March 4, 2019

Оскаровскиот Спајдермен

Можам да замислам колку им е јако на посветените Спајдермен фанови овој период. Лани се нагостија со солиден PS4 наслов и анимиран филм што пред некој ден беше награден со Оскар, а наскоро пристигнува и продолжението на Homecoming. Се надевам дека и тековните Спајдермен стрипови се синхронизирани со забавата што ја сервира ликот низ другиве медиуми. Последниот аниминиран филм, Spider-Man: Into the Spider-Verse, е исклучително забавно и возбудливо парче, онакво какво што ретко се гледа откако филмските суперхерои интензивно почнаа да се потпираат на групирања во заеднички универзуми. Tолку e супер што дури и ми ја врати желбата за Спајдермен стрипови. Четири-пет години не сум пипнал Спајдермен стрип.

Spider-Man: Into the Spider-Verse, бидувајќи изолирана анимирана единка, се потпира на сопствен мултиверзумски еко-систем во кој функционира речиси беспрекорно. Сигурен сум дека во иднина ќе се разграни со продолженија и спинофи, ама сум среќен што основата овде не страда од интрузивна презентација. Баш е културно и умерено. Можеш да приметиш кога нешто е примарно создавано да е прв дел од многу и како му испаѓаат парчиња додека се тркала.


Мајлс Моралес конечно дочека достоинствен долгометражен третман и е вистинско освежување во Спајдермен свет каде што зад маската претежно се наоѓа Питер Паркер. Мајлс доаѓа и во време на безобразна присилена монетизација на диверзитет и прогресивни политики, а воопшто не создава беспотребна бука околу тоа. Колку повеќе се галами околу тоа, ефектот е помал. Некои филмски и телевизиски франшизи ја учат баш оваа лекција во моментов. Види само каква контра-услуга си прави Captain Marvel со интензивната промотивна кампања која исклучува цела демографска група.

Но, Into the Spider-Verse претежно се занимава со еден денес редок елемент - забавата. Во последно време има толку драми и контроверзии околу продукцијата на сите овие суперхеројски лајна што додека дојдеш до крајниот производ веќе си затруен од нив. Овде не го осетив тоа. Филмот ми пристапи прилично тивко и ме потсети на едно време кога овој жанр беше многу порелаксиран, ведар и топол, кога немаше потреба да  нагласува некаков политички тон или да се додворува на публиката со носталгија.

Чисто уживање за секоја возраст. Ултра-интересна приказна, феноменален кастинг, топ музиче и досетлив хумор. Не секој суперхеројски филм мора да го има истиот пристап кон спасување на светот. Без разлика дали е анимиран или не, мило ми е што заобиколува голем дел од досадните линеарни клишеа. Продуцентите во целост ја разбрале суштината на Спајдермен и можеби затоа резултатот е така префинет. Нешто чудно се случува откако суперхероите почнаа да стануваат поблиски со нашата реалност отколку со нивната, стриповската. Into the Spider-Verse иако игра околу границата, конечниот избор му е да остане во наивните стриповски рамки каде и најсоодветно функционира.

Анимацијата е главниот алат кој му овозможува на Into the Spider-Verse да настапи видно дистанциран од повеќето жанровски шаблони и итро ја користи приликата за се раздвижи. Oсобено во самата естетика која во одредени моменти го прави да изгледа како кандидат откорнат од фестивал за независен анимиран филм кој не штедел на визуелен раскош и психоделичен сензибилитет. Баш тој неодмерен експериментален стил го прави филмот толку привлечен и уникатен. Се надевам дека неизбежните продолженија ќе бидат поумерени во овој контекст зашто во спротивно брзо ќе излити и ќе се презаситиме.

Саундтрекот е уште еден впечатлив елемент кој придонесува за модерниот, младалачки амбиент на Into the Spider-Verse. Претежно се состои од имиња кои творат низ денешниот актуелен хип-хоп спектрум чии ствари овде се соодветно распоредени и одлично се вклопуваат во ритамот на филмот. Често го фаќам како ми се протнува во дневната плејлиста.

Се осеќам добро со Into the Spider-Verse. Слично исполнувачко чувство ми предизвикува The Lego Batman Movie. Ги гледаш и не си натоварен со тоа дали Локи ќе се бацува со Танос во седмото Avengers продолжение или дали Бен Афлек некогаш ќе биде пак Бетмен. Изморен сум од филмската суперхеројска серијализација и цикузот зад завесата. Се надевам дека некогаш во иднина продукцијата ќе се врати на самостојни приказни како Logan, а иднината ќе донесе нови свежи креативни екскурзии како Spider-Man: Into the Spider-Verse во овој одамна згрчен жанр.

No comments: