Минатиов викенд со Дамјан бевме на дводневниот Heavy Psych Sounds фестивал што оваа есен паралелно се одржуваше во Берлин и Дрезден. Скоро истите бендови за двата фестивалски денови, со тоа што првиот ден свиреа во едниот град, а за следниот се ротираа во другиот. Немаше подобар повод за дружба и мешање со локалната тазе избањата металска публика низ Берлин. Или што вика Дамјан, да ги слушаме истите три рифови цел викенд. Heavy Psych Sounds е фестивал од истоимениот лејбл кој се организира низ повеќе локации низ светот и воглавно служи за промоција на сопствените бендови и артисти.
Heavy Psych Sounds Fest воглавно се занимава со стонер дум и сродни успорени металски и рокерски психоделични звуци, ама репертоарот е внимателно селектиран за да има варијација во тоа што го слушаш без да мора да проверуваш на флаерот кој бенд свири моментално. Првиот фестивалски ден беше закажан во Urban Spree, совршена локација и амбиент за да вдоми дешавка од ваков тип. Не знаев што да очекувам, а ме пречека онакво шарено место преполно со графити, постери од ивенти излепени еден врз друг, опкружено со галерии, уметнички работилници и една голема германска пивница во средина.
Меѓу цело ова има и едно мало тесно клубче со спуштен плафон и феноменално озвучување за да ти ги запуши вените со ниско наштимани мрсни рифови и интензивни басови. Стигнавме некаде додека свиреа италијанците Tons. Бендот го дознав непосредно пред фестивалот и не знаев што да очекувам, ама беа одличен вовед во тие што ги знаев и следуваа во текот на вечерта. Земавме некое сомнително пиво за хидрација и почнавме да се клатиме со останатата публика која веќе беше во занос од претходните саати што плански одлучивме дека ќе ги прескокнеме. Иако фестивалот беше стигнат до вториот бенд од најавениот лајн-ап, целата дешавка почна лабаво уште рано дента.
После Tons следуваше мала пауза за да се намести легендарниот Ник Оливери со неговиот акустичен сет, па излеговме пак надвор малку да покиснеме на дожд и да го поправиме впечатокот од пивото со некое подобро. По мала дебата дали Ник Оливери дреме со нас на шанк или е некој што изгледа идентично како него, се упативме внатре каде што вистинскиот Ник Оливери веќе беше почнат. Очигледно сите ќељави чичковци со брада ми изгледаат исто. Не сум слушал доволно Kyuss или Queens of the Stone Age за да бидам превозбуден за неговиот настап, ама Ник Оливери соло со акустична гитара беше многу позабавен од што очекував дека ќе биде.
Лом направен и весел, си исвире цел сет од песни што не верувам дека беа препознатливи за било кој во публиката, ама сигурен сум дека после години кариера и звучни бендови за тебе сакаш вака јако заебантски да се испукаш. Атмосферата веќе беше созадена од претходно, па некако само ѝ даде посебна нијанса. Добро интермецо измеѓу стандардното драње и дисторзии. Сигурно не е нешто што ќе го пуштам дома, ама би го гледал пак во секоја прилика.
Следни беа Acid Mammoth. Бенд кој всушност беше мојата инспирација да се отиде на овој стонерајски аџилак. Нивниот албум Under Acid Hoof ми е еден од омилените во последно време, па се наместивме малку понапред за да можат звучниците да нè оглуват прописно. Acid Mammoth се бенд од соседна Грција, не знам како до сега не свиреле во Скопје и рокаат дум метал што ги величи Black Sabbath и рифовите на чичко Тони Ајоми на најелегантниот можен начин. Испукаа феноменален сет, меѓу кои и баш тие наслови што дома ги имам изљуштено од слушање. Фалеа да се чујат во живо насловната "Under Acid Hoof" и "Berzerker", ама се надевам дека ќе ги гледам пак наскоро на посебен концерт.
Публиката тука некаде почна да се "штимa" за Belzebong, па клубчето во Urban Spree полека почна да го обвива уште погуста магла и мирис на вутра. Само што завршија Acid Mammoth излеговме заедно надвор со нив за јас да можам да ги замарам и да се сликам со нив. Бидејќи имав исконтактирано со бендот претходно, немаше потреба да објаснуваме кои се скопјаните дојдени да ги гледаат, па поседовме малку надвор со таткото и синот Бабалис да дискутираме за храната во нашите држави и кој како си поминува на фестивалот. Лабави комшиски муабети. Па, ајде наздравје, па да ни дојдете на гости, па фала фала ќе ви дојдеме и ние. Супер кул екипа се, најсериозно.
Си го набавив и Under Acid Hoof конечно на плоча директно од нив, зошто глупаците од Juno.co.uk претходно некаде ми ја истресоа нарачката на последната копија што им беше на залиха. Кога влеговме на Belzebong не се гледаше бела мачка, а ни прст пред око внатре. Публиката чади како Цементарница, бендот на сцена настапува со димна машина и зелени светла, Дамјан стои до мене, а не го ни гледам. Не го гледам инаку зошто имам некоја глупа инфекција на левото око, ама озбилно беше многу задимено. Цела облека зачадена со вутра, таман да ме надушкаат полициски кучиња на аеродром.
Belzebong распалија. Бавни надувани рифови, бука и театрален настап каков што прилега за хедлајнери на еден ваков тематски фестивал. Единствениот контакт со публиката им беше кога ги вртеа инструментите кон нас кои спелуваа SMOKE OR DIE (колку што можеше да се прочита од целиот чад) измеѓу песните. Без вокали, без семплови, само стегнато прљаво грмење долги и спори стонерајки. Веројатно еден од најинтензивните бендови со марихуана како тематика што можеш да ги искусиш во живо, без разлика дали си немирен тинејџер или старо аро.
Некако се прибравме кај Дамјан дома, малку освежени од дождот и секој глув на различно уво ама пресреќни од првиот фестивалски ден. Вториот ден Heavy Psych Sounds Fest се одржа на поширок простор, Kreuzberg Festsaal, место што исто има огромен двор со место за седење, а дури и внатре има сепариња ако сакаш да се спружиш. Имаше повеќе бендови, ама дојдовме малку покасно зошто ни требаше подолг одмор после првиот ден. Се нацртавме баш за тие што ни беа познати од претходно. Lords of Altamont беа прилично досадни во живо, со настап што не ни беше баш по вкус, па ги отседовме надвор на времето што ете тој ден реши дека нема да врне.
No comments:
Post a Comment