Тор, како супер-херој, низ стриповите на Marvel секогаш го среќавав попатно, во некој друг наслов. Никогаш не ми беше доволно интересен за да седнам да читам некое посебно издание, најмногу поради тоа што е истиот Тор од Нордиската митологија и фолклор. Кога беше најавен филмот, седнав и пролистав неколку броеви (Ragnarok аркот) и пак ништо. Минимален интерес за ликот. Целата идеја дека 'бог' како Тор може да опстои рамо до рамо со останатите ликови во Марвеловиот универзум некако тешко ја прифаќав. Истото мислење го имам и за Кралот Намор и слични ликови кои некако ми се вишок во целиот тој универзум.
Океј, да се вратам на филмот. Пред да го гледам филмот, го гледав цртаниот, Thor: Tales of Asgard. Фино склопено, меѓутоа ме остави рамнодушен и не ми направи многу разлика. Од филмот исто така не очекував многу, причината поради која што сакав дa го гледам е The Avengers, да видам како ќе го убацат ликот. Во сите рецензии беше фален и кренат до небо, добиваше пофалби од секаде. Искрено, не верував дека е стварно толку добар, додека не го изгледав...
Thor е неверојатно добар филм и најубавото изненадување на филмската сцена годинава. Чиста десетка, без размислување. Режија, фотографија, кастинг... продукциски пука од квалитет. Крис Хемсворт е скроз погоден за ликот, барем мене ме воодушеви, а колку е близок до стрипот воопшто не ме интересираше. Дечкото знае да глуми, добро се снаоѓа во улогата, која мислам дека му е прва ваква посериозна. Один е Ентони Хопкинс, одличен избор. Рене Русо како Фрига. Единственото нешто што ликов ми го покажа, е тоа колку остарела Рене Русо, ништо повеќе. Онака, мала улога, дали Рене Русо или било кој друг, немаше да смени многу. Типот што го глуми Локи првпат го гледам тука и супер е. Ме убеди дека е гадно копиле. За Натали Портман имам многу да зборам, па ќе пробам некако на кратко. Она е топ глумица, има талент, одлично изгледа и сето тоа. Ама, во секој втор филм е последниве години и ми станува досадна. Покрај тоа, никогаш немало хемија помеѓу неа и актерот со кој глуми љубовна врска и тој случај ќе го забележам и тука. Крајно неубедливо, можеби и најлошиот момент од цел филм е токму врската меѓу Тор и нејзиниот лик. Некогаш мислев дека е до Хајден Кристенсен, ама не. До неа е. Тоа нормално не го оспорува фактот што Хајден Кристенсен е катастрофален актер кој покрај тоа имал и лошо сценарио. Океј, океј, за Тор... Има и по некој спојлер подоле, инаку.
Азгард изгледа преубаво. Беспрекорен CGI. Токму тоа што дејствието поголемиот дел од филмот се одвиваше таму, беше пресудно за моето уживање и високата оценка. Приказната е следнава. Народот на Один војува со Jötunheimr. Многу години претходно, Один го краде нивниот извор на моќ кој останува недопрен се до крунисувањето на Тор, како крал на Азгард. Темпераментот на Тор за малку ќе предизвика нова војна, по што тој е прогонет на Земјата, лишен од неговата моќ и Мјолнирот. Тор треба да покаже да е вреден за чеканот, за да ја врати моќтта која меѓудругото, му е потребна за спас на Азгард од војната која му се заканува. Мјолнирот, кој исто така сега се наоѓа на Земјата, е главен интерес на S.H.I.E.L.D. Локи, воден од љубомората и гневот према Тор, се обидува да го убие користејќи го металниот џин што блуе оган, Destroyer, моќно оружје создадено од самиот Один. Локи почнува да создава хаос на Земјата, по што Тор решава да се жртвува за да ги спаси луѓето, одлука која му ја враќа моќтта и Мјолнирот со кој на крај излегува како победник.
Marvel со филмов докажаа дека нудат строго квалитетни адаптации кои можеби ќе го направат The Avengers најдобриот филм следната година. Ги пројдоа сите херои кои ќе се дел од Авенџерс тимот, дури и Hawkeye, кој имаше мала улога тука. Со ваков кастинг и квалитет каков што видовме во последниве адаптации, јас сакам да видам беспрекорен The Avengers кој заслужува да трае барем три саати. Еве и линк до едно видео поврзано со муабетов.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment