November 3, 2022

Пица и Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge

Девеести меѓудругото, беа флипери и Нинџа Желки во секаков медиумски облик. Немаше флиперница на времето без онаа оригиналната Teenage Mutant Ninja Turtles игра. Доколку ја немаше таа, тогаш сигурно ја имаше Turtles in Time, а ако немало ниедна тогаш си одел на погрешно место на флипери. Таа првата на Konami ја имаше и за Нинтендо и за речиси сите тогашни системи што можеа да пуштат игра. Ја плескавме и по дома, ама ништо не можеше да ја долови графиката на аркадната верзија.

Толку сум приврзан со овие игри, како и за еден тон други ствари што ме правеле среќно дете, па воопшто не беше тешко да ми ја продадат новата Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge што излезе летово и изгледа скоро идентично како тие флиперските. Океј, уште не ми ја продадоа, ја чекам на некој попуст зошто не ми се даваат 25 евра за толку кратка игра и покрај тоа што одамна си ги заработувам "петденарките". Ја собрав преку алтернативни канали. Полневме пиратски флиперници со жетони и тогаш, ај сега.

Иако ја сакам речиси секоја итерација на Нинџа Желки, засекогаш ми се омилени оние од првата анимирана серија од 1987. Со тие растевме, собиравме албум со сликички, имавме по некоја играчка, па дури и едни тренерки што цело маало ги носеше. Секоја генеција си има свои Нинџа Желки и тоа ми е прејако. Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge е со тие моите Нинџа Желки од пред триесет и кусур години. Најлесно е да ми ја протнеш таа носталгија и среќен сум што овој пат доаѓа во пооригинално издание наместо како ремастер на некоја од старите игри.

Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge и покрај некои модерни елементи што на времето биле ограничени од тогашната технологија, изгледа и се осеќа како никогаш измеѓу да не постоеле современи игри. Многу од тоа се должи и на визуелниот стил секако, многу е поиздржлив од не знам, стилот на игри за оригиналниот ПлејСтејшн што е повеќе како еволутивен чекор отколку крајна форма на одредена технологија. Не верувам дека денес можеш да продадеш тазе 3D игра со пет полигони, без оглед на тоа колку носталгија евоцира. Затоа имаме саглам ремастер на раните Resident Evil игри наместо Лара Крофт со шпицести цицки.

Неверојатно колку добро и мазно е изведена Shredder's Revenge. Графиката, дизајнот на стазите, звукот и самиот гејмплеј. Имаш повеќе различни удари на располагање кои одлично парираат на непријателите кои се различни на секоја стаза. Пак е задржана "примитивноста" на оригиналните игри на Konami, ама има еден куп варијации што совршено природно се вклопени што едвај ќе приметиш дека играш игра објавена во 2022. Како таква, целосно си ја остварува намерата. Уште појака е со двајца. Бутате пица залежани и кршите прсти на контролери. Онлајн може и до шест играчи, ама не верувам дека е приближно интересно како залежани на бинбег со друштво.

Изненаден сум и колку знае да биде предизвикувачка играва. Пази, и старите игри се така дизајнирани. Да пикаш жетони од пет денари, да поиграш минута две пред да те утепаат, па да не јадеш тој ден на голем одмор за да имаш за уште два-три жетони. Тука имаш опција да искусиш нешто слично преку arcade mode, секако без делот со гладување, ама дури и кога ја играш обичната кампања каде што "животитe" не ти се лимитирани, Shredder's Revenge воопшто не те штеди. Единствена замерка ми е што е некако кратка, можеш да ја пројдеш цела за неколку саати, ама па и тие оригиналните не беа нешто подолги. 

Алал за Tribute Games како успеале да го доловат духот на старите Konami игри. Дури ги собрале и оригиналните актери од анимираната серија за уште еднаш да го позајмат гласот на Желките. Не дека ќе го приметев тоа без да го прочитам, мене Димче Мешковски, Чоре, Дади и Колозов ми се Нинџа Желки, ама кул е што ги донеле така да се позезаат. Па, и за самата музика ќе налеташ на имиња како Мајк Патон, Гоустфејс Кила и Рејквон. Одлично е.

Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Reveng, колку и да е добра, не е игра што ќе ја играш секој ден. Мислам, ќе ја изиграш еднаш сам колку да си ја почешаш носталгијата и можеби нема да ја пуштиш никогаш пак, ама повеќе забава ќе ѝ ја исцедиш ако играш со друштво. Не знам ни дали има подобра Нинџа Желки игра од ова или модерната колекција со старите, така што веројатно ако ти се игра нешто од оваа франшиза, изборот е очигледен. А, додека сум на оваа TMNT тема, приметив дека за скоро шеснаесет години колку што е блогов онлајн, никогаш не сум пишал за оригиналните Нинџа Желки филмови или серија и тоа мора да биде поправено многу наскоро.

Види такоѓе:

October 28, 2022

Штета што го забораваме Reign of Fire

Значи не можеш да не сакаш змејови. Тоа е како да немаш омилена Нинџа Желка. Змејови се секогаш привлечна фолклорна тематика. Reign of Fire ги отстранува змејовите од нивниот вообичаена околина и се занимава со идејата за нивното постоење во модерно време. Во филмот, змејовите до сега биле во милениумска хибернација, а некогаш владееле со Земјата и биле одговорни за истребувањето на диносаурусите и за ледената доба. Не ми е сфатливо како Reign of Fire е толку заборавен филм, а е дваесет години стар. Затоа сега дојде на ред малку да го разбудиме како тема на муабет. 

Reign of Fire е еден од најзабавните пост-апокалиптични материјали. Филмот се случува во 2020 годинa каде што по новиот подем на змејовите и нивното забрзано размножување, светот е пеплосан и едвај е останата некаква современа технологија, а човештвото е речиси истребено и живее напикано во тврдини со надеж дека ќе ја дочека следната змејска хибернација. Кристијан Бејл предводи мала група на преживеани кои кренале раце од борбата против змејовите и се надеваат на подобри денови засолнети во замокот Бамбург.

Еден ден во нивниот камп ќе пристигне Метју Меконахи со мала американска армија и сознание дека во светот постои само еден машки змеј кој е одговорен за расплодот, па веруваат дека ако го убијат ќе го спречат ширењето на овој нов доминантен род што го уништил речиси цел свет. Тимот на Меконахи не се крие по дупки, туку успешно убива змејови со години наназад. Двете групи наидуваат на меѓусебен конфликт - Бејл не сака да дозволи неговите луѓе да станат скара за змејовите, додека Меконахи е дојден да регрутира нови војници.

Филмот внимателно го гради светот во кој е сместен. Детално ги реди слоевите, од малата група на Бејл каде што децата се забавувани со аматерски театарски изведби на Star Wars, до начинот на кој војската на Меконахи ги спушта змејовите на земја со големи мрежи. Можеш да осетиш како е светот сменет и какви штетнци се всушност овие монструозни змејови. А, во моментот до каде што е дојдена приказната се и мртви гладни и нервозни, бидејќи успеале за кратко време да ги исцрпат ресурсите кои им овозможуваат да се прехранат. Сега баш тој дел за како точно функционираат змејовите во овој универзум и не е баш најпрецизно сервиран, ама ми се допаѓа краткото "научно" објаснување за како е возможно да блујат оган. Баш од овој филм е инспирирана билогијата на змејовите во понатамошната фикција, како на пример Game of Thrones.

Чудо е како Reign of Fire е самоуверен во сопствените идеи, а не паѓа комплетно во замката да се доживува себе толку сериозно и покрај тоа што се занимава со таква безнадежна и тмурна иднина. Има супер свет и е исклучително шармантен кога го нијансира со паралели од средновековна фантастика, има феноменална актерска банда, прекрасна кинематографија, пост-апокалиптична тематика со земјови и практични и компјутерски ефекти кои и до ден денес солидно се држат. Меконахи е најсветлата точка во цел филм, комплетно е внесен во ликот на Ван Зан што дури и на сет ги гњавел сите така да му се обраќаат.

Речиси сите елементи му се функционални, не ми е јасно како е возможно публиката уште да го преспива. Секако дека не е најсовршениот филм на сите времиња, меѓутоа не е воопшто толку лош за едвај да го памтиме. Сфаќам дека во истата година се излезени поголеми филмови како The Lord of the Rings: The Two Towers, Harry Potter and the Chamber of Secrets, Attack of the Clones или продолженијата на Blade и Men in Black, ама пак е до голема мера неправедно засенет. Штета. Еден е од ретките вакви оригинални блокбастери во изминативе дваесет години што не се продолженија или адаптации на постоечки материјал.

Верувам дека доколку бил финансиски успешен денес ќе гледавме продолженија и серии сместени во истиот универзум. Презабавен е и без оглед на тоа што повремено има некои сценариски луфти. Приказната може да се цеди на различни начини. Не знам дали е во недостаток на повеќе материјал од истово, ама слична ми е врската и со Pacific Rim. Уште една приказна сместена во свет со неограничени можности од која сакам повеќе, а ништо нема освен од едно продолжение и едно крш аниме кое е подобро да го заборавиме.

Види такоѓе:

October 26, 2022

Зачаден извештај од Heavy Psych Sounds Fest

Минатиов викенд со Дамјан бевме на дводневниот Heavy Psych Sounds фестивал што оваа есен паралелно се одржуваше во Берлин и Дрезден. Скоро истите бендови за двата фестивалски денови, со тоа што првиот ден свиреа во едниот град, а за следниот се ротираа во другиот. Немаше подобар повод за дружба и мешање со локалната тазе избањата металска публика низ Берлин. Или што вика Дамјан, да ги слушаме истите три рифови цел викенд. Heavy Psych Sounds е фестивал од истоимениот лејбл кој се организира низ повеќе локации низ светот и воглавно служи за промоција на сопствените бендови и артисти. 

Heavy Psych Sounds Fest воглавно се занимава со стонер дум и сродни успорени металски и рокерски психоделични звуци, ама репертоарот е внимателно селектиран за да има варијација во тоа што го слушаш без да мора да проверуваш на флаерот кој бенд свири моментално. Првиот фестивалски ден беше закажан во Urban Spree, совршена локација и амбиент за да вдоми дешавка од ваков тип. Не знаев што да очекувам, а ме пречека онакво шарено место преполно со графити, постери од ивенти излепени еден врз друг, опкружено со галерии, уметнички работилници и една голема германска пивница во средина. 

Меѓу цело ова има и едно мало тесно клубче со спуштен плафон и феноменално озвучување за да ти ги запуши вените со ниско наштимани мрсни рифови и интензивни басови. Стигнавме некаде додека свиреа италијанците Tons. Бендот го дознав непосредно пред фестивалот и не знаев што да очекувам, ама беа одличен вовед во тие што ги знаев и следуваа во текот на вечерта. Земавме некое сомнително пиво за хидрација и почнавме да се клатиме со останатата публика која веќе беше во занос од претходните саати што плански одлучивме дека ќе ги прескокнеме. Иако фестивалот беше стигнат до вториот бенд од најавениот лајн-ап, целата дешавка почна лабаво уште рано дента.

После Tons следуваше мала пауза за да се намести легендарниот Ник Оливери со неговиот акустичен сет, па излеговме пак надвор малку да покиснеме на дожд и да го поправиме впечатокот од пивото со некое подобро. По мала дебата дали Ник Оливери дреме со нас на шанк или е некој што изгледа идентично како него, се упативме внатре каде што вистинскиот Ник Оливери веќе беше почнат. Очигледно сите ќељави чичковци со брада ми изгледаат исто. Не сум слушал доволно Kyuss или Queens of the Stone Age за да бидам превозбуден за неговиот настап, ама Ник Оливери соло со акустична гитара беше многу позабавен од што очекував дека ќе биде. 

Лом направен и весел, си исвире цел сет од песни што не верувам дека беа препознатливи за било кој во публиката, ама сигурен сум дека после години кариера и звучни бендови за тебе сакаш вака јако заебантски да се испукаш. Атмосферата веќе беше созадена од претходно, па некако само ѝ даде посебна нијанса. Добро интермецо измеѓу стандардното драње и дисторзии. Сигурно не е нешто што ќе го пуштам дома, ама би го гледал пак во секоја прилика.  

 
Acid Mammoth

Следни беа Acid Mammoth. Бенд кој всушност беше мојата инспирација да се отиде на овој стонерајски аџилак. Нивниот албум Under Acid Hoof ми е еден од омилените во последно време, па се наместивме малку понапред за да можат звучниците да нè оглуват прописно. Acid Mammoth се бенд од соседна Грција, не знам како до сега не свиреле во Скопје и рокаат дум метал што ги величи Black Sabbath и рифовите на чичко Тони Ајоми на најелегантниот можен начин. Испукаа феноменален сет, меѓу кои и баш тие наслови што дома ги имам изљуштено од слушање. Фалеа да се чујат  во живо насловната "Under Acid Hoof" и "Berzerker", ама се надевам дека ќе ги гледам пак наскоро на посебен концерт. 

Публиката тука некаде почна да се "штимa" за Belzebong, па клубчето во Urban Spree полека почна да го обвива уште погуста магла и мирис на вутра. Само што завршија Acid Mammoth излеговме заедно надвор со нив за јас да можам да ги замарам и да се сликам со нив. Бидејќи имав исконтактирано со бендот претходно, немаше потреба да објаснуваме кои се скопјаните дојдени да ги гледаат, па поседовме малку надвор со таткото и синот Бабалис да дискутираме за храната во нашите држави и кој како си поминува на фестивалот. Лабави комшиски муабети. Па, ајде наздравје, па да ни дојдете на гости, па фала фала ќе ви дојдеме и ние. Супер кул екипа се, најсериозно. 

Си го набавив и Under Acid Hoof конечно на плоча директно од нив, зошто глупаците од Juno.co.uk претходно некаде ми ја истресоа нарачката на последната копија што им беше на залиха. Кога влеговме на Belzebong не се гледаше бела мачка, а ни прст пред око внатре. Публиката чади како Цементарница, бендот на сцена настапува со димна машина и зелени светла, Дамјан стои до мене, а не го ни гледам. Не го гледам инаку зошто имам некоја глупа инфекција на левото око, ама озбилно беше многу задимено. Цела облека зачадена со вутра, таман да ме надушкаат полициски кучиња на аеродром.

 
Belzebong

Belzebong распалија. Бавни надувани рифови, бука и театрален настап каков што прилега за хедлајнери на еден ваков тематски фестивал. Единствениот контакт со публиката им беше кога ги вртеа инструментите кон нас кои спелуваа SMOKE OR DIE (колку што можеше да се прочита од целиот чад) измеѓу песните. Без вокали, без семплови, само стегнато прљаво грмење долги и спори стонерајки. Веројатно еден од најинтензивните бендови со марихуана како тематика што можеш да ги искусиш во живо, без разлика дали си немирен тинејџер или старо аро.

Некако се прибравме кај Дамјан дома, малку освежени од дождот и секој глув на различно уво ама пресреќни од првиот фестивалски ден. Вториот ден Heavy Psych Sounds Fest се одржа на поширок простор, Kreuzberg Festsaal, место што исто има огромен двор со место за седење, а дури и внатре има сепариња ако сакаш да се спружиш. Имаше повеќе бендови, ама дојдовме малку покасно зошто ни требаше подолг одмор после првиот ден. Се нацртавме баш за тие што ни беа познати од претходно. Lords of Altamont беа прилично досадни во живо, со настап што не ни беше баш по вкус, па ги отседовме надвор на времето што ете тој ден реши дека нема да врне. 

Вториот ден беше малку порокерски и психоделичен и супер промена од зачадениот мрсен дум од претходниот. Просторот за вториот ден повеќе прилегаше на нешто поразигран и мелодичен звук, па Black Rainbows одлично се вклопија. Сакам кога гледам бендови што свират искрено и ќефски, наместо тоа глумење лудило на Lords of Altamont. Во ред е тоа што помали бендови изводат ѕвезди, настапот треба да ти е самоуверен и стегнат, меѓутоа малку фали тоа да ти се испушти од раце и да испаднеш циркузант на сцена. 

 1000mods
 
Самата атмосфера беше полабава, немаше густи димови како првиот ден, дури и публиката се пошутка малку. Речиси како различен фестивал, ама доволно добар сам по себе за да овозможи поеднакво забавен провод. Хедлајнери беа 1000mods, уште еден грчки бенд што македонската публика ќе може наскоро да го види во МКЦ. Како најискусен бенд од повеќето на фестивалот, испичија крајно професионално, извртеа неколку песни што им ги знам од првиот албум и по некоја од поновите и баш би ги гледал пак. Можеби повеќе ќе прилегаа во клубчето од првиот ден и таму да рашараат малку, ама претпоставувам дека и покрај видливата варијација, двата фестивалски денови беа жанровски сегрегирани.

Не можеш такви думери да сместиш во ваква голема сала, а не беше сосема полна за жал. Веројатно тоа се должи на удобноста во дворчето надвор каде што пак служаш жанровски иста музика, ама некако подомаќински си го делкате пивото со другар ти залежани на маса. Баш таму надвор можеше да се примети кој како си прошол на првиот ден, ќе видиш по некоја позната фаца како исто се убедува да ја победи мрзата и да стане да влезе внатре. 
 
Сè на сè, супер дешавка. Одлична организација, а атмосферата скроз лабава и релаксирана. Ако си по овој звук, тогаш Heavy Psych Sounds Fest е најдоброто место да го искусиш прописно. Тешко дека би издржал на било каков друг метал фестивал на овие години. Замисли да треба да седиш на некоја третокласна верзија најголемите треш или блек метал имиња. Дај нешто вакво, нешто што најдиректно црпи од Black Sabbath, нешто што е најблиску до бендови како Sleep. Или рокче некое психоделично како саундтрек за возење на автопат. Далеку поприфатлива генерика. Ќе се отиде пак во следна прилика, на некоја друга локација можеби.

October 17, 2022

Едвај дочекав да заврши Halloween Ends

Има една сцена од пред дваесет години во Halloween: Resurrection кога Баста Рајмс ќе го исклоца Мајкл Маерс со нога низ прозор на која Џеки Чен би се откажал од боречки вештини од срам. Сцената е толку ненамерно смешно позиционирана во и онака лошиот филм што го шутна целиот серијал на долгогодишна пауза. Роб Зомби во меѓувреме го дотепа така легнат на земја со два катастрофални римејци, а бидејќи Halloween како бренд е секако исплатлив да постои - онаа "рекалибрација" од 2018 беше сосема неизбежна. Одамна се помирив дека оригиналноста е реткост во денешните мејнстрим филмови, па го сркнав и тој од 2018 сосе ланското продолжение, Halloween Kills.

Halloween Ends некако успева да е понегледлив и од Halloween: Resurrection. Концептот на Halloween е многу едноставен за добро да функционира само првиот пат и еднаш случајно во 1998. Филмови со такви органичени својства и правила се функционални само во склоп на истите. Ако не успеш да им најдеш нов соодветен штос ќе го добиеш Alien: Covenant или сите седумнаесет продолженија на The Terminator после Judgement Day. Halloween секогаш се кршел кога филмот несмасно ќе се оддалечел од формулата и ќе се обидел да го демистифицира Мајкл Маерс или во најлошите примери да понуди натприродно објаснување за неговата моќ.
 

Мајкл Маерс треба да е само психопат кој хара со кујнскиот нож зошто е непресметлив. Баш тој аспект го прави толку језив и адекватен. Тоа што некогаш докторот Лумис го дефинира како буквално олицетворение на зло е само неговата перспектива и субјективно толкување во неможост да прифати дека обичен човек може да е ладен и свиреп до таа мера. Серијалот врз тоа подоцна има направено неколку филмови кои се занимаваат со древни клетви, култови и слични неинвентивни бабини деветини. Halloween Ends се сопнува тука некаде. Иако е посуптилно за разлика од претходно, пак му дава некои натприродни нијанси за Мајкл Маерс што никако не успеваат да пркнат во оваа нова трилогија која до сега воглавно се потпираше на поприземјени концепти.

Од тука веќе сме во спојлерска територија. Филмот почнува интересно, неколку години пред главните настани што ќе се случуваат во него. Имаш еден млад дечко, Кори, кој од небрежност ќе го убие детето што го чува додека неговите родители се излезени за Ноќта на вештерките. Иако подоцна ослободен од вина, Кори станува новиот монструм во градот и едвај живурка во околината која уште смета настанот не е баш таков каков што одлучил судот. Практично, пола филм не го ни гледаме Мајкл Маерс, туку фокусот е на Кори и внуката на Лори Строуд која од некоја неразјаснета причина му се има јако настрвено. 

Додека се тегави оваа невешто презентирана романтична драма, Мајкл Маерс престојува во канализација, повреден и немоќен да го тероризира градот. Во една од тие пет минути колку што вкупно го има во филмот, Мајкл ќе го начека Кори залутан во истата канализација и од тој момент Кори ќе добие сличен таков неконтролиран нагон за убивање. Филмот не е сигурен дали сака да каже дека Мајкл Маерс некако магично го запоседнува телото на Кори или Кори конечно соочен со таква фигура како Мајкл сфаќа дека убивањето е дел од неговата природа, ама има една крајно глупава низа на сцени како двајцата другарски убиваат луѓе низ градот. Како деца да го пишувале ова. Фали уште монтаж музика за да е посмешно.

Halloween Ends како крај на трилогијата имаше прилика да биде многу повеќе од ова. Ги имаш двете најголеми ѕвезди на серијалот и не правиш ништо со нив. Во претходниот филм ја тргнаа Лори Стоуд на страна, сега Мајкл Маерс. Како да ги обмислиле само последните пет минути, а другото да е чиста импровизација или сценарио од друг филм залутано на снимањето на овој. Немаше да боли уште еднаш да ја видиме Џејми Ли Кертис асално против Мајкл Маерс наместо саат и кусур токсични тинејџерски романси и фаци што наместо да глумаат некако се моткаат на сет пред камери. Ја имаа основата со Halloween (2018) и буквално ја пуштија низ канализација.

А, како за хорор филм е прилично нехорорест. Никаква тензија, никаква закана од ништо, само си тече предвидливо и досадно. Едвај чекав да заврши. Не успева да ги пресретне ни тие ситни очекувања што ги имав, односно беше полош на многу поразличен начин отколку што мислев дека ќе биде. Реално, не ни можеш да очекуваш којзнае што од франшиза што е стара четириест години и вклучува петнаесетина филмови од кои добри се еден и пол. Гледам дека неделава Halloween Ends направил скоро дупло повеќе пари од продукцискиот буџет, па ете барем тие што работеле на филмов ќе се задоволни.

Ова се разбира не е крајот за Мајкл Маерс, колку и да заврши како паштета смелен на автомобилски отпад. Завршеток е само на оваа неуспешна трилогија со која прекинува лиценцата на Blumhouse. Не се ни сомневам дека за некоја година пак ќе почнат да штампаат глупи Halloween филмови за да пак да се отпочне циклусот. Прво еден што пак ќе се обиде да го измисли првиот на Карпентер, па уште неколку други разочарувачки по ред. А, јас ќе ги гледам и тие зошто упорно верувам дека Halloween има некој скриен потенцијал за конструктивно маневрирање низ основниот концепт што ќе резултира со добар филм. Само што ете никако го погодат.

October 7, 2022

Да го издрвам и за Assassin's Creed: Unity

Мислев да ја завлечкам малку Assassin's Creed: Unity чисто да се испукам во последниот облик на стандардната Assassin's Creed формула пред да се префрлам на жанровски подистантната Origins, ама не. Супер си е Unity, не дека не е, само што малку почна да ме смара некаде при крај. Гејмплејот е одличен, едвај и да имам замерки за контролата што ја имаш врз ликот. Уживав и во новиот исполиран паркор што ми овозможи лежерно да навигирам низ овој Париз за време на Француската револуција, меѓутоа приказната толку фати да го обесува што веќе едвај чекав да ја завршам. 

Assassin's Creed: Unity почнува ептен добро. Има нов лик, Арно Доријан. Приметив дека пробале малку да го протнат како следниот Ецио Аудиторе, со занимливи лични мотиви и шарм што некако упорно се труди да го емулира колегата од Фиренца, ама некаде по пат приказната толку омлитавува што на крај веќе и забораив зошто братов тргна во ваков насилен поход. Единствениот крај од сите игри од серијалов што ги играв до сега што не ми предизвика никакви емоции. Само олеснување дека конечно заврши. A, малку фалеше да ја рангирам играва пред Assassin's Creed IV: Black Flag.
 

Добар дел од тоа се должи на како е конципирана играта. Кратко интро во мисијата, па долга комплексна инфилтрација во некој објект за на крај треба да му пресудиш на некој несреќник. Не дека претходните игри двоеа којзнае колку, ама оправдувањето и позадината на мисиите секогаш биле малку посодржајни. Овде практично скокаш од мета на мета со многу посиромашни причини. Толку е празно некогаш што кога ќе се случи некоја поголема белја некако си затекнат. Пример, Братствово во Париз што му се искурчи на Арно и не сфатив баш што толку им згреши. 
 
Можеби ако тоа натегање беше подобро објаснето ќе имаше некаков поголем ефект врз текот на настаните. Вака само испаднаа гомнари. Ништо чудно што после тоа има мисија во која крадеш вино за дополнително да си ја удавиш маката. Има еден пресврт што се случува некаде на средина на играта, ќе те шитне еден лик што ќе го превидиш уште претходно дека е малку лев и после тоа веќе не ми беше гајле што се случува. Како да развлекле за да има повеќе. Среќа играта е визуелно преубава, па некако се трпи.

Пак е воглавно супер искуство. Подобра е од тројката и Rogue, ама малку фалело да има нешто поголема вредност, да ја пуштиш бар уште еднаш за некоја година. Париз е предобро склопен, секое ќоше е детално пицнато, без разлика дали е некој гнасен сиромашен кварт или гламурозен историски објект. Во ниедна друга игра нема да видиш волку прецизно пресликан Норт Дам, а не па да се испентариш на него. Има и мисија кога си префрлен во Втора светска војна и се качуваш по Ајфелова кула. Конкретно тој момент ми е еден од најдобрите во сите Assassin's Creed игри што ги лупнав до сега. Штета што нема многу за правење низ Париз освен нели главната мисија и некои досадни споредни. Можеби за мултиплеер е позабавно, не би знаел.


Паркорот е многу пофлуиден од претходно, па можеш да претрчуваш големи дистанци без воопшто да допреш земја. Рипаш и се лизгаш по кровови, дрва, јажиња, влегуваш во згради да сметаш и на онака вознемирен народ, се бесиш на канделабри - прејако е. Ги има и катакомбите под Париз секако, а во една од мисиите ќе видиш и како се гради Статуата на Слободата. Бидејќи енџинот за оваа игра е прилично напреден во однос на другите, градот е пожив од сите други претходно. Населението е погусто од било кога, ама па од друга страна повеќе го гледав тоа како пречка отколку како предност. Веројатно има логика да биде потешко пробивањето низ гужва, ама ако само ме задржува тогаш што ќе ми е.

Има некоја механика со гужвите, ги користиш за да се скриеш од кој и да решил да те бара тој ден, ама многу подобро ми беше тоа во претходните игри. Тапа е и што тука го нема оној момент да потплатиш куртизани или некои сиромаси да те прикријат или да направат диверзија. Можеш да се "маскираш" во некој друг од околината, ама ниеднаш не ми се најде таа тактика. Малку трае и многу бргу те детектираат. Димните бомби се покажаа како многу пофункционално средство.

Инфилтрациските мисии се одлични. Барем до оној момент кога веќе сериозно ќе почнат да го тупат. Има предизвик, има многу начини да пристапиш кон целта и тоа е супер, ама приметив дека во некои ситуации не ми мораш да се прикрадеш. Рокни некоја бомба, убиј неколку стражари со отровни стрели или од оние што прават да си извадат очи меѓусебно и тоа е тоа. Затрчај се кон главната мета и после кидни низ најблискиот отворен прозор. Ова го открив откако два саати се гњавев да ја покосам Мари Левеск. Ако треба да споредам со претходните игри, оваа ми беше "најтешка".


Не ми се свиѓаше тоа што има поени со кои отклучуваш нови скилови, оружја и опрема. Системот е преглуп. Сакав да си ја играм главната мисија само, а играта е така дизајнирана да ти ја направи беспотребно потешка доколку не ги грајндам споредните. Да ми е ова единствената игра за следниве месеци ај, ама наспроти популарното мислење, озбилно немам толку време за трошење. Имаш доволно поени за да си ефикасен и со играње само на главната мисија, ама боже мој некои работи требало да ги има вон овој глупав систем.
 
Друго големо цепидлачење ми е тоа што игра сместена среде главниот град на Франција и работена од студио во Монтреал користи актери со британски акцент. Требаше да ја играм на француски, а не тука Наполеон да ми збори како да е од Манчестер. Многу поимерзивно би било со француски акцент отколку вака. Супер функционираше кај Ецио со италијанскиот, не знам од каде оваа чудна одлука.

Знам дека Assassin's Creed: Unity била крш кога излегла. Знам и дека ја прикрипувале за да може воопшто и да се игра. Верзијата јас што ја играв беше наводно поправената и пак среќавав некои багови каде што Арно ќе се укочеше во место со музиката во луп или ќе се заглавеше меѓу врати и прозори. Неколку пати и комплетно крешна кога пробав да влезам во менито со тие поените од погоре. 
 
Ја скокам Assassin's Creed: Syndicate. Еден ден сигурно ќе ја играм заедно со кецот, ама сега сакам конечно да седнам натенаане на Origins и да ја тегнам додека не ми збоктиса. Знам дека е комплетно различна од сите што ги играв до сега и тоа е можеби добро. Ме занима како е изведен египетскиот мотив, отворениот свет, па дури и RPG системите. Од последните три наслови со митолошка тематика само оваа ме влече. Веќе ја купив и едвај чекам да ѝ седнам.

October 5, 2022

Чистење со Middle-earth: Shadow of Mordor

Не можам да се сокријам од глупана серија The Rings of Power. Таман ќе подзаборавам дека постои, ќе ми се појави од некаде да ме потсети како така забавен свет успеа да го претвори во мачна неиздржлива досада. Надвор уште не е удобна зима за традиционалното прегледување на трилогијата на Питер Џексон, па барав нешто друго толкинско малку да ми ја врати бојата на лицево. Првата опција беше да ја преиграм The Lord of the Rings: The Battle for Middle-earth, ама дека последниве два месеци се ашкам низ Assassin's Creed игрите, Middle-earth: Shadow of Mordor испадна посоодветен избор.

После шест години избришав прашина и ја пуштив. Јако размрда кога се појави, па после некако комплетно се изгуби од секаде, скоро и да ја заборавив. Веројатно затоа и двојката така неприметно ми се слизна. А, кецот е презабавен. Баш се чудам колку добро се држи и денес. Shadow of Mordor воглавно позајмува многу од гејмплејот на Arkham игрите, ама има уникатен систем на непријатели што е многу мангупски испреплетен со приказната и ја двои од сите слични во жанрот. Можеби е штета што го имаат патентирано и немаме можност да го видиме и во други игри.

Nemesis системот ја прави целата игра реактивна на твоите постапки. Непријателите се процедурално изгенерирани освен оние кои се дел од поглавната приказна. Речиси секој Урук што ќе го начекаш низ Мордор е уникатен во секоја смисла. Има различни атрибути, моќи, ранг во хиерархијата на Орките низ која може да напредува и да гради врски со другите. Станува и помоќен доколку успее да те победи во битка или да ти избега,  со што играта практично сама ти ги создава главните душмани. Секоја смрт на играчот во Shadow of Mordor го штелува светот во поопасна насока, така што мора однапред да си ја планираш стратегијата за да не си ја искомплицираш иднината. 

Многу кул систем. Не само што ја прави играта подинамична, туку те лишува од линеарноста што знае да биде карактеристична за ваков тип на игри. Имаш и приказна за следење и супер е, меѓутоа позабавно и понепредвиливо е онаа содржина што доаѓа од Nemesis системот. Во секој случај ќе убиваш Орки на креативни начини, а играта ти нуди цела лепеза на располагање која дефинитивно не би била возможна доколку постои некаква Женевска конвенција во Мордор. Можеш да им изрипаш од грмушка, да им скокнеш од платформа, да ги гаѓаш со стрели од далеку, да јавнеш карагор да ги косиш или да се улеташ на цела орда и млатиш додека не ти се излизга испотениот контролер од раце. 

Имаш различни мисии расфрлани низ Мордор што иако имаат репетитивна механика, секогаш се забавни за играње. Се прикрадуваш и ослободуваш затвореници на Орките, па заробуваш ти некој Орк да му извлечеш информација за некој негов надреден, трагаш по различни артефакти што го откриваат фолклорот, се бркаш со Голум што ти открива нови информации за Келебримбор, имаш временски-органичени предизвици, собираш Итилдин руни... многу содржина има, а сам си избираш како ќе ја таманиш. Низ целово ова секако си го појачуваш ликот со нови руни за оружјата и поени што му ги зајакнуваат атрибутите. Во суштина, Shadow of Mordor е симулатор на воени злосторства врз Орки, ама има толку многу работи за правење по пат што целосно ќе те претопат во тој богат свет на Толкин.

Приказната е исто супер. Баш поради тоа и фатив да ја поиграм пак. Пак е фан-фикција базирана на пишуванките на Толкин, ама за разлика од серијана не ја погани митологијата толку безобразно. Талион, ликот што го играш, е капетан од Гондор, кој откако ќе му ја убијат фамилијата е спасен од духот на елфот Келебримбор со кој практично сега го дели телото. Сите натприродни моќи што ги поседува Талион доаѓаат од неговиот "гостин". Ептен добро е вметнато во приказната, следиш двајца ликови кои мора да соработуваат на ваков нестандарден начин за да си ги остварат целите. Талион ја одмаздува смртта на фамилијата, а Келебримбор трага по своите сеќавања и идентитет. 

Ваква некоја приказна плаче за адаптација што може да биде онаква возбудлива авантура како The Witcher, ама не. Добивме надркана Галадриел што не знае да искулира и расипани прото-хобити што ќе те остават да умреш ако шинеш глужд. Shadows of Mordor иако е позиционирана измеѓу настаните во The Hobbit и The Lord of the Rings пак донекаде егзистира во сопствен фолклор без претерано да влијае на настаните што доѓаат пред и после. Затоа и функционира како приказна што е одлична ако ти треба прочистување од The Rings of Power.

Нема подобра LOTR игра за кога ќе ти дојде да се испукаш. Саат време дневно е доволно колку да опустошиш некој оркшки камп. Не е игра што можам да ја играм маратонски, ама сакам вака повремено да ја делкам за евентуално еден ден да ја комплетирам 100%. Онака е за полека да си ја играш, да си планираш како ќе пристапиш кон следната мисија. Продолжението не го пипкам додека не ја завршам комплетно оваа, а тоа сигурно ќе потрае.

Види такоѓе:

October 3, 2022

Што е со Рики Морти?

Изгледа тешко е да се повторат тие првите три Rick and Morty сезони. Се чудам како за толку кратко време серијата успеа волку да се избајати. Петтата сезона беше напорна за гледање. Некои од епизодите не можев ни да ги догледам, а еве после една година не се ни навратив на тие две-три што беа океј. Ако ми се пригледа Rick and Morty приметувам како упорно ги вртам истите епизоди од првите сезони и по некоја од четврта.

После таа петта сезона толку ми спласна интересот што не ни приметив дека има нова во тек. Ја изгледав првата половина и уште ми личи како да е сенка на себе. Како да е склопено од луѓе што само слушнале за Rick and Morty претходно или цели епизоди да се изгенерирани од вештачка интелигенција. Многу е досадно и невозбудливо. Фали досетливиот хумор, ги нема ни уникатните научно-фантастични идеи, а целото чувство на авантура е заменето со просечна шуплива фамилијарна драма. 
 
 
Не знам што точно се случи, да пробам да погодувам ако не. Веројатно квалитетот опадна откако Rick and Morty одлучи да го прошири фокусот на ликовите кои претходно функционираа во приказни што се одвиваа паралелно додека Рик и Морти се будалат на некоја друга планета или нешто. Колку и да успевал да биде забавен остатокот од фамилијата, воглавно служеше како наративна противтежа на ликовите чие име го носи самата серија. Секогаш се случувало нешто друго повозбудливо додека си се смеел како Џери се сопнува на наједноставни животни предизвици. А, кога фамилијата ќе се соединеше во заедничка приказна, причините за тоа беа многу понаменски.

Сега главните приказни во секоја од епизодите се досадни и некако несвојствени за Rick and Morty. Како нешто од поновиве сезони на The Simpsons или Family Guy. Такво бездушно и механичко. Гледаш и го забораваш во моментот кога ќе заврши. Дури е и полошо во некои аспекти, кога серијата некако настојува да се натпреварува сама со себе. Наместо да си го најде тонот, се труди да надмине некои претходни класични моменти. Верувам дека товарот од брзостекнатата популарност е голем, ама мачно ми е да гледам како толку бргу пресушил изворот на идеи.

Можеби формулата сепак имала рок на траење. Колку пати можеш да ги однесеш Рик и Морти на интергалатички брлавштини пред да стане досадно? Сакам и јас да видам прогрес, ама денес серијата личи како да има мал список на одредени карактеристики за секој лик и се труди да ги ескалира со евтин недозреан хумор со намера да ја шокира публиката. Често и си ги објаснува смешките како да се којзнае колку комплексни. Ситници што претходно биле ефективни поради нивната суптилност, сега ти се насилно истриени во фаца. Безбројните референци кон себе или работи од поп култура само докажуваат дека Rick and Morty се далеку отидени во креативен ќорсокак. 
 
Петтава епизода ја изгасив на пола. Непријатно ми стана. Ова не е истата серија што ја гледавме пред години. Сега е обично досадно несмешно цртанче што се шлепа на златните денови. Единствениот пат кога сезонава заличи на Rick and Morty беше можеби "The Night Family" епизодата, меѓутоа такви трошки не се доволни да ме убедат да го трпам ова жално срање до крај на сезона. Да, дваесетина минути неделно не се многу, ама срам ме фаќа и тие кога треба да ги отседам.

Види такоѓе: 

September 27, 2022

Не е лоша Assassin's Creed Rogue

Ја изиграв и Assassin's Creed Rogue. Најслабата од сите игри во серијалот што ги пројдов до сега, ама со оглед на тоа што главната кампања трае само неколку саати, не беше толку страшно да се изигра. Не ми смени нешто многу во животот. Не знам ни како успеале да ја продадат како целосна игра, повеќе е како DLC за Assassin's Creed IV: Black Flag отколку посебен ентитет. Уште па е објавена во ист ден со Assassin's Creed Unity. Пократка е од Brotherhood и Revelations. До некаде можам да го разберам незадоволството на публиката тогаш.

Сепак, играта не е воопшто лоша. Енџинот, гејмплејот, па дури и целиот кориснички интерфејс е речиси идентичен со тој од Black Flag, па ти доаѓа нешто како десерт што стрвно ќе го набуташ на прејадено. Со оглед на времетраењето Rogue шиба забрзано да ти се претстави. Малку губи во делот каде што треба да те здружи со главниот лик Шеј Кормак, ама успева да исцеди приказна што е доволно интересна за да не ја баталиш. Шеј почнува како Асасин што сфаќа дека Редот е одговорен за голема колатерална штета што ја предизвикува додека настојува да го спаси светот, па преминува на другата страна кај Темпларите.
 

Дилемата на Шеј и сивата морална територија во која опстојува е добро презентирана, па лесно ќе бидеш убеден во неговите мотиви. Одлична промена е да ја видиш малку и другата перспектива на главната приказна. Забелешката ми е тоа што ова едвај се пресликува преку гејмплејот. Можам да разберам ако двете фракции имаат слични методи на делување, меѓутоа ептен ретко се осеќав дека играм нешто друго. Има некои ситни новини, ете имаш нешто поразличен начин за користење на експлозиви, само што не се доволни за да те убедат дека сега играш Темплар.

Бродот што го управуваш не е пиратски, ама има некое дополнително вооружување бидејќи овој пат пловиш низ различни води кои се полни со мраз и е корисно за да не потонеш од удар во санта. Така што ќе се сложам со описот дека Rogue е донекаде Black Flag со снег. Територијата за пловење не ми беше толку интересна како во Black Flag, па се приметив дека често користам fast travel за да стигнам до некаде. Можеби и се презаситив од пловидба во Black Flag или едноставно таму беше многу подобро изведено. 

Копнената територија во Assassin's Creed Rogue е изненадувачки голема, можеш да го истражуваш Њујорк во 1700 и некоја година. Но, нема некои интересни споредни активности што ме задржаа таму, освен она што можеш да пресретнуваш и спречуваш Асасински тезги, односно да ги заштитиш нивните мети. Ова беше скроз забавно, не како гејмплеј туку повеќе како парче од самиот фолклор на серијалот. Вакви детали сигурно повеќе би придонеле за играта да е малку побогата, ама очигледно фокусот на Ubisoft не бил насочен натаму.

Хомогениот дизајн на териториите исто така не дозволува играта да ти создаде некои цврсти спомени. Можеби единствено ако ти е интересен тој период од американската историја. Мене не ми е баш, веројатно затоа што архитектурата е крајно досадна. Имав сличен проблем и со Assassin's Creed III. Неспоредливо послабо од ренесансна Италија или тропските градчиња од Black Flag. Визуелната привлечност ми е очигледно важна во овие игри, а Rogue не успеа да ме доближи до локациите. Баш приметив дека е единствената игра што публиката не ја идентификува по локацијата каде што е сместена.

Настрана тоа, има неколку кул моменти што некако ја спречуваат играта комплетно да те изгуби. Мисијата со историскиот земјотрес во Лисабон, крајот во Версај и неколкуте ликови што ги среќаваш од тројката како и некои чие лице денес стои на американските долари, меѓутоа и покрај тоа пак мислам дека Rogue каква таква нема некој значаен придонес кон целиот серијал. Штос е што играш со Темплар да, ама повеќе ми личи како да се труди да задоволи група фанови што го барале тоа отколку што има вистинска уметничка креативност. Приказната што се случува надвор од Анимусот е исто така досадна и многу од тие аспекти би можеле да бидат раскажани во друга игра и да ја имаат истата тежина. Rogue е повеќе за ако ептен те зачешала раката за Assassin's Creed.

Можеби доколку Rogue беше "целосна" игра, ефектот би бил поинаков. Сите што ги довршив до сега би ги играл пак некогаш во животот. Оваа сигурно ќе ја прерипам. Не е лоша, ама нема некоја трајна вредност. Повеќе би сакал да видам покомплетна игра со Темплар каде што ќе се осеќаш дека играш нешто различно. Интересна е таа перспектива за истражување, а тука е често половично презентирана. Следна ми е Assassin's Creed: Unity. Може и да ја завлечкам таа, па прописно ќе го издрвам тука кога ќе ја завршам.

September 21, 2022

Assassin's Creed IV: Black Flag испадна многу подобра отколку што мислев

Откако Assassin's Creed III ми остави малку горчлив вкус се мислев да направам пауза од серијалов со некоја друга игра. Една од механиките што ме одби во тројката беше баш тоа тромавото и досадно управување на бродови. Сè што сакав е да сум антихеројот што демне градови од висина. Да трчам по кровови и ѕидови, а не да се клатам на отворено море. Свесен бев дека Assassin's Creed: Black Flag е претежно таква со пиратската темата и не ми беше најсигурно колку овие работи од тројката ќе успеат да ме задржат.

Ја пуштив чисто од љубопитност и едвај се двоев додека не ја завршив. Уште не можам да одлучам каде точно котира во целиот Assassin's Creed серијал, имам барем уште три во план за играње, ама со сигурност е една од најдобрите игри што сум ги пропуштил во последниве десетина години. Не ни знаев дека имам пиратски фантазии што ете Black Flag сега ми ги исполни. Ќе се заебев ако ја прескокнев. Веројатно соодветна споредба се Red Dead Redemption игрите. Она што тие игри го прават со вестерн жанрот, Black Flag го прави со пирати. Традиционалната Assassin's Creed тематика тука е само како шлаг.


Баш супер ми дојде волку различна игра после Ецио трилогијата. Малку да ме одмори од таа формула, а пак да ме задржи окупиран во истиот свет. Не дека формулата има било каков проблем, ама ако пак играв нешто слично само со друг лик, сигурен сум дека немаше да ги набавувам следните две Assassin's Creed игри уште додека го пишувам ова. Од тоа што го разбрав немам преголеми очекувања од Assassin's Creed Rogue, повеќе сум загреан за Unity, ама сепак ќе пружам шанса.

Black Flag е преполна со содржина инспирирана од она што историјата го бележи како златната ера на пиратството. Ликот што го играш овојпат, Едвард Кенвеј, е всушност пират кој случајно ќе се вплетка во вековниот конфликт помеѓу Редот на Асасини и Темпларите. Приказната е сместена на Карипските острови, претежно низ Куба и Јамајка, меѓутоа многу повеќе време ќе проаѓаш на сопствениот брод. Таму е јакото. Додека си на отворено море можеш да учествуваш во сите активности што ти се познати од тој пиратски свет што често романтизиран во фикција. Кај беше играва на почетокот на пандемијата кога маратонски ги вртев Pirates of the Caribbean филмовите?

Сакаш да опљачкаш друг брод? Нема проблем. Прво го лупаш со цел арсенал што е достапен на твојот брод, па му рипаш со екипажот да го докусурите или заробите нивниот. Борбите брод со брод се феноменално изведени, во многу помазна варијанта на она што го имаше во Assassin's Creed III. Мора убаво да испланираш, да се погрижиш дека твојот брод е соодветно опремен и да пазиш да не привлечеш поголема непријателска армада што ќе те потоне за пола минута. Секако, да избегнуваш и навигираш низ бранови ако морето наеднаш реши да се збрлави или го начекаш такво. 

Непријателските бродови можеш да ги "скенираш" претходно со двоглед за да осигураш дека не се впушташ во непобедлива битка. Отворено море е. Секогаш може да налета некој друг брод што ќе ти го скурца планот, па треба внимателно да си ја смислиш стратегијата. Класичната Assassin's Creed механика е присутна и на самите бродови. Можеш да се пентариш низ цел брод и да им скокаш од воздух со сабји. Немав претстава колку ова може да биде забавно. Има и цели мисии каде што со бродот мораш да следиш друг брод или пешки да го чистиш копното од непријатели за твојот брод да може безбедно да исплови низ некој теснец. 

Доколку не ти се парталат туѓи бродови со топ, освен тие што се дел од главната мисија, имаш и други работи за правење. Можеш да нуркаш во ѕвоно и да бараш ресурси од потонати бродови, да ловиш ајкули и китови со харпун, да истражуваш мали пусти острови за богатство, да превземаш тврдини на копно. Баш и затоа Black Flag ми одзема повеќе време од претходните игри. Повеќе време потрошив на вакви споредни активности отколку на главната приказна. Има споредни активности и на копно, слични како во претходните игри, ама повеќето ги заобиколував. Освен што собирав песни за екипажот подмачкан со рум да ми ги пее додека пловам, не правев нешто многу од останатото.

А, главната приказна е исто супер. Не е Ецио, ама е многу подобро склопена и презентирана од таа во тројката. Ми се свиѓа Едвард Кенвеј како лик, одличен е како средство преку кое ја следиш големата Assassin's Creed слика само од многу поинаква перспектива. Крајот е пак неочекувано емотивен и очигледно такви потези се исплатат ако успееш доволно да го зближиш играчот со ликовите за да му е гајле. Иако знаев како се врзува оваа игра со претходната, не бев сигурен како точно ќе ги судрат двете приказни. Многу јако, алал. 

Не очекував дека волку многу ќе уживам во игра со смрдливи пирати. Black Flag е тоа пред сè. Амбиентот, музиката, дизајнот на зоните - целото е такво рафинирано и живописно за да ти овозможи прописно да се внесеш во улогата и без да дрмнеш некоја чашка увезен рум. Некои од мисиите засекогаш ќе ми останат. Кога се качував на шпанскиот брод или кога требаше да ја зачистам џунглата од домородно племе. Дури и онаа една мисија кога се прикрадуваш островот на Асасините што е дизајнирана крајно фрустрирачки да те сјебува на секој чекор и ме изгњави добри саат и пол нема никогаш да ја заборавам. Ако некогаш пак ги преигрувам игриве, ова би го играл само за да морепловниот аспект.

Единствена замерка ми е приказната, па и гејмплејот што се случува надвор од Анимусот во канцелариите на Абстерго. Разбирам што сакале Ubisoft да постигнат и донекаде е функционално, меѓутоа цел тој мета-наратив и кршење на четвртиот ѕид некако ми станаа мачни после некое време. Супер штос е да си поиграш кур така на своја сметка, само што станува редундантно после два пати. Има некои детали што можеби биле позабавни кога играта била актуелна, особено моментот каде што откриваш идеи за следните игри од кои некои до денес се имаат остварено, ама грото е онака просечно. Повеќе ми беше досадна дистракција од приказната со Кенвеј отколку било што друго.

Цепам на Assassin's Creed Rogue следно откако ќе одморам некој ден да ми легне Black Flag. Можеби ќе ме изненади и ова, приказната е уште поразлична, таму главниот лик е Темплар. Rogue е некој екслузивен наслов за конзоли што е подоцна портиран за PC, трае многу пократко. Исто е со пловење како што гледам, а сакав да одморам малку од тоа и да се префрлам на копно, веќе ми се љуља главава. Сепак, ете ме убедија да не ја прескокнам кога веќе ја следам големата приказна.

Види такоѓе: 

September 19, 2022

The Rings of Power не знае кај тера

Не е дека имав некакви големи очекувања од The Lord of the Rings: The Rings of Power. Да речеме немав никакви. Серијата првпат ми трепна на радар со тие трејлерите што изгледаа прилично евтино за нешто што низ годините се рекламираше како најскапиот производ во телевизиски формат. Околу 150 милиони долари по сезона, што е безобразно висока сума. Сепак, тој прв трејлер изгледаше толку натрупан со апла приметливи вештачки компјутерски кадри што не бев сигурен дали ова ќе биде серија или игра за плејстејшн три. 

Не ме интересира дали The Rings of Power е верна адаптација на делата на Толкин или одбира целосна креативна слобода. Не ми е грижа за тој фолклор зошто освен главната трилогија и The Hobbit, едвај и да имам друго читано од таму. Визуелниот репер ми се The Lord of the Rings филмовите на Питер Џексон. Тие три филмови се меѓу најдобрите работи воопшто снимени откако е измислена камера, па ако на нешто има "Lord of the Rings" етикета најмалку што можам да побарам е да има барем сличен, препознатлив сензибилитет.
 

Без разлика на очекувањата и желбите, не мислев дека The Rings of Power ќе успее од таков возбудлив изворен материјал, макар тоа да се само имиња на ликови и локации, да исцеди толку бескрајно досадна и шуплива приказна. Четири епизоди од вкупно осум и уште не знам што точно се случува, кој и зошто е загрозен од Саурон и за кој од ликовите треба да навивам. Дали треба да навивам за постојано лутата и накурчена Галадриел што упорно ја полни секоја просторија со негативна енергија? Дали да навивам за Елронд кој освен што е пријател за џуџињата нема некоја друга истакната особина?

Прото-хобитите што изгледаат како отцепени од некоја друга шкартна серија и единствениот придонес во приказната е што ќе им падне Гандалф или кој и да е од небото? Елфот што малку стражари малку ѝ се стрви на таа локалната селанка? Исилдур на отворено море? Не знам, сериозно. Ете, освен имињата на ликовите што ги знам од претходно ниедно друго име не успеав да запамтам ни по пола сезона. Серијата не прави никаков напор да те зближи со оваа група на ликови. Спореди со Game of Thrones прва епизода. Повеќето не знаевме ништо претходно за тој свет, а на крајот од епизодата бевме закачени за ликовите и нивните животни приказни во следните шест-седум години. 

Единственото нешто што ми е барем малку привлечно во The Rings of Power е Елронд во Казад-Дум со џуџињата. Уште не знам како се вика главното џуџе, ама серијата фрли малку трошки да ја зајакне неговата динамика со Елронд, па нивниот однос некако ми е најинтересен за гледање. Имаат историја, нивните заеднички цели се појасно дефинирани, па во четвртата епизода дури извадија и краток емотивен момент. Многу малку фали за The Rings of Power да е многу поквалитетна, ама претпоставувам за тоа треба да најмиш луѓе што имаат некакво елементарно познавање од пишување на ликови.

Сценариото е крш. Дијалозите се поблиски до овој денешен свет отколку до тој магичниот на Толкин. Без разлика колку слоеви на британски акцент ќе натрупаш, доколку ликовите разговараат како во модерна серија, никого нема да убедиш дека ова е некаква фантастика. Па, кога невешто сценарио ќе го споиш со полуталентирана актерска гарнитура, неизбежна ти е ваква калакурница. Не знам каде отишле парите од буџетот, веројатно за специјални ефекти. Ете, барем самата серија не изгледа толку евтино како во трејлерите. Не е оригиналната трилогија на Питер Џексон, ама е сосема пристојно. Нешто како The Hobbit филмовите можеби.
 
Не е сега визуелно ремек-дело, ама не е баш толку пластично како што се рекламираше. House of the Dragon е полошо. Она што упорно ми боде очи во The Rings of Power е колку стерилно чисто изгледа сè. Пешачеле овие пола свет низ снегови и чуда, стигнуваат на локација цели убави, ме сфаќаш. Сите насекаде се дотерани, испеглани, нашминкани и со уредни фризури, без разлика дали Орки им дишат во врат или животарат во некоја каллива припиздина. Има искучоци секако, ама воглавно многу надворешни фактори и ситуации не се соодветно рефлектирани на изгледот на ликовите.

Ќе бидам дарежлив ако речам дека The Rings of Power е просечна серија. Добрите моменти се навистина ретки, темпото е премногу бавно за да си закачен, мотивите за некои дејствија се уште недоволно јасни за да бидат значајни. Не знам дали серијата ќе успее да си одреди попрецизен правец до крај на сезоната, во моментов не ни имам желба да дознаам. Ова е ништо помалку од креативен краток спој. Можеби откако ќе заврши оваа мачна прва сезона ќе седнам и ќе го догледам остатокот. Ни House of the Dragon не е ништо подобро од ова, тоа одлучив засекогаш да го баталам после три епизоди.

Дури и еве да ја одземеш поврзаноста со Толкин и да се потрудиш да го перцепираш ова како посебно, пак ќе е истиот досаден шунд. Ако бројките за буџетот се точни, тогаш ова е најскапата пропаст што сум ја посведочил. Штета за посветените фанови што се надевале на попрецизна адаптација на тоа што го читале, а сега мора да ја отседат оваа немотивирана генерична фан-фикција. Ако е некаква утеха, серијава никој нема ни да ја памти за некоја година исто како што ќе бидат заборавени Kenobi и Picard.