Јас сум еден од оние што се нахајпаа на Arrested Development откако излезе четвртата сезона. По неколку изгледани епизоди од првата сезона пред некоја година, овие две недели успеав да ја спукам цела серија по ред. И да, ќе потврдам дека заедно со Archer, ова е најдобрата серија што ја гледав годинава. До сега барем.
Arrested Development до некаде ја дели судбината со Firefly. Квалитетна содржина, потврдена со награди, посветена публика и прерано прекината поради рејтинзи. Шест години по прикажувањето на последната епизода, Netflix решава да ја собере целата екипа за уште една сезона. 15 епизоди, сите пуштени во промет на ист ден во мај годинава, го означија враќањето на богатата дисфункционална фамилија Блут која има изгубено сѐ. Следуваат спојлери. подоле.
Иако новата сезона е шест сезони подоцна, екипата е толку добро уиграна што воопшто не се осеќа. Последната од трета и првата од четврта ги гледав една по друга, мене ми делуваше како серијата да имала "природен" тек. Да, актерите се подостарени, Линдзи има катастрофални пластични операции и морав да гуглам да потврдам дека е истата, меѓутоа ликовите се комплетно истите. Бројните референци кон претходните приказни и финти, уште толку го зајакнуваат тој впечаток. Дури и во приказната се поминати години, ама успешно е задржана нивната суштина. И за среќа, успеале да ги соберат сите до еден, заедно со огромен дел од споредните ликови.
За разлика од претходните три сезони, тука форматот е малку сменет. Низ сезоната има една поголема приказна, која низ петнаесет епизоди е обработена од различни аспекти. Секоја епизода е сконцентрирана на посебен лик, низ чии очи гледаме дел од приказната. На исто место, во исто време, меѓутоа вниманието е кон други ликови. Толку е генијално смислено што на крајот се поврзуваат сите точки. Претпоставувам морале да одат со овој формат од продукциски причини и достапноста на одредени актери, ама тотално е мајсторски изведено. До тој степен што оваа сезона заслужува второ гледање повеќе од било која друга претходна.
Со оглед на успехот (особено финансискиот, секогаш има пари во банана штандот) на четвртата сезона, Netflix не планира да сопре тука. Има гласини за петта сезона, па дури и филм кој знам дека се најавуваше и откако серијата беше прекината. Netflix уште со House of Cards докажаа дека им се исплатат сериите во сопствена продукција, па во совршен свет би гледале нешто со Firefly во насловот. Не е дека е неизводливо.
No comments:
Post a Comment