January 5, 2022

Не е лош Spider-Man: No Way Home

Откако пројде Avengers: Endgame сите филмски или телевизиски марвелувања ми се како да го лижеме тањирот од главниот оброк. Јасно ми е дека не може да се изгасне погонот, ама сѐ што е излезено или ќе излезе од тогаш некако и не ме влече баш. Мислам дека франшизата го достигна креативниот врв и се заокружи една децениска приказна што ме засити доволно за да немам место за повеќе. Не дека и во "главната" приказна немаше работи што ги сметав за промашување, ама пак како целина е функционална и забавна. 

Ми се свиѓаше првиот Спајдермен филм со Том Холанд. Ни вториот не беше лош, баш скоро го гледав првпат. Том Холанд е супер како помлада варијанта на ликот и баш соодветно се вклопи во овој филмски универзум уште првиот пат кога се појави во Captain America: Civil War. Некако испадна и да си добие засебна трилогија која еве ја доживеа и последната етапа со актуелниот Spider-Man: No Way Home.
 

Приказната што почна со Iron Man во 2008 добиваше сѐ поголема пропорција како што се движеше. Од продавање на оружја во Авганистан стигнавме до вселена, ракуни што зборуваат, волшебници, мистични скапоцени камења и што уште не. Невозможно е после сѐ ова да се приземјиш толку лесно и да го намалиш распонот на заканата со кои "следните" суперхерои во овој свет би можеле да се позанимаваат. Дури и кога станува збор за тинејџер со супермоќи што е облечен во црвено-плав спандекс. Потешко е обични криминалци да бидат сериозен предизвик откако повеќе пати си го спасил светот од интерпланетарни душани.

Spider-Man: No Way Home е очигледно свесен за ова, па го истражува мултиверзумот што беше чепнат во претходниот филм. Ќе мора да зборувам со малку спојлери понатаму, па еве го задолжителното предупредување да не читаш надоле ако уште не си го гледал. Филмот продолжува директно после Spider-Man: Far From Home кога идентитетот на Питер Паркер е јавно откриен, а самиот тој бидува обвинет за убиството на Мистерио. За некои е уште херој, ама воглавно ситуацијата со откриениот идентитет му е значително искомплицирана, па страдаат и неговите блиски.

За да ја поправи ситуацијата, Питер оди да го гњави Доктор Стрејнџ да направи сите да заборават дека е Спајдермен. Тука некаде и ми почнуваат проблемите со филмот. Разбирам дека главната идеја е на No Way Home е да ги собере трите филмски Спајдермени на куп, ама начинот на кој тргнува натаму ми е многу климав и неинтересен. Стрејнџ не се однесува како Стрејнџ што го познаваме од претходно. Наместо мудар хирург кој открил тајни за универзумот што малкумина ги знаат, Стрејнџ дозволува да биде намагарчен од дете во повеќе наврати. Ама, мора некако да се случи филмот, нели.

Полу-успешната магија на Доктор Стрејнџ која треба да направи сите да заборават дека Питер е Спајдермен, отвара процеп во мултиверзумот и фрла неколку негативци од претходните филмски Спајдермени заедно сосе Тоби Мегваер и Ендру Гарфилд во светот на Том Холанд за уште една носталгична авантура. Концептот воглавно функционира, меѓутоа сме толку многу бомбардирани со монетизирана носталгија последниве неколку години речиси на секој медиум, што некако ми е изгубено како новитет и не ме дразни нешто особено. За среќа, не е воопшто лошо како The Matrix: Resurrections.

Тоа е и најдобриот дел од Spider-Man: No Way Home. Причините и начинот на кој филмот ги обединува Том Холанд, Тоби Мегваер и Ендру Гарфилд не се баш највешто склопени, ама уживав во сите нивни заеднички сцени. Имаше добри моменти, кога Гарфилд му го крцка грбот на подостарениот Тоби Мегваер кој во реалноста петнаесет години не го облекол Спајдермен костимот. Онаков скроз симпатичен штос што намигнува на публиката без да е предиректен и евтин. Филмот е многу пријателски расположен кон Ендру Гарфилд и неговиот Спајдермен. Публиката не беше толку наклонета кон тие филмови, го гледав само првиот со него и донекаде ќе се согласам, ама тука е баш домаќински прифатен и нагостен. Дури и глупо ми падна што тие филмови со него не испаднаа најдобри, ама ете некако ми дојде желба да им дадам нова шанса. Паднав на маркетингот, сакам да кажам.

Фино беше да се видат пак Норман Озборн и Доктор Октавиус. Разменија неколку моменти со Тоби Мегваер колку да кулминираат носталгичарските намери на филмот и да те потсетат како всушност овој суперхеројски бран стана доминантен во последниве години. Не бев сигурен за како би функционирало нешто вакво, а баш бев пријатно изненаден. Секој од Спајдермените си извози сопствена мала приказна која ете некако успеа да најде место во овие два и кусур саати. Единствено во целово носталгичарење ми штрчеше Џејми Фокс. Не сум го гледал The Amazing Spider-Man 2, не знам таму како се снаоѓа со ликот, ама овде не видов ништо повеќе од самиот Џејми Фокс. 

Па, дали е добар филмот? Да. Не е лош, ама не е ни најдобриот Спајдермен што сум го гледал. Има маани што не можев да ги прифатам целосно на прво гледање, ама па и нема некоја особена вредност за да добие второ во блиска иднина. Шашавиот почеток и градењето на основата за да се случи тоа што се случува некако ми го оштети фокусот, ама среќа понатаму надополнува со детали кои му даваат нов агол на Питер Паркер на Том Холанд кои верувам дека во иднина ќе се исплатат повеќе. Том Холанд е супер дечко, има талент и капацитет за да си го заслужи костимот што ќе ја одбележи оваа генерација. 
 
Хуморот е претежно ефективен, носталгичарската екскурзија е умерена, ама пак таа е веројатно единствениот баланс што го држи филмот да не се распадне по пат, особено кога случајни споредни ликови добиваат супермоќи само за да може приказната да се придвижи напред. На крајот, пак е Спајдермен филм, па ако веќе си зацапан во марвелскиот филмски универзум, веројатно ова е многу подобра опција да утепаш два лабави саати од Eternals или некое друго срање таму што јас лично не би го допрел ни со стап од далеку.

Види такоѓе:

No comments: