January 14, 2017

Миграција

Ако мора да издвојам еден единствен албум кој би го вртел до крајот на животот и ништо друго, тоа ќе биде Black Sands од Bonobo. Изминативе години не бев сигурен за ова. Секогаш е тешко да изолираш нешто како "омилено", вкусот ти се менува, еволуираш, откриваш нови, можеби повозбудливи ствари, па не е едноставно туку така самоуверено да лепиш етикети. Black Sands кај мене успеа да го помине тој "тест на времето", да отстои доволно долго и сите асоцијации, спомени и чувства од раните слушања да се претопат со други. Тука ја наоѓам убавината во тој албум, во начинот на кој секој пат, ако решам да му дозволам, успева да ми раскаже нова приказна.

Изминативе шест-седум години, Black Sands ми послужил како саундтрек на периодите низ кои сум поминувал. Без разлика какви, печатот бил удрен. Освен тоа, ми беше и една музичка лекција која ми ја создаде слух за жанр кој претходно ми звучеше некако туѓо. Кратко по таа прва впечатлива средба со Bonobo, прошетав низ целата дискографија на Сајмон Грин. Секој албум си има посебна емотивна тежина, меѓутоа секогаш најфасцинатно ми беше како успевал да го надгради звукот, а пак да е препознатлив.


The North Borders во 2013 го дочекав спремен. Феноменално звучеше тогаш, исто звучи и денеска. Но, барем кај мене, почесто ја црта истата слика од таа пролет. Не можам баш секоe преслушување да ја контролирам носталгијата која трешти од The North Borders. Има некои моменти што албумот ги има комплетно замрзнато во времето на кое припаѓа. Всушност, како и поголемиот дел од музиката која ја слушам, но разликата е што Bonobo континуирано ми свири во позадина со години во однос на останатото.

Годинава Сајмон Грин го објави Migration. Дванаесет нови композиции распоредени во еден час. Едвај го дочекав. Бев сигурен дека ќе биде квалитетно, ама ме интересираше во која насока и до кој степен ќе експериментира. Тизерите што беа објавувани кон крајот на минатата година ветуваа многу. Од малите парченца извадени од новите песни, до фотографиите на Нил Краг на омотот штракнати во Мохаве. Грин на Migration се обидува да создаде концепт со кој би истражувал луѓе и места и како нивниот идентитет се менува со текот на времето. Инспирацијата доаѓа од идејата за тоа каде навистина е домот на еден човек, и неговата фасцинација со тоа како може индивидуално да пренесеш влијание и искуство од едно место на светот на друго. 


Обично не пишувам за нова музика на денот откако ќе излезе без да дадам време да ми се наталожи, меѓутоа Migration веќе ми остави лична трага уште месец претходно. Не само целиот албум, туку пред воопшто да биде објавен "Break Apart" синглот. Дента кога Bonobo го објави тизерот, седев со татко ми без да знам дека тоа ми е последниот ден со него. "Break Apart" беше и последната дискусија што ја имавме. Како огромниот аудиофил кој беше, го пофали звукот и ми рече да го купам албумот на винил кога ќе излезе. За жал, не успеа да ја дочека ни целата песна. 

Migration, и покрај целата меланхолија што ја енкапсулира, изграден е од слоеви со малку пооптимистички, топол тон. Дури има и повеќе од тој размрдан денс поп призвук во кој Bonobo благо гази последниве неколку години. Но, перфектно е избалансиран за да звучи свежо, а во исто време да го зачува интегритетот на творештвото. Елеганцијата доаѓа од одличниот спој на органските инструменти со електроника и внимателниот избор на гости. Интересно е како го има позајмено Чет Фејкер (кој сега го користи вистинското име, Ник Марфи) од мејнстримот за "No Reason", во нешто што комплетно звучи како Bonobo, а во исто време посегнува и кон нова територија.


Успева да биде модерен и без да излезе премногу од рамките на жанрот, како што е чест пример со неговите колеги. Веројатно затоа и се двои сите овие години. Ако внимателно почнеш да ја споредуваш "Surface" со нешто од неговите рани албуми, ќе ти зазвучат како позадинска музика. Не дека се лоши, далеку од тоа, но талентот со кој се надополнува себе со секое наредно издание е евидентен. Потегот да ги искористи Innov Gnawa за "Bambro Koyo Ganda" e сосема прикладен во контекст на идејата за "истражување места". Изненадувачки, но функционира, и покрај тоа што e како излезено од албум на Leftfield.

Можеби намерно или мене така ми звучи, Migration се заокружува со одличен Black Sands дериват. "Figures" ги пресликува тие блиски емоции и спокојно те поздравува до следното издание. А, ако го слушаш албумот на рипит, ќе приметиш и дека врзува со насловната "Migration". Не престанав да се воодушевувам на албумов во последниве 24 саати. Сигурно ќе ми треба некој период за да го ставам некаде на листата со останатите Bonobo изданија, ама веќе имам багаж што Migration ќе треба да го износи низ времето.

1 comment:

Unknown said...

Немам забелешки за Black Sands, добро музиче. Малце потсеќа на трип-хоп, што е само плус во моја книга. Следни се останатите споменати албуми.