Поучен од минатиот пат кога се кладев на Son of Batman и завршив разочаран со наведната глава, очекувањата за Batman vs. Robin ги сведов на минимум. Кога ја листав филмографијата на Џеј Олива, се присетив на Assault on Arkham и умрев уште малку во себе. Океј, колку може да полошо ова? Зар може една од најдобрите Бетмен приказни во поновата историја да добие таков мрзлив неквалитетен третман? Свето лилјачко лајно, Бобо! Изненадување, изненадување. Batman vs. Robin не само што не е лош, туку ми е и најзабавниот анимиран филм со Бетмен во него од The Flashpoint Paradox навака. Не знам дали самиот Џеј Олива се сеќава дека го режирал Assault on Arkham, ама јас дефинитивно пак го заборавам после ова.
Првото појавување на Court of Owls надвор од стриповите. Колку и да бев со спуштени очекувања, не верувам дека сум целосно објективен за нив тука. Меѓутоа, го следев филмот претпазливо од сенка, спремен да го неутрализирам при првиот неподнослив момент. Приказната е само делумно базирана на ремек-делото на Снајдер и Капуло, но деловите кои се позајмени се доволни за да има мазна нарација, па разликите од изворниот материјал фино се вклопуваат. Или јас потсвесно го пополнував дупките со сеќавањата од стрипот, кои сигурно ги има. И, покрај тоа што делува како некој само да им раскажал на продуцентите за Night of the Owls за да стекнат некаква груба идеја, Batman vs. Robin успеа да ме задржи до самиот крај, скоро без нервози.
Демијан е многу поподнослив од последниот пат кога беше анимиран, дури и односот со Брус и Дик му е многу "понормален". Не верувам дека некогаш ќе го видиме ликот како што Морисон го има замислено, но ова тука е прилично океј варијанта. Можеби не е најсјајно, ама е доволно ако не веруваш во чуда. Гласовите се скоро истите од Son of Batman, со тоа што на кратко се појавува и гласот на Кевин Конрој, колку да те потсети колку Џејсон О'Мара звучи инфериорно како Бетмен во споредба со него. Не знам зошто форсираат нов актер за Бетмен/Брус Вејн? Толку ли е голема разликата во цената или Кевин Конрој има некакви други ангажмани за кои сум чул? Не верувам дека сакаат самo "да освежат", зошто Конрој на никој никогаш нема да му здосади.
Анимацијата веќе ја навикнав, така што не ми пречи воопшто. Единствено нешто што приметив, односно што не приметив, е музиката. Освен ако не одела на некоја фреквенција што моите човечки уши не успеваат да ја фатат. А, и да. Филмот изобилува со графички, насилни сцени, така што е совршен за деца растени надвор од стаклени ѕвона како што растевме ние. Се надевам дека ова не е крајот на Court of Owls на ваков медиум. Приказната е доволно богата и комплексна за да може да се обработува и понатаму. Иако Batman vs. Robin успева некако да ја заокружи, верувам дека секогаш има простор за повеќе.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment