April 18, 2014

Son of Batman (2014)

Кога разбрав дека DC ќе го пренесат најдобриот лик од Бетмен универзумот на друг медиум различен од стрип, го измокрив креветот. Океј, ќе го измокрев и без тоа, меѓутоа ова е друга тема на муабет. Откако Грент Морисон го уфрли Демијан, синот на Брус Вејн и Талија ал Гул во стриповите, ништо повеќе не беше исто. Токму таа приказна беше и подлогата за најдобрата Бетмен приказна што сум ја читал, аркот Batman R.I.P. Можеби беше и прашање на време кога ќе почне да егзистира на некое друго ниво, како во овој случај со анимираниот филм. Демијан продолжи и во новиот универзум на DC, како Робин, за на крај Морисон да го земе така како што го донесе.


Самиот лик е премногу комплексен и деликатен за да може лесно да го напушти својот матичен медиум. Од самиот почеток, ликот беше изложен на постојан развој. Почна како разгалено детиште чија смрт беше посакувана со секоја пролистана страница, до лик кој прирасна за срцата на многу фанови. Вклучувајќи ме и мене. Ја следев неговата трансформација, односот кој го имаше со другите ликови, приказните и на крајот ми беше многу тешко да го пуштам да си оди. Затоа и едвај чекав да видам како ќе функционира во Son of Batman.

За жал, крајниот резултат е една голема мешаница чии делови се тотално некомпабитилни. Не само што оргиналната приказна е осакатена, туку и обидите да се допре до некои паралелни дејствија не успеваат да проработат. Целата реализација е изфорсирана, избрзана и комплетно ја промашува поентата на Демијан и тоа како Брус Вејн се справува со него. Многу површно се чепнати главните карактеристики кои го дефинираат ликот. Во ниту еден момент не бев убеден во неговите постапки, постапките на Бетмен и околината. Нафрланите акциони сцени и досадните негативци само го задушија она што можеше да биде барем малку интересно. Дали воопшто некој се потрудил да го разбере ликот или целата била остварува на овој филм по секоја цена? Не очекував панел-по-панел адаптација како Year One или The Dark Knight Returns, ама не очекував ни вакво разочарување.

Од друга страна, анимацијата ми беше супер. Тимот од десетиците јапонци излистани на крајот, одлично си ја завршил работата. Дизјанот на костимите не беше воопшто лош, а гледам дека и фино запазиле и Демијан да биде како во стриповите. Океј беа и гласовите, само што различен Бетмен/Брус Вејн од Кевин Конрој ми го прави ликот некако блед во однос на тоа што сум навикнат да го добивам. Џејсон О'Мара е далеку од лош, меѓутоа не успева во целост да го постигне ефектот.

Можело многу подобро. Да, секогаш може, но тука навистина можеле малку повеќе. Разбирам дека приказната не е воопшто лесна, но и не е тешко да ги извадиш стварите кои функционираат. Не беше задолжително да видиме како Демијан му носи глава од криминалец на Брус, меѓутоа можеше да се продлабочи нивниот однос малку повеќе. Не е Son of Batman само ако не уфрлиш било каква драма. Многу, многу површно изведено. Крајот го остави синчето живо и здраво, ама сепак би ги прескокнал сите нови адаптации. Подобро е да си остане на хартија, отколку да биде вака унаказен.

No comments: