March 4, 2022

Неизбрусениот Бетмен

Бев на премиерата на The Batman. Без многу возбуда што сум пак назад во кино, си ги отседовме трите саати. Со непотребна пауза од петнаесет минути додуша, да не му се примочка случајно на некој тиктокер. Разбирам дека е малку над стандардното времетраење, ама одлуката на киното да воведе ваква пауза сред филм е најглупавото нешто што можеше да се случи. Сериозно, дури помалку ми пречеше што невоспитан гамад пафкаше смрдливи електронски цигари во салата. Или пуши вистински цигари ако веќе ти треба никотин или губи се со тоа. Срамно е било каде да лигавиш такво апаратче.

Филмот е супер. Имам некои замерки секако, малку му фалеше да се запише како совршениот Бетмен филм, ама пак општиот впечаток ми е позитивен. Нема да навлегувам во спојлери во оваа прилика, така што муабетот подолу е претежно безбеден за читање. Баш ме интересираше каков Бетмен филм е возможен во време кога уште циркулираат впечатоците од трилогијата на Нолан. Тие филмови не само што го сменија пристапот кон ликот, туку наметнаа цел сноп стандарди за каде може да отиде жанрот. Неизбежно е да создаваш нов Бетмен без да цапнеш барем малку на таа територија.
 

Режисерот Мет Ривс е свесен за ова. Неговиот Бетмен е приземјен во многу слична реалност како таа на Нолан, со тоа што инспирацијата за тонот и наративната структура на филмот претежно ја наоѓа во делата на Дејвид Финчер. А, ако веќе се стремиш кон повалкан тон што отскокнува од мазно исполираните текстури на Нолан и истовремено гази низ мракови, тоа дефинитивно се наслови како Se7en или Zodiac. Особено кога идејата е да раскажеш детективска приказна каква што е оваа во The Batman. Баш затоа овој амбиент е еден од најфункционалните елементи на филмот.
 
Детективскиот аспект на Бетмен е многу ретко застапен во филм. Мет Ривс ја користи  приликата да го заобиколи секој претходен калап и успева да му пристапи на материјалот од друг агол. Ова е трета филмска итерација на ликот во последниве десетина години, никој не сака да го гледа истиот филм пак. Тука гледаме млад Бетмен, во својата втора година, кој уште е недоволно искусен во спроведувањето на правда и одмазда низ валканите готамски сокаци, меѓутоа е исто ефективен. Го има оној сиров несозреан момент што го прави уште позастрашувачки инструмент за секој кој исплашено погледнува позади да не му се појави возрасен маж облечен како џиновски лилјак што ќе му ги пререди коските.

The Batman е повеќе мистериозен трилер отколку што е стандардниот суперхеројски филм. Целата приказна ја следиш од перспективата на самиот Бетмен, знаеш онолку колку што и тој знае, па затоа е лесно уште од самиот почеток да се инвестираш во тоа што се случува и таа постојана неизвесност да биде толку ефикасна. Филмот е бавен, тензичен, непредвидлив и лупи слој по слој. Не сме виделе ваков Бетмен до сега, приказни од ваква природа функционирале исклучиво во стриповите. Океј, до некоја мера и во Arkham игрите.

Не бев изненаден што Роберт Петинсон толку добро се снаоѓа во улогата. Ликот на Брус Вејн е уште млад, ентузијаст за неговиот Бетмен индентитет до степен да ја нема таа јасна линија помеѓу двајцата што доаѓа подоцна. Затоа и отсуството на Брус Вејн ми е некако оправдано. Петинсон е Бетмен и кога не ја носи маската од причина што и самиот лик има потешкотии да ја установи разликата и удобно да се справи со двајцата. Перформансот е врвен. Тие што уште се сомневаа во неговиот актерски капацитет сега би можеле конечно да си поќутат малце.

Најголемото изненадување ми е Ридлер на Пол Дано. Ова не е Ејс Вентура облечен во зелен спандекс, туку е исклучително паметен психопат чие делување ја леди крвта на секој жител во Готам, па дури и самиот Бетмен ќе се најде затекнат во неколку наврати. Дел од неговата методологија е очигледно инспирирана од вистинскиот Зодијак и одлично се вклопува во концептот за филмот. Со оглед на тоа каков достоен предизвик е овој Рилдер за Бетмен тука и како овие двајца актери ја градат таа цврста врска, нема да згрешам ако заклучам дека ова е најдобриот филмски Бетмен негативец од Џокерот на Хит Леџер навака.

Веројатно нема од прва да го препознаеш Колин Фарел како Пингвин. Можеби нема ни од втора. Да не знаев кој актер е така нашминкан, немаше шанси да ми текне. Не знам од каде го извади ова што ме затекна во The Batman, ама е феноменално. Ова е Освалд Коблпот што е поблизок до стрипови од било кој претходен до сега. Ситен клошар што газел кај стигнел за да стигне таму каде што е сега. Доколку има некакво продолжение би сакал повторно да го видам. Функционален е кога не е премногу во фокус, меѓутоа филмот наоѓа начин за прописно да го искористи како неопходен дел во големата слика.

За жал, не би можел истото да го кажам и за Селина Кајл. Баш бев возбуден за Зои Кравиц во улогата, барем до трејлерите беше максимално уверлива како Кетвоман, меѓутоа филмот не овозможува некој значителен простор за целосно да пркне тој потенцијал. Некогаш се гледа како намерно гребеле за да ја вметнат и кај што можеби не одговара, ама како перформанс и колку ликот е близок до изворниот материјал, ова е дефинитивно најдобрата нејзина адаптација. Само што со многу малку штимање нејзиното присуство во филмот би имал многу подобар резултат.

Истото важи и за Алфред. Секако дека мора Алфред да биде присутен во Бетмен филм, тоа е тој што умее да биде единствениот потребен баланс за Бетмен, меѓутоа филмот не само што не знае што точно да направи со ликот, туку и попатно го исфрла и заборава. Не знам дали е до уредувањето на филмот, ама сигурен сум дека барем со Алфред можело да се направи многу повеќе. Сакам да верувам дека можеби овој млад Бетмен ја нема истата "професионална" динамика со Алфред во тие години, ама веројатно причината е само несмасно истретиран дел од сценариото и идејата за филмот. 

Единствено Гордон од сите сојузници на Бетмен успева да блесне и да си го достигне потенцијалот. Начинот на кој е конципиран филмот создава прилика за такви "buddy cop" моменти, па Мет Ривс го држи Гордон во игра без ни малку да го одмори. Џефри Рајт е одличен актер и добро се снаоѓа со улогата, можеби единствената ситничарска замерка за Гордон ми е тоа што ми прифали некоја етапа во развојот на ликот. Да, знаеме дека Гордон е добриот полицаец, ама зошто и како се решил тука да му помага на Бетмен и што е неговиот залог е нејасно освен ако не се обратиш на друг материјал.

Многу малку му фали на The Batman да биде совршениот Бетмен филм. Барем вака на прво гледање го имам тој впечаток. Три саати и не се многу, особено не за петнаесет минути пауза, ама мислам дека барем едно пола саат е вишок. Филмот си вози супер фино темпо што на крај буквално ќе го поплави за да ја има задолжителната голема и бучна акциона сцена, нешто што е комплетно надвор од тактот на првите два саати. Повеќе сакав филмот да си остане компактен како претходно. Имам уште некои забелешки, особено за наглата промена на мотивот на Ридлер, меѓутоа тоа е попаметно да го дискутирам во некоја прилика каде што ќе можам слободно да се расфрлам со спојлери.

Во секој случај, ова испадна добар Бетмен филм. Задоволен сум со тоа што го сервира Мет Ривс. Нема поента да го споредувам со другите, ама успева да се задржи себе и да си го најде гласот. Не знам колку Петинсон ќе успее да се одвои целосно како Бетмен, малку е сатуриран пазарот со разни Бетмени. Уште некако се чувствува присуството на Бејл и Афлек за кај повеќето овој нов Бетмен да "запали" од прва, ама се надевам дека времето ќе му овозможи некоја посилна позиција. Баш би сакал да видам каде би можел да отиде овој лик. Ете, веќе има шпекулации за Court of Owls во некое следно продолжение, а таа приказна би можела совршено да се раскомоти во овој свет што Мет Ривс го обликува тука.

Види такоѓе:

No comments: