Marvel со Iron Man 3 покажаа дека се доволно храбри да истражуваат малку помрачни територии со нивните шарени суперхерои. Иако на поразличен начин, The Winter Soldier го фрла Кеп токму таму, во сомнителни конспиративни политички игри, кои ќе остават длабока трага во филмскиот универзум на франшизата. Кога имаш ваков лик, кој е исто така малку надвор од своето време, ова некако се чини како логичен тек. На кратко, ова е Captain America филмот кој јас сакав да го видам. Можни се ситни спојлери надолу.
Приказната е позајмена од феноменален стрип арк на Ед Брубејкер, една од заслужните за да се навлечам на овој лик. Marvel, за филмовите, се служат со најдобрите модерни приказни и одлично умеат да ги пренесат. Иако адаптацијата не оди во најситните детали, суштината е задржана.
Додека Кеп се обидува да се прилагоди во дешениот свет во кој се затекна после десетици години, заканата доаѓа од редовите на S.H.I.E.L.D. Никој не е безбеден, па дури ни Ник Фјури. За денот додатно да биде сјебан, Кеп е соочен и со неговиот непрежален другар од Втората светска војна, Баки Барнс, по чија наводна смрт е претворен во брутален убиец со испран мозок и механички екстремитети, програмиран да елиминира секакви цели. Целата параноична ситуација која може засекогаш да го оштети светот како што го знаеме, станува и лична борба на Кеп со неговото минато и порив за исправање на истото.
Без разлика колку и да се сериозни темите со кои се занимава Captain America: The Winter Soldier, сржата на филмот е стриповска. Со тоа е постигнат балансот помеѓу двата света (нашиот и оној на Marvel), кој го прави ова остварување да биде толку моќно. Секако, намигнувањата кон слични настани од нашата денешница се присутни, но свиени на ваков начин, делуваат уште посимпатично. Она што Marvel успешно го прават со Captain America, се акционите сцени кои изгледаат како директно да се излезени од хартијата. Мило ми е што го продолжија тоа од првиот дел. Па, и самиот крај на филмот, каде што најчесто сме бомбардирани со безобразни ефекти и експлозии, е некако умерен и фин. Не само што е културно, туку и на моменти делува реално и убедливо.
Кастингот е погоден како и секогаш. Покрај добро познатите ликови кои се филмови наназад дел од екосистемот, Captain America: The Winter Soldier нуди нови кои одлично се вклопуваат. Сосема заборавив на Falcon, кој ќе е дел од следните The Avengers. Ентони Меки не ми е нешто посебно познат, меѓутоа веќе го прифатив заедно со неговата приказна. А, на мое големо изненадување, се појави и еден актер од Heartbreak High, серија која веројатно денес егзистира во две телевизиски архиви, од кои едната е наша и за жал, веќе непостоечка.
Captain America: The Winter Soldier повторно ја помести границата. Ова веќе го зборувам за секој филм на Marvel и почнав да си здосадувам. Веќе не можам да го видам крајот на темпото, што е доказ дека тие луѓе таму многу добро знаат што прават. Со малку среќа и малку логика, гласините дека третото продолжение на The Avengers ќе се занимава со Civil War, би станале реалност. Останува да почекаме и да се надеваме.
2 comments:
А Callan Mulvey - ликот што е од Hearbreak High ќе глуми и во Batman vs. Superman.
Да бе, од нигде се избаци типов. :) Глеам у 300: Rise of an Empire е исто.
Post a Comment