Се обидов да го оправдам новиот Нинџа Желки филм уште месеци пред да излезе. Сега откако го гледав сум веројатно еден од ретките што мислат дека филмот е добар и крајно забавен. Особено на не толку забавни денови кога се осеќаш како универзумот да исчистил јавен нужник со твоето испотено голо тело. Ако ништо друго, го постигнува сето она што, пример, Transformers не успеа да го долови. Споредбата не е случајна, со оглед на тоа што двата имаат сличен извор со кој сме биле во контакт додека сме растеле, и покрај тоа што едната франшиза е базирана на стрип, а другата на играчки. Мајкл Беј и Меган Фокс (која апсолутно не е веќе тинејџерка), се веројатно не толку битната случајност.
Сепак, за филмот да ти кликне треба да прифатиш многу ствари, односно дупки во повеќе сегменти, бројни како неколку голф терени. Прво нешто се лимитираните актерски способности на Меган Фокс, најмногу изразени пред појавувањето на Желките во филмот, а тоа се некои добри дваесет минути. За среќа, има очигледни причини поради кои што мораш да ѝ прогледаш низ прсти, бар додека ти дојде следната ствар за помирување која би го направила филмот лош. Њујорк е град буквално тероризиран од .. кхм, терористичка организација со која не може да се справи никој освен четири антропоморфни нинџи со потекло кое само по себе е уште една работа со која ќе пробаш да се помириш. Понатаму, веќе ништо не ти е битно, ни тоа што Меган Фокс не знае да изглуми најобична насмевка, ниту секое следно клише во приказната кое си го видел милион, милион пати до сега. Но, еј, филмот е очигледно наменет за деца што допрва треба да почнат да разликуваат квалитетни филмски дела од генерички холивудски компјутерски генерирани експлозии и желки. За нас, големите деца е веројатно привилегија, доколку си го наметнеме како такво. Меганфоксплоатацијата е уште една ствар ставена тука за нас.
Откако ги елеминирав повеќето (објективно) лоши страни на филмот, да се фокусирам на она што го прави интересен. Најочигледното, Нинџа Желки е! Не е ништо полош од старите филмови, колку и да ја романтизираме носталгијата. Ми се свиѓа како изгледаат Желките, го прифаќам лабавиот хумор и референците кон модерната поп-култура во секоја трета нивна реченица, и супер е што е спакувано во саат и пол, наспроти "стандардните" два и кусур кои често знаат да бидат досадни. Не дека е совршено темпирана секоја секунда, туку немав никаква можност да станам и да варам кафе додека се тепаат со роботскиот Шредер.
Ова би требало да е почеток на нова трилогија, на чиј воз сум веќе удобно сместен. Вториот дел е најавен за 2016, со Бибоп и Рокстеди, и опција за Кренг. Радо би го гледал ова, отколку Трансформери или катастрофални обиди за адаптации на совршени анимирани серии на Nickelodeon. Мислам на The Last Airbender секако, ама зошто немам пост за линкање еве неповрзана слика од Никелбек тремпстемп.
No comments:
Post a Comment