За еден месец од сега, започнува снимањето на Star Wars: Episode VII. Сценариото е завршено уште во јануари оваа година, а доколку и кастингот е спремен, моментално се држи во тајност. Следниве неколку недели, очекувам и тоа да е познато, па да проценам отприлика што може да се очекува. Локациите за снимањето (бар дел од нив), се веќе избрани. Потврдени се Исланд и Мароко, и најверојатно Тунис. Последниве две, несомнено ќе бидат искористени за Татуин, што некако ми делува интересно бидејќи на некој начин, е клучен елемент од целата сага. Во целата оваа вест, добрата работа е што Џ.Џ. Абрамс ќе снима на физички локации, со што целиот филм ќе биде пооргански, и покрај тоа што сигурен сум дека нема да се откаже од прекумерна употреба на зелено платно. Во секој случај, очекувам барем визуелно да е поубедлив од приквел трилогијата.
Како што никнуваат новостите, така суптилно го закачаат детето во мене што сака да види нов Star Wars. Иако очекувањата ми се минимални, а неколку работи што испливаа последниов период уште толку не дозволуваат да пркнат. Да, почнеме по ред, може? Она што е најголемото за целиот филм, е враќањето на оргиналната тројка. Лук, Леа и Хан Соло. Актерите се, за среќа, сеуште живи и евентуално заинтересирани. Барем Марк Хамил и Кери Фишер. Харисон Форд за ваква работа го убедуваш со цифра повеќе на чекот, претпоставувам. За студио како Дизни, тоа воопшто не е проблем, со оглед на тоа што се решени новата златна кокошка да ја измолзат максимум што можат, вложувајќи (чекај, да измолзат кокошка? Сериозно?). Веројатно Star Wars ќе добие сличен третман како и филмовите на Marvel, така што по еден филм годишно е сосема реално сценарио.
Стар Wars. Хехе.
Но, колку се Форд, Фишер и Хамил се навистина спремни за улогите кои го прославија Харисон Форд? Постерот од новиот The Expendables, каде што имало часови фотошопирање, го покажува спротивното. Пројдени се 30 години откако последен пат биле во Star Wars овие луѓе, луѓе! Особено Марк Хамил. Денес воопшто не изгледа како Џедај, Кери Фишер е далеку од метално бикини, а Харисон Форд - види слика. Првиве двајца воопшто немаат ни глумено последниве години, освен тоа што позајмувале гласови и се пародирале сами себе. А, не е ни дека покажуваат некој особен талент во оргиналната трилогија. Во Episode VII, фокусот ќе биде насочен кон нив, каде што постепено ќе ја пренесуваат Силата на нова генерација. Подобро не би ги гледал воопшто, отколку да видам како попусто се обидуваат и штрчат.
Самата приказна е посебна приказна. Откако Дизни превзема, го отфрли целиот Проширен Универзум од канонот, оставајќи ги само филмовите. Ова е исто така добро, зошто добар дел од тоа беше комплетно срање. Ретко е во тоа купче врели гомна, да најдеш нешто квалитетно. Плус, Лоренс Касдан ќе избегне соочување со толпа бесни 45 годишни деца кои уште спијат во Star Wars пижами. И, кога сум кај Касдан, типот ги има напишано Empire Strikes Back, Raiders of the Lost Ark и Jedi. Последниот филм за кој што е познат на пошироката јавност е баш Jedi. Дали денес е воопшто способен да напише квалитетна приказна? И, тоа заедно со Џ.Џ. Абрамс, за кој искуството со неговите филмови ми кажува нешто сосема трето. Крајно сомнително.
Единственото нешто што ме теши околу целото ова е што Дизни до сега покажале дека грижливо го третираат она што им носи огромен профит. Има огромна критична маса што ќе поддржи било што на кое што пишува "Star Wars", а враќањето на старата екипа ќе се погрижи за тоа полесно да се продаде. Прашањето е дали ќе биде доволно добро за да можам јас да го прифатам. Рано е да почнам да го одговарам тоа, барем додека не се појави нешто како тизер или барем детали за приказната. До тогаш, целата судбина на новава трилогија е оставена во раце на луѓе кои не ми делуваат баш најкомпетентно.
No comments:
Post a Comment