January 20, 2020

Низ дискографијата на Еминем: Music to Be Murdered By

Мислев дека само еднаш во животот ќе ја имаме привилегијата да се разбудиме со тазе излезен ненајавен Еминем албум. Не очекував дека баш вака ќе започне музичката 2020, со вакво пријатно изненадување откако минатата година не беше особено дарежлива кон моите музички потреби и вкусови. Но, Music to be Murdered By колку што ми беше добредојден, толку и ми беше тежок за варење. Revival имаше нејасна цел за некакво "воздигнување" на неговата и онака здрава кариера, па разбирливо ненаклонетите критики кон тој албум дадоа причина на маестралниот преклански Kamikaze. Што е ова сега?

На првите слушања не успевав да го сфатам мотивот зад Music to be Murdered By. Се разгалив со накурчен и дрзок Еминем, а овде не наидов на таков. Kamikaze ме навикна на тој милитантен и испровоциран Еминем кој сега на овој албум е малку стишен. Па, така при првиот викенд со Music to Be Murdered By на рипит, промашив да сконтам дека сега "провокацијата" е всушност само неговиот порив за создавање музика, изразување, за рап. Не мора да војува со критичари, колеги и публика за да биде интересен или релевантен. Откако исклучив некои влезни параметри, Music to be Murdered By почна да ми станува подобар и пологичен со секое наредно слушање. 


Инспирацијата од Алфред Хичкок благо споен со омот кој сигурно тенденциозно потсетува на The Eminem Show и неколкуте тематски скитови можеби ќе те прелажат дека ова е концептуален албум, ама не е. Можеби еден ден ќе доживееме и таков, ама ова не е тоа. Music to Be Murdered By е ишаран со различни теми и идеи, воглавно својствени за нивниот автор кој уште еднаш докажува дека нема намера до сопре и покрај тоа што се доближува до пет банки. Еминем на албумов звучи витално, расположено и не личи толку оптоварен како претходно. Не се труди да се докаже по секоја цена, не се брани, ама не ни напаѓа со цела снага. Да, има стандардни Еминем закачки се разбира, не е ова госпел албум, ама не се главната струја на Music to Be Murdered By.

Продукциски, Music to Be Murdered By е шарен и широко распослан, ама пак не излегува од рамките на рап. Изборот на инструментали е соодветен со темите и ги нема одвратните поп-рок семплови од Revival, мило ми е што таа лекција мораше да ја научи. Сигурен сум дека никогаш веќе нема го чуеме Еминем како рецитира врз такви хорори. Значи, може да имаш певливи рефренчиња без да семплаш глупави певливи рефренчиња. Тука и гостите се добро пречекани, а домаќинот е технички спремен повеќе од било кога дури и за оние кои доаѓаат од друга рап школа. Чувме уште на минатиот албум како Еминем може да извози трап бит без да звучи како старец што неуспешно се обидува да е кул кај младите и мило ми е што на Music има повеќе такви екскурзии.

За фановите од поодамна, тука е Ројс и екипата од несудениот Slaughterhouse бенд (без Џо Баден, нормално) и неколку парчиња кои звучат како да се отцепени од The Eminem Show или Encore. Фали уште Нејт Дог да стане од гробот да го запее рефренот на "I Will" и да си сигурен дека е песна од 2002, а не 2020. Многу ми е интересно како во повеќе прилики на албумов слушнав Еминем од повеќе периоди без да звучи неприродно до степен да е пародија на себе. На Revival имаше неколку такви пропаднати обиди да се рекреира самиот. Овде е очигледно ослободен од сопствениот творечки товар и туѓите очекувања, па некако слободно успева да маневрира низ овие шеесетина минути со различни стари и нови стилови.

Да, Music е огромен, долг албум. Дури и да ги извадиш тие четири-пет скитови од вкупно 20 траки, пак е џиновски. Има неколку песни каде што темата е толку слична и само го прават непотребно долг. Можеби затоа ми звучеше толку идејно раштиман на почетокот. Малку е заморно да слушаш толку возрасен човек како пее за очувот или пропаднати врски. Јасно ни е дека вторава тема му е задолжителна на секој албум, ама досадно е кога упорно ни се презентира истата приказна. Сакам повеќе соработки со Андерсон Пак отколку со Ед Ширан. Знам дека Еминем ќе шлапне јако кај и да го ставиш, ама подобро лепи кога се држи до матичниот жанр и она што е на тој спектар.

Албумот би бил посимпатичен така покомпактен, еве да ги избришеме "In Too Deep" и "Farewell" за почеток, ако може. Секој албум има по една "Drug Ballad", ама овде се повеќе. Но, останатото е баш она што го размислував после Kamikaze, ама не очекував дека ќе се случи толку бргу. Ова е тој следниот природен чекор на Еминем и сигурно нема да се пензионира туку така, особено кога е на сопствениот технички и лирички врв без разлика што ќе го одјебат како остаток од некое друго време. Kamikaze е веќе класика, сакал ти или не. Сега прашањето е колку време ќе му треба на Music to Be Murdered By да се допише до него.

Види такоѓе:

No comments: