Кога крајот на Death of the Family аркот на Снајдер ме остави рамнодушен, не можев да претпоставам што всушност во меѓувреме се случува со оној дел од приказната за која е задолжен Морисон. Таму кај што Снајдер заврши лабаво, Морисон уште еднаш го измести светот на Бетмен од шините.
После феноменалниот R.I.P. приказната продолжи со еден непривлечен наслов за мене, Batman Inc. Го оставив некаде на почеток, зошто идејата за организација "бетмени" кои делуваат на глобално ниво, спонзорирана од Брус Вејн, и не ми изгледаше којзнае колку интересна. Талија, Левијатан, повторно закана за Готам и Бетмен... Се изначитав доволно кога одеше Night of the Owls. Меѓутоа, Морисон ја доведе оваа војна на малку полично ниво, решавајќи да посегне по Демиан Вејн, актуелниот Робин и синот на Брус и Талија која пак го замислувала како новиот владетел со светот. Без да навлегувам многу во детали, Демиан избира поинаков пат кој и не ја воодушева Талија. И така, Морисон, кој го доведе малиот Робин во универзумот, пред да замине од Batman, реши да го земе со него.
Смртта на Демиан ја остава целата Фамилија во празнина и болка. Дојде како разгалено нервозно детиште, го превзема костимот на Робин и откако ја освои целата публика, си замина херојски и тивко, жртвувајќи се да го спаси Бетмен и Готам. Batman & Robin #18 е до сега најмоќното издание од овој наслов. Иако очекував Капуло да го понесе товарот и да ја преслика темната ситуација како што најдобро умее, Томаси го стори тоа на маестрален начин со овој "нем" број. Истрошената изрека дека сликата вреди илјада зборови? Тоа е Batman & Robin #18. И претходно сме го гледале Брус комплетно скршен, но ништо не успеало да го преслика тоа како овој број. Без линија дијалог, со само едно писмо од Демиан до Брус на крајот, гледаме како Брус и сите останати се соочуваат загубата. Цртежите на Глисон едноставно зборуваат премногу.
Batman #18 па од друга страна не ги исполни моите очекувања. Можеби затоа што Batman & Robin #18 толку мајсторски се надоврза на ситуацијата која ја направи Морисон, па што и да читав ќе изгледаше инфериорно во однос на тоа. И, доколку сеуште има такви што не го сфаќаат стрипот како сериозен медиум, предлагам да ги грабнат последните броеви од приказнава да им удри шамар.
No comments:
Post a Comment