќе ја заврзе госпоѓата со лисици за кревет, умира на лице место од срцев удар и ја остава оваа тазе вдовица да дреме така врзана.
Клучевите од лисиците се далеку, нивните телефони исто, а сопствениците на викендичката не би требало да дојдат со денови. Мојата симпатија уште од времето на Californication, Карла Гуџино бидува заглавена во една исклучително непријатна беспомошна позиција, како физички така и ментално. Немав претстава каде може да продолжи Gerald's Game оттука цел саат и пол до крај. Но, од тоа што малку ми е познато од изворниот материјал на Стивен Кинг, можам да заклучам дека Фланеган одлично се справува со него. Без многу спојлери, главниот лик е оставен да преживува врзан за кревет каде што се чини дека најголемиот непријател му се сопствените мисли и тоа концептуално е беспрекорно изведено.
Карла Гуџино е многу посериозна актерка отколку што мислев и тука нескромно го цеди цел нејзин актерски капацитет. Сум ја видел на неколку филмови и серии и никогаш не сум бил претерано фасциниран од глумата, ама овде е брилијантна. Не само што е задолжена со ликот на немоќната Џеси, туку и со секоја манифестација на нејзините мисли и внатрешни монолози кои често го опфаќаат други, контрасни слоеви од ликот. Баш ефикасен режисерски механизам за филмот да биде подинамичен и притоа да ја задржи густата тензија во собата и на креветот.
Gerald's Game е еден од подобрите трилери со блага хорореста нијанса што сум ги гледал во последно време. Постојано е напнат, застрашувачки и во неколку прилики крајно емотивен во неочекувани правци. Знае така убаво да те разниша кога нагло ќе сврти. Како што проаѓаат годиниве, некако губам фокус што не ми се враќа кога ќе заринка некој филм или серија, а Gerald's Game оди мазно од почеток до крај. Затоа и го издвојувам како најдобриот од тие што ги гледав неделава и топло го препорачувам ако го имаш пропуштено.
Стварно е добар овој Мајк Фланаган, сега ми е појасно. Има осет за хорор жанрот, конта дека е многу повеќе од евтини преплашувања и крававо насилие, знае да ги обликува ликовите во луѓе со чии судбини е лесно да се соживееш и располага со еден куп штосови кои ете конкретно во Gerald's Game, функционираат секогаш кога ќе ги извади од ракав. Можеби раните филмови не му се најсјани, ама можеш да приметиш како учи подобро да ги реализира идеите. Додека трае оваа карантинска сафра може да му ја погледнам и The Haunting of Hill House серијата, а си спремив и уште неколку негови филмови како Absentia и Oculus.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment