January 30, 2019

Добредојде назад и збогум, Френк

Колку бев пресреќен што Френк Кесл се враќа. Особено поради тоа што можеби за последен пат ја гледаме оваа инкарнација на Панишер. Марвел сакаат да ги преселат сите нивни серии од Нетфликс на сопствениот моментално непостоечки стриминг сервис, па додека пак отпочне некаква продукција, Daredevil, Luke Cage и тие другите неколку што не ги гледав, кон крајот на 2018 се стекнаа со статус укинати. The Punisher уште не е на oвој список, ама јасно ти е дека е следниот наслов за отстрел.

Не ми е криво што можеби нема да продолжат серииве во истиот облик како до сега. Daredevil си истера супер три сезони и не само што постави стандард за адаптирање на самиот Дердевил надвор од стриповските страници, туку наштелува и шаблон за други сурови и мрачни оживувања на Марвел ликови. Втората сезона на Daredevil го донесе Панишер во заедничкиот марвелски филмски универзум каде што постои зборлест ракун и тоа беше најдобриот Френк Кесл што светот го доживеа. Барем поголемиот дел од светот претпоставувам, сигурен сум дека има луѓе на кои Долф Лунгрен, Том Џејн и вратарот од War Zone им се бољи.


Френк Кесл процвета во таа втора сезона на Daredevil. Перфектниот кастинг, извонредната динамика со Дердевил и останатите ликови, одлично вклопениот воведен наратив и соодветната употреба на прекумерно насилство, конечно ги погодија правилните ноти за достоинствена Панишер адаптација. Немаше ќорци - сите мети беа распарчени од рафали. Френк Кесл беше вистински оживеан и сите чекавме на неговата самостојна серија.

Сепак, првата The Punisher сезона испадна млака наспроти ветувањата во Daredevil. Френк Кесл веќе не беше сенката што демне, па да си изненаден од неговото ненајавено тропање по нечиј череп, туку беше централен лик со поголем простор за брутални маневри. Наместо тоа, материјалот беше значително поприземјен од она што го видовме во Daredevil и можните количини од насилството карактеристично за секојдневните интереси на Френк беа заменети со често досадни интерперсонални драми. Иако е сосема океј да ги истражуваш мотивите на таква немилосрдна машина за убивање како што е Френк Кесл, може да биде досадно кога е централен елемент во приказната.

Втората сезона излезе месецов и не е ништо подобра. Тука можно е малку да навлезам во спојлерска територија, па ова нека биде задолжителното предупредување за да не биде после Crapwerk ми ја усра серијата. За жал, сезоната е веќе толку лоша што секој спојлер е немоќен. Не само што нема доволно крвопролиќе за мој вкус, туку пак и пак се плетка во некои ствари кои повеќе би легнале во друг жанр. Кој мислел дека е добра идеја да става долги сцени од две жени што оговараат, во серија за нестабилна будала што ги убива оние за кои одлучил дека заслужуваат така да бидат казнети?

Ова е и трет пат како серијата се занимава со минатото на Френк и неговите мотиви. Пак на долго и широко сака да те потсети дека Френк е Панишер и се одмаздува за смртта на неговото семејство која попатно ја користи и како изговор за постојано да ја претвора неговата околина во бојно поле. Сфативме уште првиот пат, во ред е. Френк не е баш добар со менталното здравје. Daredevil тоа го понуди, првата The Punisher сезона се погрижи да го соџвака, а вторава уште го ждригa.

Ликот се вика Панишер. Значи "Казнувачот". Ги казнува криминалците трајно и ефективно со неговите вештини стекнати низ вистински воени фронтови. Не се вика "Човекот кој го изгуби семејството, па сега се обидува да пронајде утеха и алтернатива во случајни ликови што ги среќава на случајни места". Панишер го гледаме само три-четири пати во тринаесет сезони. Измеѓу не се случува ништо возбудливо или поради мрза на сценаристите е така досадно развлечено. Кога една од најинтересните епизоди е очигледен омаж на Assault on Precinct 13th на Карпентер, што повеќе да збориме.

Освен првите три епизоди и последните три минути, имав чувство како да ја гледам истата епизода измеѓу. Русо не се сеќава на ништо и не е сигурен што сака, Џон Пилгрим предолго ја цитира библијата пред да прогресира како лик, Мадани исто не знае што сака и од Френк и животот, онаа малана упорно ќути и го кочи и тој дел од приказната да... Сите некако си ја бркаа опашката додека мене ми опаѓаше интересот. До десетта епизода веќе се молев ова да заврши засекогаш.

Доколку сезоната потрошеше малку повеќе време на Џон Пилгрим отколку на клише наративот со Русо и психијатарката која почнува да се плетка со него, сигурен сум дека како целина ова ќе беше повпечатливо. Вака, Нникогаш не сфатив кој е главниот негативец тука, ниту пак дека има некои издржани мотиви. Никогаш и не осетив дека Френк Кесл може да биде повреден од било кој од овие луѓе или полицијата. Комплетно отсуствуваше секаков предизвик за Панишер. А, доколку серијата се обиде на три различни ликови да им наоѓа НЗС како што ми се виде, тогаш беше невешто и аматерски изведено.

Не сакам да споредувам со третата сезона на Daredevil, ама изгледа ќе морам. Истиот универзум е, истата продукција и некогаш овие два ликови беа заедно на исто место и сериите претендираат да имаат сличен тон. Дердевил во неговата трета сезона го затекнавме скршен на секој можен начин. Заканата доаѓа од две прецизно дефинирани и фокусирани страни, а тој е немоќен веднаш да одговори. Значи ликот е ставен во позиција од која издигнувањето изгледа  тешко со што самата приказна станува позанимлива и привлечна.

Френк Кесл е дизајниран скршен, па не можеш да го третираш како Дердевил. Не можеш и така од никаде да го фрлиш назад во игра откако е делумно среќно пензиониран. Зошто воопшто да го пензионираш тогаш? Како првата сезона го дозволи тоа не ми е јасно. Нели веќе еднаш се пензионираше после Daredevil? На крајот од втората сезона конечно го гледаме Френк како ја прифаќа неговата природа и решава да биде Панишер. Нешто што никогаш не требаше да се изгуби.

Конфликтот на Мет Мурдок во третата сезона на Дердевил е поуверлив каков таков затоа што Мудрок има пофункционлен морален компас од Френк Кесл и кај него има повеќе простор за играм-не играм. Не сакам да го видам Френк Кесл како не е Панишер. Некако не ми е својствено за ликот. Цело време имам впечаток дека тоа е единственото нешто што го одржува жив. Дури и на Брус Вејн кој ги има Алфред и Робините тешко е да му го одземеш Бетмен. Френк претежно нема многу "фиксни" луѓе околу кои евентуално би можеле малку да го приземјат. Не му го правете тоа на Панишер, ебаве. Остајте го да си биде Панишер.

Баш тапа ако ова е последното од Џон Бернтрал како Панишер. Он е единственото нешто поради кое и ја догледав оваа мачна, напорна сезона. Не можеа да најдат подобар актер и сигурен сум дека сите следни Панишери ќе бидат споредувани со него. Нешто како што секој следен Џокер ќе биде споредуван со Хит Леџер, со таа разлика што овој врвен неповторлив перформанс е дел од преценета шкарт серија. Стварно е поразително што и оваа сезона не му обезбеди услови асално да замириса на барут.

No comments: